Достапни линкови

Наташа Милованчев со ликовна изложба во берлинскиот Прима Центар


„Кодирани предели 3“ е насловен новиот циклус на колажи што од утревечер до 8 ноември ќе и биде претставен на ликовната публика во изложбениот простор на „Прима центар“ во Берлин.

27 дела, настанати во текот на оваа година, ќе се најдат на изложбата на Наташа Милованчев што во наредниве две недели ќе се случува во германската метропола. Македонската уметница, во изложбениот простор на берлинскиот „Прима центар“, ќе ја претстави својата нова, трета серија од циклусот „Кодирани предели“ што започна да го работи во 2007 година.

Направив еден сосема нов циклус кој на некој начин е трето продолжение на истиот насловен како „Кодирани предели“. Станува збор за дела изработени во комбинирана колаж техника на хартија. Тука некако се обидувам преку компонирањето на просторната структура и нејзиното силно делување на човековото постоење, преку артикулација на просторот на колажната површина, да изнесам некои свои длабоки согледувања, на некој начин да го резимирам тој долг процес на себеистражување, на себедоживување во просторот.
Наташа Милованчев, сликарка.
Направив еден сосема нов циклус кој на некој начин е трето продолжение на истиот насловен како „Кодирани предели“. Станува збор за дела изработени во комбинирана колаж техника на хартија. Тука некако се обидувам преку компонирањето на просторната структура и нејзиното силно делување на човековото постоење, преку артикулација на просторот на колажната површина, да изнесам некои свои длабоки согледувања, на некој начин да го резимирам тој долг процес на себеистражување, на себедоживување во просторот“, истакнува сликарката.

М-р Бојана Јанева во пресрет на изложбата ќе запише дека со овој циклус Наташа Милованчев уште еднаш се афирмира како истражувач на магијата и убавината на стапките кои произлегуваат од потребата да се разберат постоечките односи во непосредната околина, а со тоа можеби и да им се даде смисла и цел во светот на настаните.

Уметницата, од своја страна, говорејќи за условите и времето во кое твори, за стеснувањето на просторот за сите нас, ја акцентира потребата од зачувување на достоинството и на внатрешната духовност.
Кога велам потреба мислам на нашата внатрешна потреба да се разберат овие постојни животни односи во непосредната околина, па и на некој начин, таа моја лична потреба да се внесе некој смисол и ред во случувањата преку сопствена ликовна визуелна поетика.
Наташа Милованчев, сликарка.

„Низ вековиве наназад човекот живеел во разно-разни услови, меѓутоа, пак, тука се работи за тоа колку сме моќни самите да пружиме отпор на сето она што не притиска однадвор, а што е можеби банално и гротескно во краен случај, на сета таа иронија на животот, а притоа да останеме достоинствени и да ја зачуваме внатрешната духовност. Во овие темнини што се случуваат околу нас да зачуваме едно зрно светлина!“

Милованчев дополнува дека не планира однапред како ќе се одвива нејзиното идно творештво и забележува дека со „Кодирани предели“ спонтано ќе остане сè додека постои таа длабока потреба во неа да создава или да се надоврзува на она што веќе го има насликано во овој циклус.

„Кога велам потреба мислам на нашата внатрешна потреба да се разберат овие постојни животни односи во непосредната околина. На некој начин да се внесе некој смисол и ред во случувањата преку сопствена ликовна визуелна поетика.“

Инаку, Наташа Милованчев е член на ДЛУМ од 1994 година и досега има реализирано повеќе самостојни и групни изложби, како и бројни меѓународни ликовни работилници во земјава и надвор од неа. Нејзините слики досега ги има видено ликовната публика во Париз, Софија, Подгорица и Белград, а од изложбата во берлинскиот „Прима центар“ уметницата очекува нови контакти кои ќе и овозможат идни пожелувани средби со љубителите на уметноста на глобално ниво.

Кон ова само уште информацијата дека таа, освен со сликарство, се занимава и со театарски и графички дизајн. Добитничка е на две национални награди за сликарство и плакат, а работи како доцент на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG