Достапни линкови

По трет пат џез фестивал Кавадарци


Кавадарци џез фестивал, официјален постер.
Кавадарци џез фестивал, официјален постер.

Со учество на познати македонски и европски музичари и уметници, во деновите од претстојниот викенд , во манастирскиот комплекс „Свети Никола“ во Ваташа, ќе се одржи третото издание на интернационалниот Џез фестивал Каварадци.

За отворање на третото издание на манифестацијата е предвиден настапот на триото на Георги Шарески. Македонскиот џез гитарист овојпат ќе настапи придружуван од Оливер Јосифовски на бас, Александар Петров на тапани и од својот стар пријател и музички собеседник – одличниот италијански саксафонист Франческо Беарѕати.
Георги Шаревски, гитарист.
Георги Шаревски, гитарист.

Се потрудивме, онолку колку што можеме, да донесеме гости од странство за да фестивалот ги надмине националните рамки и прерасне во интернационален.
Александар Петров, селекторот на програмата на фестивалот..
Првата вечер од ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ КАВАДАРЦИ 2012 ќе кулминира со перформансот на бендот на пијанистот Васил Хаџиманов, состав кој во соседна Србија зад себе има четири одлични албумски објави, а во нашава земја доаѓа по неколкугодишна пауза.

Александар Петров, тапанар.
Александар Петров, тапанар.
Во сабота, случувањата во манастирскиот комплекс „Свети Никола“ во Ваташа, ќе започнат со реализацијата на новиот музичко-сценски проект „Поезија, танц, музика“ на Мари Петров. Француската тромбонистка, која патем живее на релација Париз – Скопје, во соработка со танчерката Марго Д-орлеан и придружувана од басистот Петер Херберт и пејачката и перкусионистка Арабел Карајан од Австрија, ќе се обиде да ја поведе публиката на едно навистина интересно мултимедијално патешествие во кое наново се вкрстуваат уметностите.

Зачнатата размена, пак, на емоции и енергии се очекува да ја доведат до усвитување членовите на интернационалната џез-дружина „Баце трио, квартет“ во која покрај Петров и Хаџиманов ќе бидат и Херберт, виолинистот Газменд Бериша и големиот бугарски мајстор на кавал Теодосиј Спасов.
Тоа за мене е најинтересната работа затоа што во музицирањето на секоја од групите присутно е влијанието од странство, но во самата музика има македонска душа. Ете по тоа е уникатен овој фестивал.
Дејв Вилсон, музичар.

Конечно, третата вечер, ќе ги понуди перформансот на Австриецот и басистот Георги Дончев, потем ќе музицира „Мари Петров квартет“ во кој покрај стандардната постава се и контрабасистот Александар Икономов и американскиот саксафонист Дејв Вилсон, а длабоко во ноќта публиката ќе ја забавуваат „Аутмајнд“ и диџеите Џови и Флоријан Гроувел.

„Се потрудивме, онолку колку што можеме, да донесеме гости од странство за да фестивалот ги надмине националните рамки и прерасне во интернационален“, објаснува селекторот на програмата Александар Петров.
Васил Хаџиманов бенд.
Васил Хаџиманов бенд.

Тој дополнува дека заради откажување на дел од спонзорите не е реализирана ни третина од планираниот концепт, но вели дека со искуството од ова издание уште веднаш ќе ги започнат подготовките за в година.

Дејв Вилсон, кој цела една декада го практикува џезот со мнозина од македонските музичари, забележува дека уникатноста на овој фестивал му ја даваат неговите учесници – особено фактот што секој од нив има одредени релации со локалната сцена.

„Тоа за мене е најинтересната работа затоа што во музицирањето на секоја од групите присутно е влијанието од странство, но во самата музика има македонска душа. Ете по тоа е уникатен овој фестивал.“

Со сличен став е и Мари Петров, која откако ќе си припомни дека и самата многупати имала можност да се дружи и музицира со мајстори како Спасов, Беарѕати, Херберт, Вилсон ... токму на сцените во земјава, забележува дека така на најтопол човечки начин се случува комуникација помеѓу културите.

„Не е работата само да се сретнеме, да настапиме и потем секој да се замине на своја страна. Овде се случува вистинска средба. Се запознаваме, свириме и ги разменуваме нашите културни добра.“

Кон ова уште информациите дека за време на фестивалот ќе бидат реализирани и неколку работилници во Кавадарци, влезот за сите вечери ќе биде слободен, а за љубителите на џезот од неколку градови од Македонија ќе биде организиран и бесплатен автобуски превоз до местото на одржување на концертите.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG