Достапни линкови

Северна Кореја - Маршал Ким Џонг Ун


Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун е прогласен за маршал на армијата, највисок воен чин во земјата. Тоа е уште една во низата титули со што тој ја зацементира својата моќ во изолираната и сиромашна држава со милион и двесте илјади војници.

Одлуката била донесена вчера, но објавена денеска од државните медиуми и доаѓа откако од сите функции беше разрешен шефот на Генералштабот Ри Џонг Хо.
Ким Џонг Ун со пушка.
Ким Џонг Ун со пушка.

Култот на личноста околу семејството Ким, навистна се пренесе на Ким Џонг Ун.
Даниел Пинкстон, Меѓународна кризна група.
Со новата титула се комплетира еволуцијата на Ким Џонг Ун по смртта на неговиот татко Ким Џонг Ил во минатиот декември. Тој веќе е на чело на Работничката партија на Кореја и прв претседател на моќната Комисија за национална одбрана.

Ким, за кого се верува дека има помалку од 30 години, постојано работеше да се зацврсти на врвот на раководството на Северна Кореја.

Клучот на владеењето на Ким е семејната лоза која се протега до неговиот дедо Ким Ил Сунг, кој е основач на Северна Кореја и кој се уште е почитуван во земјата како вечен претседател.

„Култот на личноста околу семејството Ким навистна се пренесе на Ким Џонг Ун“, вели за Ројтерс Даниел Пинкстон од Меѓународната кризна група кој деновиве престојуваше во Пјонгјанг.
Сите се согласуваме дека Северна Кореја ги прекршува нејзините меѓународните обврски и оти мора да и се врати на меѓународната заедница. Но, таа цел нема да биде постигната доколку ги продолжи провокативните акции.
Барак Обама, претседател на САД.

Северна Кореја во деведесетите години беше погодена од глад, бидејќи нејзината економија беше уништена по распадот на нејзиниот главен поддржувач, тогашниот Советскиот Сојуз. Земјата е речиси целосно изолирана по меѓународните санкции поради контроверзната нуклеарна и ракетна програма.

„Сите се согласуваме дека Северна Кореја ги прекршува нејзините меѓународните обврски и оти мора да и се врати на меѓународната заедница. Но, таа цел нема да биде постигната доколку ги продолжи провокативните акции“, изјави деновиве американскиот претседател Барак Обама.

Краткиот мандат на Ким Џонг Ун по смртта на неговиот татко, барем така изгледа, се разликува од поранешното строго лидерство што ја вовлече земјата во изолација, сиромаштија и голема политичка репресија.

Имено, откако измина официјалната жалост, најмладиот Ким кој некогаш владеел во Северна Кореја, беше забележан како се смее со старите генерали и како радосно гестикулира на воената парада, а најголемиот шок за сите беше тоа што тој почна да зборува во јавност.

„Знамето на Сонцето на нашите големи другари Ким Ил Сунг и Ким Џонг Ил ќе се вее засекогаш пред нас, ќе не охрабри и ќе не доведе до нови победи“, рече севернокорејскиот лидер.

Повеќето Севернокорејци никогаш не го слушнале неговиот татко да зборува.

Неодамна во придружба на Ким се појави и мистерозна млада жена за која се шпекулира дека му е сопруга. Некои медиуми, пак, наведоа дека станува збор за омажена поп пејачка која пред десетина години имала романтична врска со Ким Џонг Ун.

Двајцата претходни владетели беа именувани за генералисумиси на севернокорејската војска, еден од највиските чинови во светот.

Инаку, на отстранувањето на началникот на Генералштабот Ри се гледа како на чистка, бидејќи беше заменет со релативно непознат офицер Хионг Џонг Чол кој го доби чинот заменик маршал.

Експертите сметаат дека последните потези повеќе имаат за цел да се сменат чуварите околу младиот лидер, отколку некакви фундаментални промени во политиката на Северна Кореја.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG