Достапни линкови

Неделен печат - Хашката пресуда и странските инвестиции


Фокус се осврнува на пресудата во Хаг, а Глобус на странските инвестиции кои владата ги брка со години

Фокус - Странците го пишманија Груевски од „спонтано“ народно славје

Едиторијалот на Фокус е посветен на што друго ако не на хашката пресуда во корист на Македонија, во судскиот процес Македонија версус Грција, што траеше три години. Авторот смета дека странците го пишманија Груевски од организирањето „спонтано“ народно славење на хашката пресуда, при што зборот спонтано е во наводници. За потоа да напише:

Власта не повика на славје по плоштадите, а тоа не личи на Груевски, кој обожава да се чалами и со непостигнати резултати. Види чудо, тој не сакал триумфализам, оти не било време да се однесуваме како победници кон поразени. Што му стана на човеков? - прашува Фокус и продолжува со зачуденоста:
Власта не повика на славје по плоштадите, а тоа не личи на Груевски, кој обожава да се чалами и со непостигнати резултати. Види чудо, тој не сакал триумфализам, оти не било време да се однесуваме како победници кон поразени. Што му стана на човеков?
Фокус.

Зарем е можно одеднаш да почнал со слушање на пораките од Вашингтон, кој ја минимизираше пресудата уште пред да биде донесена? Па додава дека сите оние кои не се скарани со реалноста добро знаат дека нема некое големо фајде од хашкиот триумф. Од трите наши барања победивме во две, но, за жал, загубивме во најважното: Меѓународниот суд одби да и' наложи на Грција да не го блокира нашиот прием во НАТО. Губењето по третата точка го бетонира исходот од кој нашата власт сака да избега по секоја цена. Сега постои и судска пресуда која наложува компромис за името што е сосема спротивно од намерата на Груевци со Атина да си разговараме во недоглед, а тоа да не се одрази на нашите интеграции! - извикува Фокус.


Глобус - Владата со години брка странски инвестиции

„Власта ги бркаше странските инвеститори со години, а сега ги бара на Далечниот исток“- е насловена анализата на Глобус за постапките и однесувањето на Владата на Груевски кон докажани и со меѓународен кредибилитет странски инвеститори. Она што е карактеристично за владеењето на двоецот Груевски-Ставрески во економијата може да се нарече обид за овладување со киловатите, наведува неделникот за да продолжи со својата теза дека тоа требало да се направи со контрола на увозот на струја, тој да биде сочуван во доволно исплатливо количество киловати, а од друга страна, да се детерминира изградбата или адаптацијата на внатрешните извори на струја.

Откажувањето на мега-проектот со ТЕЦ Неготино, добиен за време на премиерството на Бучковски, за потоа да се распише тендер околу кој имаше многу сомнителни и скандалозни одлуки одеше во таа насока: подобро да увезуваме струја отколку „нашите да не победат“.

Неделникот заклучува дека со негирањето на легално склучен договор со крупен странски инвеститор, каков што е ЕВН, и со негативен однос кон се' што влегло во земјата „во време на СДСМ“ Груевски создал имиџ кој не може лесно да се избрише, особено во време на глобална економска криза. Глобус наведува дека додека премиерот лобирал во Сингапур и во Јапонија за странски инвестиции во Македонија, САД ваквите напори ги оценувале како „празна реторика“ откако без никаква логика е откажан инвестицискиот договор вреден стотици милиони долари - само затоа што не победила компанијата фаворизирана од власта.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG