Г-дине Стефаноски, изминативе денови излегоа информации со кои измените во законот за радиодифузија се поистоветуваат со закон од други земји кој може да биде лош и со него да се контролираат медиумите. Дали овој закон е како закон во други земји или е нешто друго?
Измените на законот за радиодифузна дејност се прават веќе подолго време. Повеќе држави во Европа веќе го имаат направено тоа. Се разбира земјите членки на ЕУ ја имаат таа обврска, ние ја немаме, но мора да ги следиме и се разбира нашите соседи и целото европско семејство, бидејќи не би сакале да останеме настрана од таа процедура што значи ново законодавство. Законодавецот се одлучи да се земе хрватското искуство и закон како терк по кој што ќе работиме, но тоа апсолутно нас не треба да ни биде и водилка за тоа како ќе го направиме нашиот закон, затоа што тврдам дека македонскиот медумиски пејзаж и хрватскиот, апсолутно немаат никаква врска, ние сме сосема различни и затоа мора да го прилагодиме својот закон кон нашето медиумско опкружување и потреби. Но, го земавме тој закон затоа што сепак е добро да имате некаков пример па да одите барем дел по дел, да ги следите деловите, а да ги прилагодувате согласно своите потреби. Досега имаме неколку делови направено, ние имаме многу амандмани дадено на постоечкиот закон, конкретно работиме на делот што се однесува на програмските стандарди, рекламирање и телешопинг, на казнените одредби, на регулирање на операторите на јавни комуникациски мрежи, авторските права и медиумската концентрација.
Дали овој закон е обид да се контролираат медиумите и што вие забележавме во одредени решенија кои што се содржани во овие измени?
Не знам кој што ќе се обиде да направи, но знам што ние ќе спречиме. Апсолутно не доаѓаат во предвид две клучни работи. Прво, да се изгуби слободата на изразување на медиумите, тоа е загарантирано право на секој медиум и регулаторот не е цензор, тој е регулатор и ќе ја регулира областа, но нема да ја цензурира. Уредувачката политика, целокупната и посебно информативната програма, е прашање на самиот медиум. Ја споменав слободата на изразување, да напоменам и дека не смее со новиот закон да се изгуби, наруши или ослабне независната позиција на Советот за радиодифузија. Ние сме регулатор избран по еден од најдемократските теркови избран во Европа, така барем европјаните зборуваат за нас, може да се менува бројот, може да се менуваат овластените предлагачи, но никако не доаѓа во предвид да некоја институција предлага како што во случајот беше кажано владата или собранието, да предлагаат дел од нашите членови, никако тоа не смеаат да го прават центрите на политичка моќ и тоа е и поентата на целата оваа независност. Таа независност треба само да се зголеми со овој закон што сега го носат, а никако да се доведе во прашање.
Дали законските измени треба да предвидат, односно предвидуваат решенија кои ќе го регулираат она што редовно се покажува како проблематично, а тоа е огласувањето реклами на владините кампањи што се критикува како средство за владино корумпирање на медиумите?
Дефинитивно сметам дека владините кампањи влијаат врз нерамноправноста на медиумите бидејќи тие се насочени кон конректни медиуми, значи конкретно се поддржуваат одредени медиуми, односно не се поддржуваат некои други. Сето тоа ги става медиумите во многу нерамноправна положба од финансиски аспект, бидејќи тоа не се само кампањи од јавен интерес коишто бесплатно се емитуваат, туку се и владини кампњи што се плаќаат и кога еден медиум ги добива тие средства, а останатите не, значи немаат еднакви стартни основи.
Тоа се сепак буџетски пари од граѓаните и дали тоа треба да се контролира. Дали сегашните измени во законот предвидуваат измени во тој дел?
Не е во законот. Законот и подзаконските акти предвидуваат само забрана за емитување владини кампањи за време на избори, во останатиот период тоа апсолутно не е регулирано со закон, така што она што не е забрането е дозволено.
Може дополнително да се вметне ова?
Видете за да ја намалам паниката, или пак себе си да си ја намалам паника, сега се работи сепак на една драфт верзија која ќе биде груба скица и идеја на она што би требало да биде нов закон. Имам впечаток дека понекогаш на теренот се сите тука и регулатори и политичари и публиката, но не и играчите и мислам дека ќе има и од страна на експертите и од страна на радиодифузерите, но и од страна на меѓународната јавност, забелешки кои што ќе бидат имплементирани се надевам се со цел да се направи законот поефикасен и поспроведлив.
Сегашното законско решение предвидува политичките партии да не се сопственици на медиумите, но се наоѓаат индиректни начини за нивно влијание врз медиумите. Дали законското решение предвидува измени во овој дел со оглед на тоа дека се врши притисок?
Законот ќе мора да се направи многу поконкретен и поригорозен во однос на ова прашање, бидејќи дефинитивно лица кои што се на јавни функции, политички партии, органи на локална самоуправа итн, не смеат да бидат сопственици на медиуми. Тоа ќе остане се надевам и понатаму бидејќи реално е дека сопственикот на медиумот доколку е на јавна функција и доколку е близок на одредена политичка опција, сигурно ќе го употреби или злоупотреби својот медиум за потребите на таа политичка опција, значи тоа е нормално и тешко е да се остане објективен во такви околности бидејќи гледате самите, колку медиумите им се потребни на политичките партии во оваа држава.
Од Брисел имаше забелешки дека има проблеми во слободата на медиумите. Во колкав степен овие измени во законските решенија, соодветствуваат со овие забелешки?
Законот има доста слабости, но тие не се главна причина за негова промена, бидејќи директивата за аудио визуелни медумски сервиси и услуги е најважниот документ со кој што треба да се хармонизира домашното законодавство, го користиме моментот практично. Она што Брисел како забелешка го даде до Советот околу слободата на изразување, тоа го коментирам како нивна забелешка врз основа на тоа што тие го гледаат кај нас на терен, значи не треба никој посебно тоа да им го објасни, бидејќи доволно е да пуштите неколку национални телевизии и ќе ви стане јасно како се движат работите. Но, од друга страна тука се забелешките и во однос на медиумската концентрација, значи недоволно разбработен сегмен на законот и недоволно ингеренции на самиот Совет за радиодифузија, а би рекол и недоволно вклучување на останатите институции бидејќи не е доволен само Советот за да ја утврди медиумската концентрација. Второто прашање беше притисокот кој што доаѓа до Советот од страна на центрите на економска и политичка моќ. Би рекол дека, да доаѓа притисокот, секогаш постои, сега е можеби поизразен, но тој можеби и не е толку страшен, страшно е ако ние подлегнеме на притисокот, а до сега не сме го направиле тоа и се надевам ќе издржиме до крај и само ќе ја потврдиме независноста на Советот.
Јавниот сервис треба да биде наше најнезависно медиумско тело, потребни ли се измени во органите и телата на јавниот сервис?
Советот на МРТВ го избира Управниот одбор, којшто е потполно исполитизиран за жал, а тие пак ги избираат двајцата извршни директори коишто нормално се уште повеќе исполитизирани. Јавниот сервис зависи од парите на владата, од буџетските пари. Сега радиодифузната такса почна некако да се собира со овие заплашувања од извршители, но сепак и да се собере во целост, таа нема да биде доволна за МРТВ да ја обавува својата функција. Вие немате дигитална опрема, нема дигитален сигнал, значи немаме мултиплекс преку кој ќе пренесуваме... значи огромни средства се потребни бидејќи кога би ги имале тие предуслови би можело со ова финансирање да продолжи да работи јавниот сервис, но истовремено да ги плаќате програмите, плати, трошоци за таа телевизија, а да набавувате дигитална опрема, па потребно е да се опремуваат студијата, да имате својата продукција, тоа е многу скап процес и затоа тие сеуште зависат од парите и средствата што ќе им ги даде владата од буџетот и се додека некој ви дава пари вие сте зависни од тој некој. Неможе да зборуваме за независност на јавниот сервис, непочна ова од денеска, ова е веќе со години затоа што со години го користеа јавниот сервис како мегафон на секој што е на власт, но сега разликата е во тоа што покрај тој јавен сервис си најдоа и други мегафони за да се слуша подалеку нивниот глас. Инаку велам ако не се согласат сите политички субјекти, целата држава да се направи еден генерален план за реанимација би рекол на јавниот сервис, нови студија, современа опрема, дали преку донаторска конференција или од буџетот би се одвоиле средства, незнам, но дотогаш неможеме да зборуваме ниту за успех, ниту за независност.