Достапни линкови

Неделен печат


Весници, неделници, магазини...
Весници, неделници, магазини...

Досиејата за соработниците со тајните служби, таканаречената афера ,,Словенечка врска" главни теми во неделените весници.


Зошто Бранко молчи?

Лидерот на СДСМ и поранешен претседател на државата, Бранко Црвенковски како главна ѕвезда во најновите изданија на неделниците: Во ,,Фокус,, на насловната, фотографија на Црвенковски со Али Ахмети и констатацијата дека ,,Историјата на 2001-та допрва ќе се пишува, и прашањето ,,Зошто молчи Црвенковски за досиејата во дворот на Али Ахмети?,,.
Неделникот забележува дека до конфликтот во 2001-та, Црвенковски водел остра политика кон Албанците.
На нивните демонстрации во Мала Речица и во Гостивар, одговори дури и со оружје, потсетува ,,Фокус,,, а пред да влезе во Владата на Георгиевски, бараше и пожестоко справување со ОНА. Потоа веднаш ја сврте плочата и наместо жестока реакција, бараше преговори со Ахмети. ,,Фокус,, завршува со инсинуативни прашања: со која магија го ќариле Американците Црвенковски или, пак, тој добил контракоманда од друго место, откако стана јасно дека Западот ја сече почетната идеја на Ахмети.

Словенечка врска

,,Форум,, исто така со фотографија на Црвенковски пишува за ,,Словенечката врска,, -поточно, за видео-клипот што деновиве се појави на порталот Јутјуб кој предизвика политички земјотрес во и онака распламтената атмосфера во домашната политика.
На сопственото прашање зошто информацијата ги вознемири главните луѓе на ,,Бихаќка,, неделникот одговара со прашање:
На што се трошеле парите на даночните обврзници? Ако целта била промоција на државните интереси, сето тоа било легитимно, но ако бил личен или партиски ПиАр станува збор за злоупотреба на позицијата и незаконско и ненаменско трошење средства. Институциите допрва треба да истражат дали станува збор за личен ПиАр на Црвенковски, затоа што објавениот документ-стратегија од словенечките аналитичари кажува дека е посветена на неговите односи со јавност, или, пак, документот навистина имал за цел да и' помогне на земјата да ги оствари евроатлантските аспирации, заклучува ,,Форум,,.

Македонија ја колне Европа?

Со обвинувачки настроен текст под фотографијата на премиерот Груевски и на претседателот Иванов во гро-план на насловната излезе најновиот број на ,,Глобус,,: Скопските атентатори против Европа и Македонија, и како појаснување: ,,Сто години по гемиџиите Македонија ја колне Европа, наместо да се колне во Европа,,.
Во текстот, покрај другото, авторот го поставува прашањето: ,,Сте се прашале ли зошто е на дневен ред идентитетот на Македонија, а не некој друг идентитет? И колку нашиот идентитет ги произведува овие ексклузивни вниманија? Сума сумарум, авторот смета дека македонството ќе се самоукине, затоа што по дефиниција тоа е елемент што себеси се разбира како жртва која не може да живее без своите непријатели, дури и по цената на својата смрт.
Со таква историско-политичка и културна капацитираност ние можеме да бидеме една интересна поетска или фолклорна фигура, но не и политичко-историска категорија, резигнирано констатира авторот на текстот во ,,Глобус,,.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG