Достапни линкови

Неделен печат


Неделен печат
Неделен печат

„Четиригодишен курс за уништување на Македонија“, пишува неделникот Глобус во наслов на анализата за состојбите во земјава под власта на Груевски. Форум анализира – без оглед кој прв почна, дали Мартин со писмото или Бучко со туркањето полицаец, кој сака точно да ги чита дипломатските пораки, многу јасно може да прочита силна опомена: Доста е плачковци, вразумете се, сите сте исти! Фокус, пак, прашува како може лицето Никола Груевски, кое некогаш беше министер во владата на, како што пишува, бугарашот ем апаш, Георгиевски, денес неказнето да се претставува како чесен политичар и најголем Македонец, од Александар па наваму!

Глобус: „Четиригодишен курс за уништување на Македонија“

Неделникот смета дека никогаш во историјата на нашиов регион, освен можеби со распадот на Југославија, една земја не фрлила, не уништила и самосвесно не се откажала од толку многу за да добие толку малку, речиси ништо, за сопствена штета. Авторот на анализата државава ја нарекува „Вагон“. Зошто? Бевме лидер во регионот, земја која од година в година правеше нешто ново и постепено напредуваше. Денес сме последниот вагон или сме откачен вагон кој оди во спротивната насока од локомотивата – одговара Глобус. Но и во поднасловот на анализата во Глобус, авторот нагласува дека, како што десницата не заслужува трета шанса, така ниту левицата нема право третата шанса да ја прокоцка.

Форум: „Плачковци“

Во најновиот двоброј, (неделникот ,,Форум,, и годинава продолжи со истата практика од лани, во јули да излегува двонеделно), посветува текст на последните случувања во македонското Собрание, а го насловува со потсмешлив наслов „Плачковци“. Без оглед кој прв почна, дали Мартин со писмото или Бучко со туркањето полицаец, пишува авторот, кој сака точно да ги чита дипломатските пораки, многу јасно може да прочита силна опомена: Доста е плачковци, вразумете се, сите сте исти! Форум потсетува дека е долг историјатот на немање чувство кај македонските политички „елити“ за елементарна политичка култура и цивилизиран дијалог и притоа само се менуваат со цикличната смена на власт и опозиција, а грешките постојано се повторуваат. Дел од политичките аналитичари оценуваат дека проблемот е во изместената матрица на поимање на политиката, наведува Форум, за да заврши со заклучокот на еден аналитичар кој смета дека лекот е делувањето на посвесна и поодговорна јавност на сите нивоа, којашто мора да ја издејствува доблеста на политичарите да ги прифатат аргументите на на опозицијата, без оглед која структура е на власт во моментот, и со својот песимистички заклучок дека како што стојат работите, овој рецепт за излез сега изгледа како невозможна мисија.

Фокус „Груевци тотално пролупаа“

„Груевци тотално пролупаа“, вели во насловот авторот на уводникот во Фокус. Зошто? Па продолжува со прашањето што го постави владејачката партија во своето соопштение. Имено, дали лицето Абдулменаф Беџети кое некогаш било министер во владата на Бранко Црвенковски, денес смее да биде претставувано како независен експерт? (Како потсетување, Беџети јавно на една телевизија го критикуваше новиот закон со кој Владата може дури по една година да им ги враќа долговите на домашните фирми на кои им должи милионски суми евра.) Се разбира, не смее, одоговара иронично неделникот. Да беше поинаку, пишува понатаму авторот, тогаш лицето Никола Груевски, кое некогаш беше министер во владата на, како што пишува, бугарашот ем апаш, Георгиевски, денес неказнето ќе можеше да се претставува како чесен политичар и најголем Македонец, од Александар па наваму! – заклучува Фокус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG