Достапни линкови

ОН пасивни за кршењето на човековите права


Женева - Демонстрации против иранскиот режим
Женева - Демонстрации против иранскиот режим
Целта на самитот во Женева, кој го организираа невладините организации за човекови права, е да им се даде публицитет на жртвите на најголемите кршења на човековите права. Меѓу учесниците на самитот е и лидерот на ујгурите во егзил Ребија Кадер и поранешната авганистанска министерка и кандидат за претседател во 2004-та, Масуд Џалал. Говорот на Џалал беше фокусиран врз правата на жените во Авганистан и проблемите со кои тие се соочуваат секојдневно.

„Вистинскиот фактор кој им отежнува на жените да се едуцираат, е лошата безбедност во училиштата и на патиштата. Има многу инциденти и закани, па дури и на некои девојки им се фрла киселина во лицето. Тоа се доволни причини, многу родители да престанат да ги пуштаат своите девојчиња да одат на училиште.“

Состојбата со човековите права во Кина е високо на агендата на самитот. Посебно, владините притисоци врз малцинствата на Тибет, како и цензорирањето на Интернет. Јанг Џиан Ли, учесник на демонстрациите на Тијанмен, Пекинг, во 1989-та година и поранешен политички затвореник, вели дека и покрај сите напори на владата, невозможно е интернетот да се стави целосно под контрола.
Женева - Седница на Советот за човекови права на ОН

„Наскоро ќе има толку многу дупки во големиот ѕид, што ќе биде невозможно да се затворат. Без способноста да се контролира интернетот, Кина нема да може да ја контролира волјата на милијарда кинески жители. Владејачката елита ќе биде соборена, а тоа нема да биде Зелена или Кадифена револуција, туку Сајбер револуција.“

Меѓу другите топ теми е и Иран, а еден од говорниците е и вереникот на Неда, иранската девојка која стана симбол на опозициските протести во Иран. Таа беше убиена во Техеран, а нејзиниот вереник Каспиан Макан, беше на кратко затворен, а потоа ја напушти земјата. Од самитот во Женева е испратена порака и до Комитетот за човекови права на Обединетите Нации, кој исто така е во Женева, дека неговата политизација и поделбите при гласањето, доведува до тоа да нема реакции ниту на тешките случаи на кршење на човековите права во светот. Инаку, во рамките на самитот на невладините организации се одржуваат и сесии за обука на активистите за човекови права, како и за поефикасно користење на интернетот за глобална промоција на правата на луѓето.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG