Достапни линкови

САД и Русија можат да соработуваат


Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евро-Азија, Филип Гордон, деновиве сведочеше во подкомитетот за Европа во Претставничкиот Дом, за новите односи меѓу Соединетите Држави и Русија. Тој нагласи дека администрацијата на Барак Обама настојува да соработува со Русија за прашања од заеднички интерес, но ќе продолжи да ја критикува Москва за непочитувањето на човековите права и слободата на медиумите.

Обраќањето на Филип Гордон всушност беше извештај до американските законодавци за резултатите од самитот Обама – Медведев, неодамна во Москва. Еден од клучните ефекти од самитот е согласноста за замена на договорот за намалување на нуклеарното оружје, СТАРТ, кој истекува во декември. Гордон исто така информира дека била искажана решеност и од двет страни да дејствуваат заеднички против екстремизмот, трговијата со дрога и пиратството. Договорена е и воена соработка, како и транспорт на трупи и продукти низ Русија за подршка на НАТО мисијата во Авганистан.

“Значењето на ова учество во нашите напори да обезбедиме мир и стабилност во Авганистан, што е бенефит и за Русија, не треба да се потценува. Мислам дека ова е одличен пример како две земји можат да соработуваат во заеднички интерес и без условувања”.

Друга област на договорена соработка е нуклеарната заканата од Иран и Северна Кореја, како и преиспитувањето на планот за анти-ракетниот штит во Европа. Членот на Претставничкиот Дом Албио Сирез, од Демократската Партија посочи дека при неговата последна посета на Русија се сретнал со претставници и на старата гарда, но и луѓе со демократски идеи. Сепак, Сирез посочи дека му било кажано оти, според последните истражувања, две третини од русите не ги сакаат или не им веруваат на американците.

“Јас не знам како вие се справивте со тоа во преговорите, бидејки се поставува прашањето кој ќе ги определи насоките на Русија во иднина? Зборувавте за проблеми со новинарите, непочитување на човековите права, затворање на телевизиски станици. Дали тоа е новата Русија”?
Немаме илузии дека обновувањето на односите со Русија ќе биде лесно, или пак дека ќе ги надминеме сите разлики


Заменикот државен секретар Гордон Браун изјави дека Соединетите Држави направиле стратегиска одлука да работат со Русија за прашањата за кои се согласуваат, а да продолжат да и се спротиставуваат на Москва за она за што не се согласуваат.

“Да бидам јасен, - немаме илузии дека обновувањето на односите со Русија ќе биде лесно, или пак дека ќе немаме меѓусебни разлики. Но, убедени сме дека можеме да работиме заеднички онаму каде што имаме заеднички интерес. Ќе продолжиме да се обидуваме да ги надминуваме и спорните прашања, како на пример човековите права или пак, руското нелегално признавање на грузиските сепаратистички региони”.


Нашето подобрување на односите со Русија, додаде Гордон, нема да биде на штета на нашите сојузници, а ние и на дело ја покажуваме подршката на територијалниот интегритет и суверенитет на руските соседни земји, како Грузија и Украина. Соединетите Држави и Русија формирале и така-наречена билтерална претседателска комисија, Обама – Медведев, која ќе ја координираат шефовите на дипломатиите Хилари Клинтон и Сергеј Лавров. Во неа се вклучени работни групи за: нуклеарна енергија, контрола на оружјето и меѓународна безбедност, надворешна политика и борба против тероризмот, трговија со дрога, развој на бизнисот и економски односи, енергија, цивилно општество и јавно здравство.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG