Достапни линкови

Македонија меѓу популизмот и реалноста


Опозицијата обвинува - владата остварува, а народот гладен. Живее ли Македонија во виртуелна реалност?

Изградени стотици спортски терени, реконструирани километри патишта, нови работни места, спортски успеси, инвестици, Македонија непоразена од светската економска криза, зголемени плати, пензии, социјални надоместоци. Ако за состојбите во државата единствено дознаваме од владините спотови, тогаш човек ќе помисли дека живееме во една земја која е Швајцарија на Балканот. На економски план, се разбира. Ако, пак, се обиде да го прочита отчетот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во периодот 2006-2011, тогаш ќе си помисли дека нема поарни од нив. Од вкупно 1428-те ветувања кои ги дале, Владата исполнила 1185, а најголем дел од тие што не се исполнети нема да бидат спроведени заради изнаоѓање подобра алтернатива за реализација, стои од Отчетот на Владата, јасно испишан на 263 страници.

Спортски терени без спортски успеси

Но, ако настрана ги оставиме рекламните спотови и пишаниот Отчет, и ако почнеме малку да анализираме ќе видиме дека спортски терени може има, ама не и спортски успеси (чест на исклуцоците, се разбира), бројката на невработени никако да се симне под 300 илјади, се реновира и гради само во центарот на градот, недај боже да треба да стигнеш до манстирот Свети Пантелјемон на Водно, кој се наоѓа на само неколку километри од Центарот, тогаш или ќе останете без гуми или што би рекол народот сите камења во бубрезите ќе ви испаднат.


Медиумите секојдневно се преплавени со социјални приказни, во кои луѓето молат за помош и велат дека едвај се прехрануваат. Платите со години се исти, а цените на основните прехранбени продукти се зголемија и за 40 проценти, за горивата да не зборуваме.

Се поставува прашањето која е реалната слика во земјава, онаа што ни ја прикажуваат политичарите, и онаа кој не удира секојпат кога се чудиме од каде да најдеме пари за да не ни ја исклучат струјата, кога нешто ви се превртува во желудникот кога го лажете вашето дете дека се ќе биде подобро, а не можете да заспиете затоа што знаете дека сте го излажале и дека тоа за крај на учебната година нема да добие нови патики.

Заглавени во „чекалната“ за ЕУ и НАТО

Политичката елита веќе 20 години има исти приоритети за државата, ама од нив речиси ништо. Ниту сме интегрирани во ЕУ и НАТО, решение за името нема, економијата каска, а и меѓуетничките односи се кревки, па може да ги разбранува и најмал инцидент.


Додека партиските карвани ја крстосуваат земјата во борба за секој глас, во очекување на официјалниот старт на изборната кампања, се забораваат настаните што сигнализираат дека се влошуваат позициите на земјата на сите битни фронтови. Во гласната реторика меѓу политичарите веќе може да се каже и непријатели, не може да се слушне ништо од тоа до каде се преговорите за името со Грција, ниту пак го каде стасавме на тој долг пат до ЕУ, ниту за тоа дали има народот пари за леб. Па така, би се рекло дека во земјава „карванот политички се врви, државата си пропаѓа“.

Политичарите бараат дежурни виновници

Но, набргу ништо нема да се реши, вели професор Лазар Лазаров. Тој вели дека треба политичарите да бидат и самокритични, а не виновникот секогаш да го лоцираат надвор од нив.

„Се фали министерот Маневски за реформи во судството, во администрацијата итн., меѓутоа тие реформи не се така изразени како што треба. Состојбата во затворите е катастрофална, јавната администрација не функционира како што треба, на економски план стапката на невработеност расте, нивото на стандардот е лош... Колку сме ние социјална држава? Ние во нашиот Устав се прокламираме како социјална и правна држава, но колку сме социјална држава и дали може тие што примаат социјална помош, дали може со 100 евра да ги задоволат најосновните потреби.“

Друг проблем е тоа што земјата, потфрли и на меѓународен план, вели Лазаров.

„Нашата надворешна политика затајува и тоа што имаме некои претставници, тие се се млади, неискусни и појма немаат од водење на политика и придобивање на наши пријатели. Мојата генерална оценка е дека од осамостојувањето до сега наместо да доживуваме прогрес, не стоиме ниту во место, туку ние тонеме, назадуваме.“

Без идеолошки разлики меѓу партиите

На политичката сцена досега немавме општествен договор за градење на нов политички систем, туку празнината со паѓањето на поранешниот систем беше пополнета со различни групации кои за крајна цел имаа освојување на власта, вели аналитичарот Артан Садику. Тој вели дека кај партиите не може да се пропознае јасна идеолошка разлика и не може да се види конкретна оддаденост на партиите кон програмите и стратегиите кои ги предложуваат.


„Од страна на партиите се гледа како на нешто што формално треба да се направи за изборите, а кон кое после не мора да се одржат и оваа пракса се случи со ВМРО-ДПМНЕ која успеа да направи голем пресврт со онаа програма на „Преродба во 100 чекори“ и поради таа на некој начин неправда која ја направи таа партија кон својата програма нереализирајќи ги чекорите за економската програма кај граѓаните почна да се гради недоверба кон таквите платоформи и стратегии на политичките партии.“

Но, професорот Здравко Савески вели дека кај нас никој не внимава на изборната програма.

„Програмата, на пример на ВМРО-ДПМНЕ, која се имплементира како владина политика во голема мера се исполни, е сега друго е прашањето дали ќе го оценуваме како позитивно или негативно. Беше најавено во изборната програма во 2006 година воведување на рамен данок и намалување на даноците, во 2009 година беше најавен проектот „Скопје 2014“ и слично, така што се има визија. Прашањето е каква е таа визија, дали е во корист на граѓаните и општото добро?“

Невработеноста незначително намалена со вработувања во јавната администрација

Граѓаните на изборите нема да се водат ниту според стореното, ниту според ветеното, туку најголем дел од нив ќе тргнат од свои лични интереси, вели Савески.


„Во последно време гласањето се повеќе е одредено според тоа дали успеваат да извлечат лична корист од тоа дали е една или друга партија на власт, секако не сите гласачи размислуваат така, но во последно време се зголемува процентот на гласачи кои чисто од личен интерес гласаат за одредена политичка опција, а не за друга.“

Политичарите на следните избори треба да бидат вреднувани само по едно прашање, а тоа е што направија со економијата и дали ја намалија невработеноста, вели професор Христо Карталов.

„Ако успеале, тогаш се успешни, тогаш грешките се мали и ќе ги простиме, но ако не успеале тогаш не го заслужуваат нашето внимание и треба да си одат од можноста да владеат со државата. Ако тоа така го поставиме тогаш прашањето и работите се многу јасни.“

Во март 2007, според податоците на Агенцијата за вработување, имало 371.816 невработени, истиот месец оваа година се регистрирани 323.183 невработени луѓе. Невработеноста е намалена, но не на вистинскиот начин, вели професор Карталов.

„Грувски направи нешто, ја зголеми вработеноста, ама преку ,,натрупување“ во јавната администрација, практично вработуваше политички подобни кадри, значи ја намали вработеноста на еден невистински начин, вистински начин на намалување на невработеноста би бил кога ќе имаме вистински гринфилд инвестиции кои ќе значат отварање на нови работни места и тие сами по себе ќе повлечат поголем број на вработеност, поголем БДП.“

Една од мерките за намалување на невработеноста е и стимулирањето на самовработувањето. За овој проект годинава Владата обезбеди буџет од околу 500 милиони денари или заедно со европските средства на располагање ќе бидат околу 10 милиони евра. Иако, според Владата, претходниот проект за самовработување поминал со 85 проценти успешност, но податоците од терен покажуваат дека мал дел од почнатите бизниси успеале. Од вкупно 559 претпријатија во 2007 година, кои беа отворени на принципот „самовработување“, процентот на преживеани бизниси по првата година изнесувал 61 отсто, покажува анализата на УНДП. Во 2008 година преку мерката за вработување биле отворени дополнителни 529 фирми, а во 2009 година уште 654 фирми. Минатата година се регистрирале 690 фирми, и дополнителни 249 за формализирање на бизнисот, резултатите од успешноста на овие бизниси ќе се знае за некоја година.

Професор Карталов вели дека политичарите треба да се зафатат со долгорочни стратегии, а не со краткорочни, од кои се очекуваат брзи резултати.

Но, политичарите ретко одат кон остварување на економските ветувања од изборните програми, вели професор Ванчо Узунов.

„Тоа што сите партии кои доаѓаат на власт ветуваат економски развој, а после тоа тоа не се случува е голем проблем, меѓутоа ајде да го објасниме вака со малку зборови: прво затоа што мерките што треба да се преземат за да се постигне економски раст не даваат резултати на краток рок, политичарите треба да имаат што побрзо ефектни мерки за да бидат реизбрани.“

Економистите посочуваат дека владата што ќе направи коренити реформи што ќе донесат корист на долг рок ќе ги изгубат изборите. Заради тоа партиите се нафаќаат само на „шминкерски“ проекти што носат краткорочен политички профит, но не и суштинско решавање на проблемите.

Што очекувате од политичарите? Погледнете ја анкетата и коментирајте овде:

Хајд Парк - Ветувања пред избори
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:33 0:00
Директен линк
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG