Достапни линкови

Економијата меѓу ветувањата и реалноста


Според експертите, политичарите ретко одат кон остварување на економските ветувања од изборните програми.

Пред избори сите партии во своите програми ја поставуваат економијата на највисоко место, но во македонската реалност во овие 20 години не се почувствува поголемо раздвижување. Дел од економистите сметаа дека определбите на партиите да се занимаваат само со економија не се секогаш и целoсно реални зaшто не може да се избега од политичкиот живот во кој превладуваат и други прашања. Низа економски и неекономски фактори тука се вклучени, вели професорот Сашо Арсов од економскиот факултет во Скопје.
Економијата се развива со бројни услови, внатрешни и надворешни. Владата е само еден фактор што може да придонесе кон тоа, иако не е целосно моќта во нејзини
раце.


„Покомплексно е прашањето. Економијата се развива со бројни услови, внатрешни и надворешни. Владата е само еден фактор што може да придонесе кон тоа, иако не е целосно моќта во нејзини раце.“

Сепак, она што е очигледно е дека при секои избори има пренасочување на интересите на владејачката структура од она што е прокламирано во програмите и ретко се оди кон негово остварување. Ова, според Арсов, е еден од аспектите на однесувањето на владите за кој може да се каже дека е евидентен и може да биде едно од објаснувањата зошто не се создаваат услови за поголем економски раст.

Пари или политика?

„Не се создаваат потребните услови за инвестиции кои се единствениот и главен двигател на секоја економија, домашни и странски инвестиции.“

Тоа што сите партии, пред да дојдат на власт ветуваат економски развој, а потоа не се случува е голем проблем. Тие го злоупотребуваат тоа како аргумент за избори, а кога ќе ја добијат власта се пренасочуваат кон други приоритети, а оние што ги ветиле им стануваат помалку важни, вели професорот Ванчо Узунов.

„Прво, затоа што мерките за економски раст не даваат резултати на краток рок. Политичарите се насочени кон резултати на краток рок за да можат да бидат реизбрани. Второ, затоа што дел од тие мерки се
Мерките за економски раст не даваат резултати на краток рок. Политичарите се насочени кон резултати на краток рок за да можат да бидат реизбрани.
непопуларни, а тоа го намалува рејтингот на партиите.“

Марјан Николов од Центарот за економски анализи смета дека секоја политичка партија што претендира да ја споделува власта во некоја идна влада треба да даде одговори на неколку конкртени прашања, кои, според него, се најприоритетни за граѓаните.

„Како ќе работи за намалување на нееднаквоста меѓу граѓаните? Што ќе направи за намалување на сиромаштијата? Што ќе направи за зголемување на квалитетот на јавните услуги? И што ќе направи за зголемување на вработеноста?“

Едни економисти велат дека најважен показател да се види каква политика има спроведено една влада е кога ќе се погледне во што таа ги има распоредено парите од буџетот, а не што пишува во разни програми и памфлети. Други, пак, сметаат дека ова прашање е дневно-политичко и дека за тоа што треба да биде приритет и во струката има различни мислења.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG