Достапни линкови

Многу Агенции, малку работа?


Средба со невработените лица од Куманово
Средба со невработените лица од Куманово

Oколу 30 Агенции за привремени вработувања работат во државата, но ниту невработените, ниту работодавачите не се информирани за нивната улога.

Иако веќе пет години во државава функционираат 30-ина Агенции за привремени вработувања, ниту невработените, ниту работодавачите не се информирани за нивната улога и значење, вели Раде Ненадиќ, директор на Агенцијата за привремени вработувања „Партнер“ од Скопје. Според Ненадиќ, оваа агенција опфаќа седум градови во државава, како дел од пошироката општествена акција за привремени вработувања, во соработка со единиците на локалната самоуправа.

До сега преку флаери биле информирани невработените и работодавачите. Пред извесно време било разговарано со работодавачите, како на брз и легален начин можат да вработуваат, а последната средба беше насочена кон невработените.

„Вработувања легални, со договор за вработување, со гарантирана плата, права од работниот однос и друго.“

Колку невработените се информирани за вработувањето?

„Многу малку за жал. Не само невработените, туку и работодавачите воопшто и покрај пет години од постоење на агенции за вработување. Во Македонија имаме 30 агенции за вработување, а мој впечаток е дека многу малку се информаирани за улогата и местата на агенциите.“

Тоа го покажува и присуството на невработените, за што Ненадиќ вели:

„Се собрале двајца без тројца, што би кажал народот, а Куманово е втор град во Мкаедонија по невработеноста. Куманово има преку 18 илјади, а прашање е колку се реално невработени.“

Ќе има ли резултати?


„Ние се надеваме дека ќе успееме да ја спроведеме во живот и во дело идејата со која во 2006-та година е донесен Законот за агенции за привремени вработувања. Тоа е секој што работи да биде регистриран. Да има договор за работа без оглед дали е самовработен или работи за друг. Значи да биде регистриран, заштитен, да биде обезбеден, а при тоа да се избегнат сите огромни процедури за класичен прием на работници. Овдека се работи за привремени вработувања. Класичните вработувања на недоредено време одат преку оглас, конкурс, преку државната Агенција за вработување.“

Анета Петковска пред една година дипломирала на Педагошкиот факултет и една е од малкумината заинтересирани за начинот на привремени вработувања.

Дали мислите дека ваков начин за привремени вработувања ќе има ефекти?
„Мислам дека ќе има ефекти, затоа што има многу невработени, а оваа агенција, бидејќи секој кој ќе се вработи привремено ги има сите привилегии како и вработен на неопределено време.“

А Страшко Наковски со 35 години работен стаж, откако останал без работа вели дека:

„Оваа транзиција не направи сега да талкаме по улица како изгубени јариња.“

И додава:

„Сакам да се информирам на кој начин ќе има вработувања дали некој нешто може да ни помогне.“
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG