Достапни линкови

Вести

Израел: Десет лица повредени во самоубиствен бомбашки напад во градот Бершева

Десет лица се повредени меѓу кои двајца сериозно, утринава во Израел, во нападот кој го извршил бомбаш самоубиец во близина на автоубска станица во израелскиот град Бершева, соопшти полицијата. Според сведоците, напаѓачот ја активирал бомбата и се разнел, откако стражарите не му дозволиле да влезе во автобусот. Ова е прв палестински напад, од почетокот на израелското повлекување од појасот Газа.

види ги сите денешни вести

Русија и Украина разменија десетици воени заробеници

Размена на воени заробеници на 30 декември 2024 година
Размена на воени заробеници на 30 декември 2024 година

Русија и Украина спроведоа уште една размена на затвореници со посредство на Обединетите Арапски Емирати, ослободувајќи стотици воени заробеници.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја потврди размената во објава на Телеграм, објавувајќи дека 189 Украинци се вратиле дома како резултат на операцијата.

„Тоа се... бранителите на Азовстал и Мариупол, нуклеарната централа Чернобил, островот Змиини, од различни правци на фронтот. Меѓу нив има војници, наредници, офицери“, рече Зеленски.

Меѓу ослободените има и двајца цивили кои беа заробени во Мариупол, рече Зеленски. Во објавата, која вклучува фотографии од насмеани војници кои седат во автобус, тој додаде дека Украина продолжува да работи на ослободување на сите оние што се држат во руско заробеништво.

Руското Министерство за одбрана, исто така, најави размена на затвореници, велејќи дека бројот на ослободени е 150 на секоја страна. Немаше објаснување за несовпаѓањето.

„На 30 декември, како резултат на преговарачкиот процес, 150 руски војници беа вратени од територијата под контрола на режимот во Киев. За возврат беа предадени 150 воени заробеници на украинската армија“, соопшти Министерството во изјава.

Во соопштението се наведува дека 150 руски војници се евакуирани во Белорусија, каде што добиле медицинска и психолошка помош и можност да контактираат со своите роднини.

„Сите ослободени војници ќе бидат доставени во Руската Федерација на лекување и рехабилитација во медицинските установи на Министерството за одбрана на Русија“, се додава во соопштението, во кое се истакнува помошта од Обединетите Арапски Емирати во обезбедувањето хуманитарни напори за време на враќањето на затворениците.

Русија и Украина спроведоа 59 размена на затвореници од почетокот на војната во целосен обем.

Во меѓувреме, само од раните утрински часови на 30 декември до 16 часот на бојното поле се регистрирани 104 битки, соопшти Генералштабот на украинската армија. Повеќе од половина од борбите се водеа во областите околу Покровск, Курахив и Времовско.

Во окупираната област Керсон во Украина, предводена од Русија, гувернерот назначен од Кремљ рече дека украинскиот напад погодил болница, при што загинал еден лекар, а друг е ранет.

Рускиот гувернер Владимир Салдо ги обвини западните воени поддржувачи на Украина дека учествуваат во нападот, кој се случи во градот Олешки, кој е под руска контрола.

Киев веднаш не коментираше, но негира дека цели на цивили во областите под руска контрола.

Како што продолжуваат борбите, американскиот претседател Џо Бајден најави нов пакет воена помош за Украина во вредност од 2,5 милијарди долари на 30 декември.

Неколку часа подоцна, американското Министерство за финансии објави посебна исплата на Украина од 3,4 милијарди долари како директна буџетска поддршка.

Бајден ги користи последните недели на функцијата за да ја зголеми воената поддршка за Киев, пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата на 20 јануари.

Финските истражители пронајдоа траги од сидро на морското дно во близина на оштетените кабли

Бродот на финската крајбрежна стража „Уиско“ и шлеперот „Уко“ се сликани во близина на нафтениот танкер „Игл С“ во Финскиот залив на 28 декември 2024 година
Бродот на финската крајбрежна стража „Уиско“ и шлеперот „Уко“ се сликани во близина на нафтениот танкер „Игл С“ во Финскиот залив на 28 декември 2024 година

Финска објави дека се пронајдени траги од сидро на дното на Балтичкото Море во област каде што биле оштетени неколку кабли за напојување и податоци, за што властите се сомневаат дека биле предизвикани од брод поврзан со руската „флота во сенка“.

„Станува збор за трагите на сидрото на (запленетиот) брод „Игл С“ (Eagle S). Можевме да ја разјасниме оваа работа со подводна анкета“, рече Сами Паила, главен истражител на финската полиција во случајот.

Тој додаде дека патеката направена од сидрото поминала „десетици“ километри.

Финска го заплени „Игл С“ на 26 декември, повикувајќи се на сомневања дека го предизвикал прекинот на подводниот кабел за напојување „Естлинк 2“ (Estlink 2) и оштетил четири интернет линии. Финските истражители рекоа дека бродот можеби ја предизвикал штетата со влечење сидро на морското дно.

Финските и претставниците на ЕУ велат дека се верува дека „Игл С“ припаѓа на „флотата во сенка“ од стари, неосигурени нафтени бродови што се користат за заобиколување на западните санкции и одржување на извор на приходи за руската економија и нејзината војна против Украина.

Лошата состојба на овие бродови, исто така, предизвика загриженост за еколошки катастрофи.

Каја Калас, поранешен естонски премиер, кој сега е врвен дипломат на ЕУ, на 30 декември рече дека „саботажата во Европа е зголемена“ откако Москва започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Во интервју за германскиот весник „Велт“, таа рече дека неодамнешните „обиди за саботажа во Балтичкото Море не се изолирани инциденти“, туку „дел од шемата на намерни и координирани акции за оштетување на нашата дигитална и енергетска инфраструктура“.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок ја опиша наводната саботажа на електричниот кабел во Балтичкото Море како „повик за будење“ за Западот и ја повика Европската унија да воведе нови санкции против руската „флота во сенка“.

Баербок ја повтори потребата од „нови европски санкции против руската флота во сенка“, што според неа е „главната закана за нашата животна средина и безбедност“ што Русија ја користи „за финансирање на својата агресивна војна во Украина“.

„Речиси секој месец, бродовите ги оштетуваат големите подморнички кабли во Балтичкото Море“, рече Баербок во изјава за медиумската група „Функе“.

Екипите оставаат сидра во водата, ги влечат со километри по морското дно без очигледна причина, а потоа ги губат кога ќе ги извлечат“.

„Повеќе од тешко е сè уште да се верува во случајности. Ова е итен повик за будење за сите нас“, изјави Баербок.

Бугарската влада го одобри нацрт-договорот со Северна Македонија за изградба на заедничкиот железнички тунел „Деве Баир“

Мапа за планираната железничка пруга до Бугарија
Мапа за планираната железничка пруга до Бугарија

Владата на Бугарија го одобри нацрт-договорот со Северна Македонија за изградба и работа на прекуграничниот железнички тунел „Деве Баир“, а ќе се формира Мешовит комитет и ќе се разговара со македонската страна за текстот на договорот, соопшти денеска прес-службата на Советот на министри.

Како што пренесува бугарската агенција БТА, целта е да се направат јасни обврски и рокови за изградба на железничката врска меѓу Бугарија и Северна Македонија.

„Министерството за транспорт и врски како страна на договорот предлага двете страни да преземат реални активности за реализација на објектот на железничкиот тунел, кој е железничка врска меѓу двете соседни земји. Изградбата на стратешкиот транспортен Коридор VIII е предуслов за комерцијална и индустриска размена, како на билатерална основа меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, така и за земјите од регионот“, стои во соопштеието.

Во декември, бугарското Министерството за транспорт и врски побара јасни заложби и рокови за изградба на железничката врска меѓу Бугарија и Република Северна Македонија да бидат направени во меѓувладин договор.

За третиот дел од пругата кон Бугарија македонската и бугарската страна досега одржаа две средби, една во Брисел на 16 октомври кога се согласија да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8.

Другата средба бе одржана во Софија на 31 октомври по која македонската страна објави дека се прифатени нејзините аргументи: да има заеднички проект за да не се гради тунел кој не води никаде, Бугарија да го заврши својот дел од пругата и да се ревидира цената и на самиот проект.

Во повик за планираната трета средба во Скопје, министерот Александар Николоски рече дека бугарската страна треба да собере храброст да се затвори ова прашање.

„Нашите аргумети се јасни и тие стојат – мора да се направи ревизија на цената, бидејќи е невозможно 560 милиони евра да чини изградба на пруга сосе електрификација. Мора да има заедничко проектирање на потенцијалниот тунел што треба да ги спојува двете држави и да си го завршат нивниот дел од работата, односно да се спојат до граница“, рече Николоски, во Собранието на 29 ноември.

Првиот дел од пругата кон Бугарија, од Куманово до Бељаковце, во должина од 31 километар, веќе се заокружува и ќе биде пуштен во употреба во јануари. На вториот дел, од Куманово до Крива Паланка, изградени 27,3 процемти, а рокот е 2026 година.

ОЈО: Наредба за распишување меѓународна потерница и предложен притвор за Васко Ковачевски

Васко Ковачевски, поранешен директор на Електрани на Северна Македонија
Васко Ковачевски, поранешен директор на Електрани на Северна Македонија

Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на Обвинителството и определи мерка притвор во траење од осум дена за поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, кој е недостапен за органите на прогонот, а е осомничен за проневера на 6,5 милиони евра.

Применувајќи ги одредбите од Законот за кривична постапка, предметните јавни обвинители до МВР, како што информираат од ЈОРСМ, доставиле и наредба за распишување на национална потерница и изјава за распишување на меѓународна потерница по осомниченото лице.

Од Обвинителство, посочуваат дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска го примило Решението на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, со кое предлогот за определување мерки за претпазливост против осомничен во предметот „Адитив“ се отфрла, наведувајќи дека осомничениот не е достапен на органите на прогонот.

„Согласно своите законски надлежности, јавните обвинители кои постапуваат во предметот до судијата на претходна постапка веднаш доставија Жалба по однос на донесеното Решение за отфрлање, како и Предлог за определување на мерка притвор за осомничениот која мерка ќе биде активна по неговото пронаоѓање. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на Обвинителството и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 8 дена“, стои во соопштението од ЈОРСМ.

Истрагата за предметот „Адитив“ започна на 10 овој месец и со него се опфатени 23 физички лица и четири правни лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството и кривични дела против службената должност и против правниот сообраќај.

Судењето на Милорад Додик е одложено до крајот на јануари 2025 година

Милорад Додик, претседател на ентитетот Република Српска
Милорад Додик, претседател на ентитетот Република Српска

На 30 декември пред Судот на Босна и Херцеговина се одржа статусната конференција во случајот против Милорад Додик, на која седум лекари ги презентираа своите стручни наоди за здравствената состојба на претседателот на ентитетот Република Српска (РС).

На Додик, заедно со директорот на Службен весник на РС, Милош Лучиќ, им се суди за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница, Кристијан Шмит. Претседателот на ентитетот и лидер на владејачката партија, Сојузот на независни социјалдемократи, беше опериран на 9 декември во Белград, поради што беше одложено продолжението на судењето планирано за 25 декември.

„Следното рочиште ќе биде на 29 јануари, што значи дека Судот на Босна и Херцеговина го прифатил мислењето на тимот на Општата болница „Абдула Накаш“ дека претседателот на Република Српска, Милорад Додик не може да присуствува на судењето најмалку шест недели. од денот на операцијата“, изјави адвокатот на Додик, Горан Бубиќ по рочиштето на прес-конференцијата за новинари.

Експертот и сараевски лекар Харис Враниќ подготвил мислење според кое Додик е способен да го продолжи судењето, поради што неговата одбрана побара второ мислење.

Шест други лекари од Општата болница во Сараево во своето вештачење навеле дека за опоравување на Додик од денот на операцијата се потребни шест недели.

На 11 август 2023 година, Обвинителството на Босна и Херцеговина поднесе обвинение против Милорад Додик, бидејќи тој потпишал претседателски декрети и со тоа ги прогласил за валидни два ентитетски закони, кои претходно беа поништени од високиот претставник Кристијан Шмит.

Освен него, Обвинителството го товари и Милош Лукиќ дека како в.д директор на Службен весник на РС, овозможи објавување на указите на Додик во оваа публикација.

Станува збор за измени на Законот за објавување закони и други прописи на РС и на Законот за неизвршување на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина.

Високиот претставник во Босна и Херцеговина Кристијан Шмит, користејќи го т.н Овластувања на Бон, според кои тој може да менува закони и да разрешува функционери во БиХ, ги поништи двата закони на 1 јули 2023 година, додека законодавната процедура официјално сè уште беше во тек.

Истиот ден, Шмит воведе измени и во Кривичниот законик на Босна и Херцеговина, со кои се додаде кривичното дело „неизвршување на одлуките на високиот претставник“, за што беше обвинет Додик.

Милорад Додик се наоѓа на листата на американски санкции од јули 2017 година поради попречување или закана дека ќе го попречува Дејтонскиот мировен договор. На почетокот на јануари 2022 година тој повторно беше санкциониран, бидејќи директно или индиректно учествувал во повреда или дело што го попречувало или загрозувало спроведувањето на Дејтон, како и за коруптивни активности.

Со истото или слично објаснување, САД го санкционираа и семејството на Додик, речиси целиот врв на ентитетот Република Српска и неколку приватни компании за кои се наведува дека се поврзани со семејството Додик.

Германската влада тврди дека Маск се обидува да влијае на тамошните избори

Германскиот канцелар Олаф Шолц (лево) со Илон Маск, извршен директор на Тесла, на отворањето на фабриката на Тесла во Берлин, Германија, март 2022 година
Германскиот канцелар Олаф Шолц (лево) со Илон Маск, извршен директор на Тесла, на отворањето на фабриката на Тесла во Берлин, Германија, март 2022 година

На 30 декември германската влада објави дека американскиот милијардер Илон Маск „се обидува да влијае на парламентарните избори во Германија“ закажани за крајот на февруари, со постојана поддршка за екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија.

„Илон Маск со своите изјави се обидува да влијае на федералните избори“, изјави за новинарите заменик владиниот портпарол Кристијан Хофман.

Таа додаде дека Маск е „слободен да го искаже своето мислење“, но истакна дека препорачува екстремно десничарска партија надгледувана од германската служба за безбедност, што беше потврдено и од судството.

Некое политичко движење „екстремно десничарско“ може да биде основа за полициски надзор во Германија поради можноста за поткопување на уставниот поредок.

Весникот Ди Велт претходно објави текст на 28 декември во кој Маск, шефот на платформата X и компанијата Спејс Икс (SpaceX) и Тесла, уверуваат дека Алтернатива за Германија е „последната трошка надеж“ за Германија и таа „очигледно погрешна“ класификација на таа партија како екстремно десничарска.

Така, најбогатиот човек на светот го повтори својот став за партијата од твитот од 20 декември, што предизвика негодување во Германија среде предизборната кампања.

Маск има се поголемо влијание како член на идната влада на Доналд Трамп во САД.

На 8 ноември Маск го нарече германскиот социјалдемократски канцелар Олаф Шолц „луд“ - по распадот на владејачката коалиција, а „неспособен имбецил“ на 20 декември по нападот со автомобил на божиќниот пазар во Магдебург и повика тој да поднесе оставка.

Агелер за Груби: Важно е луѓето да бидат повикани на одговорност за нивните дела

Анџела Агелер, Амбасадор на САД во Северна Македонија
Анџела Агелер, Амбасадор на САД во Северна Македонија

Амабасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер, прашана за коментар во однос на поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој како осомничен за случајот „Државна лотарија“ е во бегство, изјави дека нема коменетар во однос на тоа што се случува со Груби. Агелер порача оти е важно луѓето да бидат повикани на одговорност за нивните дела.

„Немам коментар во однос на тоа што се случува со Артан Груби. Не знам каде се наоѓа. Сметам дека е важно луѓето да бидат повикани на одговорност за нивните дела и се надевам дека тој (Груби) е еден од нив, изјави Агелер.

Во случајот со Државна лотарија, Груби и поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами се осомничени како соизвршители на делото проневера во службата, додека уште четири други лица како членови на комисијата за јавни набавки се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања.

На 24 декември, Основниот кривичен суд Скопје одлучи дека притворот од 30 дена за поранешниот прв вицепремиер од ДУИ, Артан Груби, останува и тој ќе важи од денот кога тој ќе биде достапен за органите на прогонот.

Првичните информации во јавноста беа дека Груби се наоѓа во Косово, по што актуелниот вицепремиер Изет Меџити во интервју за албанската ТВ „Ора њуз“ кажа дека неговите информации се оти тој повеќе не е во Косово туку во Албанија.

Во однос на процедурата за разрешување на членови на Судски совет што се избираат во Собранието, исто така истакна дека треба да постои одговорност, но и процесот треба да биде транспарентен.

„Мислам дека јас и Амбасадата бевме многу јасни во однос на нашиот став за Судскиот совет и другите институции во рамките на правосудството. Повторно ќе кажам, треба да постои одговорност но и процесот треба да биде транспарентен, со цел граѓаните да разберат што се случува и зошто,“ рече Агелер.

Изборот на нов претседател на Судскиот совет е закажан за в петок на 3 јануари, соопштуваат од Советот.

Поранешната претседателка, Весна Дамева, пред еден месец поднесе неотповиклива оставка. Како причина за оставката, го наведе „немањето слух кај извршната и законодавната власт да се обезбеди брза и ефикасна правда, како и обидите за нарушување на нејзиниот интегритет од страна на високи функционери од власта“.

ОН: Климатските промени предизвикаа екстремни временски услови во 2024 година

Рибар собира мртви риби во провинцијата Донг Наи, јужен Виетнам на 30 април 2024 година
Рибар собира мртви риби во провинцијата Донг Наи, јужен Виетнам на 30 април 2024 година

Климатските промени предизвикаа екстремни временски услови и рекордни горештини во 2024 година, предупреди Светската метеоролошка организација на ОН (СМО) на 30 декември, повикувајќи го светот да го напушти „патот кон уништување“.

Годината што заминува се очекува да биде најжешката во историјата, објави СМО.

Во исто време, емисиите на стакленички гасови достигнаа нови рекорди.

„Климатските промени се случуваат пред нашите очи речиси секој ден во форма на зголемена фреквенција и влијание на екстремни временски услови“, рече генералниот секретар на СМО, Селест Сауло.

Според неа, годинава имало рекордни врнежи од дожд и поплави, а во многу земји загинале голем број луѓе.

„Тропските циклони предизвикаа огромна човечка и економска штета, неодамна во францускиот прекуморски департман Мајот во Индискиот Океан“, соопшти агенцијата на ОН.

Таа додаде дека интензивните горештини зафатиле десетици земји, а температурите во неколку наврати надминувале 50 степени Целзиусови. Шумските пожари предизвикаа штети.

Долгорочната цел на Парискиот климатски договор од 2015 година беше да се ограничи глобалното затоплување и да се задржи зголемувањето на глобалната просечна температура далеку под два Целзиусови степени, по можност не повеќе од 1,5 степени.

Во ноември, СМО соопшти дека просечната температура на површинскиот воздух помеѓу јануари и септември била 1,54 степени над просекот од прединдустрискиот период измерен помеѓу 1850 и 1900 година.

Таткото на извршителот на масовното убиство во училиштето во Белград е осуден на 14,5 години затвор

40 дена од убиството на девет ученици и еден чувар во училиштето „Владислав Рибникар“. Граѓаните им оддаваат почит на жртвите, Белград, 11 јуни 2023 година.
40 дена од убиството на девет ученици и еден чувар во училиштето „Владислав Рибникар“. Граѓаните им оддаваат почит на жртвите, Белград, 11 јуни 2023 година.

Владимир Кецмановиќ, таткото на момчето кое изврши масовно убиство во мај 2023 година во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, на 30 декември беше осуден од Вишиот суд во Белград на 14,5 години затвор.

Со одлука на Вишиот суд, мајката на момчето Миљана Кецмановиќ е осудена на три години затвор.

Вишиот суд го осуди Немања Маринковиќ, инструкторот на стрелиштето каде, според обвинението, Владимир Кецмановиќ го однел синот на вежбање стрелање, на една година и три месеци затвор.

Пресудата е првостепена и осудените имаат право на жалба.

Малолетниот К.К., тогаш тринаесет годишен, лани на 3 мај, застрела девет ученици и еден обезбедувач, повреди уште пет ученици и наставник по историја.

Образложение на пресудата

Вишиот суд во Белград по изрекувањето на пресудата соопшти дека Владимир Кецмановиќ е прогласен за виновен за сторени кривични дела против општата безбедност и запуштање и злоупотреба на малолетно лице.

Тој изјави дека Миљана Кецмановиќ е осудена за сторено кривично дело запуштање и злоупотреба на малолетно лице, како и дека Немања Маринковиќ е осуден за сторено кривично дело давање лажна изјава.

Со истата пресуда обвинетата Миљана Кецмановиќ е ослободена од кривичното дело неовластено изработување, држење, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи.

Судот соопшти дека на обвинетиот Владимир Кецмановиќ му е продолжен притворот, а дека на обвинетата Миљана Кецмановиќ и е продолжена мерката забрана за приближување, средба или комуникација со К.К., која може да трае се додека има потреба, најдоцна до правосилноста на пресудата, односно до обвинетиот се праќа на издржување кривична санкција.

За обвинетиот Владимир Кецмановиќ, изречена е безбедносна мерка одземање на оружје и муниција, а оштетените се упатени имотно побарување да го остварат во граѓанска постапка.

Вишиот суд соопшти дека против оваа пресуда е дозволена жалба до Апелациониот суд во Белград.

Родителите во обвинението беа обвинети дека нивниот малолетен син со пиштолот на татко му убил девет ученици и еден работник од обезбедувањето во училиштето „Владислав Рибникар“ и тешко ги ранил наставникот и петте ученици.

Заедно со Владимир и Миљана Кецмановиќ, обвинет е и инструкторот за стрелање на кој, според обвинението, Владимир Кецмановиќ му го однел синот.

Против ученикот кој го изврши масовното убиство нема кривична постапка. За делото не одговара пред законот бидејќи во моментот на делото имал помалку од 14 години.

На 20 декември, главниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, побара од судот обвинетите да бидат осудени на максимални законски казни.

Обвинителот предложи за Владимир Кецмановиќ 12 години затвор за тешко дело против општата безбедност и три години затвор за кривично дело запуштање и малтретирање малолетно лице, односно единствена казна затвор од вкупно 14 години и 11 месеци.

Кецмановиќ е обвинет дека го обучувал својот 13-годишен син да ракува со оружје, како и дека не обезбедил услови за чување огнено оружје.

За Миљана Кецмановиќ обвинителот предложи две и пол години затвор за недозволено изработување, држење и носење оружје и три години за запуштање и злоупотреба на малолетно лице.

Обвинителот предложи максимална казна затвор од три години и за инструкторот за стрелање Немања Маринковиќ за кривично дело давање лажен исказ.

Студентот кој го извршил делото е во психијатриска болница од 3 мај 2023 година.

Тој беше сослушан во оваа постапка, а потоа беше продолжен обвинителниот акт против неговите родители за запуштање и малтретирање на малолетно дете.

Владимир Кецмановиќ цело време е во притвор, а на Миљана Кецмановиќ и е изречена забрана за приближување и комуникација со синот.

По барање на обвинителството, судењето беше затворено за јавноста за заштита на малолетници.

Завршена граѓанска постапка

Вишиот суд во Белград на 30 декември ја заврши судската постапка за нематеријална штета што ја покренаа 27 членови на семејствата на убиените ученици против родителите и ученикот кој ги изврши убиствата. На крајот од постапката, судијата рече дека пресудата писмено ќе биде објавена подоцна.

На 3 мај 2023 година, 13-годишниот ученик во основното училиште „Владислав Рибникар“ ги уби Бојана Асовиќ (11), Ана Божовиќ (11), Катарина Мартиновиќ (12), Мара Анѓелковиќ (13), Ема Кобиљски (13). ), Софија Негиќ (13), Андрија Чикиќ (14), Адријана Дукиќ (14), Ангелина Аќимовиќ (14) и Драган Влаховиќ (53).

Ден по пукањето во училиштето „Владислав Рибникар“, 21-годишниот Урош Блажиќ со автоматско оружје уби девет млади лица во селата Дубона и Мало Орашје кај Младеновац кај Белград.

Блажиќ на 12 декември беше осуден на максимална затворска казна од 20 години.

На 20 години затвор е осуден и неговиот татко Радиша Блажиќ за поседување нелегално оружје со кое неговиот син го извршил делото.

Бајден најави нова помош од 2,5 милијарди долари за Украина

Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден денеска (30 декември) најави дополнителна безбедносна помош за Украина од 2,5 милијарди долари, додека ги користи последните недели на функцијата за да ја зголеми воената помош за Киев пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да ја преземе власта.

„Соединетите Држави ќе продолжат немилосрдно да работат за да ја зајакнат позицијата на Украина во оваа војна во остатокот од мојот мандат на функцијата“, вели Бајден во изјавата.

Најавата на Бајден вклучува воена помош од 1,25 милијарди долари извлечена од залихите на САД и 1,22 милијарди американски долари од пакетот на Иницијативата за безбедносна помош за Украина (УСАИ), последниот пакет на УСАИ во времето на Бајден на функцијата.

Според УСАИ, воената опрема се набавува од одбранбената индустрија или партнери, наместо да се црпи од американски залихи, што значи дека може да бидат потребни месеци или години за да пристигне на бојното поле.

Руската инвазија на Украина трае речиси три години, а неодамна Русите ги користеа севернокорејските трупи за да ја зајакнат својата борбена позиција.

„Севернокорејските сили доживуваат масовни жртви на првите линии на руската војна против Украина, при што 1000 нивни војници се убиени или ранети само во последната недела во рускиот регион Курск“, изјави во петокот портпаролот на Белата куќа Џон Кирби за новинарите.

Во изјавата, Бајден рече дека новата помош ќе и обезбеди на Украина „непосреден прилив на капацитети што таа продолжува да ги користи со голем ефект на бојното поле и долгорочно снабдување со воздушна одбрана, артилерија и други критични системи за оружје“.

Речиси три години од почетокот на војната, Вашингтон обезбеди 175 милијарди долари вкупна помош за Украина, но неизвесно е дали помошта ќе продолжи со тоа темпо под раководство на Трамп, кој ќе го замени Бајден на 20 јануари. Трамп рече дека сака да ја доведе војната до брз крај. За време на кампањата за претседателските избори, Трамп го доведе во прашање нивото на вмешаност на САД во конфликтот, сугерирајќи дека европските сојузници треба да сносат поголем финансиски товар.

Како што јавува Ројтерс, некои од неговите колеги републиканци, кои ќе ги контролираат и Претставничкиот дом и Сенатот почнувајќи од следниот месец, исто така се спротиставиле да испратат поголема помош за Киев.

Бајден рече дека Министерството за одбрана е во процес на испорака на стотици илјади артилериски куршуми, илјадници ракети и стотици оклопни возила „што ќе и помогнат на Украина во пресрет на зимата“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG