Достапни линкови

Вести

Заврши сведочењето на малолетникот кој го изврши масовното убиство во „Рибникар“

Малолетникот сведочеше во Специјалниот суд во Белград.
Малолетникот сведочеше во Специјалниот суд во Белград.

Малолетниот К. К, кој го изврши масовното убиство на 3 мај 2023 година во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград, заврши со сведочењето во Специјалниот суд на судењето на неговите родители Миљана и Владимир Кечмановиќ.

Судскиот процес беше затворен за јавноста, а К.К. по првпат од убиството беше изнесен надвор од медицинската установа каде што е сместен.

Тој одговараше на прашањата на обвинителството, одбраната и адвокатите на семејствата на жртвите.

Адвокатот на семејствата на убиените, Огњен Божовиќ, по рочиштето за медиумите изјави дека сведочењето на малолетниот К.К. оди „во правец на осудителна пресуда“.

„Ова беше едно од најстрашните судења на кои сум присуствувал во кариерата. Беше многу тешко“, изјави Божовиќ.

Тој додаде дека на рочиштето биле поставени прашања со цел да се утврди мотивот и зошто се случило кривичното дело.

„Останува да видиме дали ќе се најдат дополнителни детали за евентуални дополнителни обвиненија“, оцени Божовиќ.

Тој најави дека сослушувањето на К.К. ќе продолжи на 17 октомври во зградата на Специјалниот суд.

Адвокатката на семејството Кечмановиќ, Ирина Боровиќ, по рочиштето изјави дека во ниту една постапка нема да се дознаат причините поради кои се случило масовното убиство.

„Тие причини очигледно се некаде длабоко во душата на момчето кое, за жал, го направи сето ова, и кое живееше нормален живот од гледна точка на сите што го познаваат“, изјави Боровиќ.

На 3 мај 2023 година, тринаесетгодишниот ученик од основното училиште „Владислав Рибникар“ со пиштолот на својот татко уби девет негови врсници и еден училиштен чувар. Тој рани уште пет ученици и една наставничка.

Во ноември 2023 година, Вишиот суд во Белград го потврди обвинението против родителите на момчето што го изврши масакрот, а судењето започна во јануари 2024 година.

Обвинети се и сопственикот и инструкторот на стрелачкиот клуб каде, според обвинението, малолетниот ученик учел да пука со својот татко.

Малолетникот не може да одговара кривично пред судовите во Србија бидејќи во моментот на нападот имал помалку од 14 години. Тој е сместен во психијатриска установа.

види ги сите денешни вести

Почина Агнес Келети, најстарата светска олимписка шампионка

Унгарската гимнастичарка Агнес Келети
Унгарската гимнастичарка Агнес Келети

Прославената унгарска гимнастичарка Агнес Келети почина на 2 јануари на 104-годишна возраст, со што светот ја загуби најстарата освојувачка на олимписки медали.

Келети беше во болница во Будимпешта во критична состојба поради пневмонија од 25 декември.

Таа освои вкупно десет олимписки медали во гимнастика, од кои пет се златни.

Настапила на Игрите во Хелсинки во 1952 година и во Мелбурн во 1956 година.

Родена како Агнес Клајн во 1921 година во Будимпешта, нејзината кариера беше прекината поради Втората светска војна и откажувањето на Олимписките игри во 1940 и 1944 година.

Поради нејзиното еврејско потекло, била исфрлена од гимнастичкиот тим, а за време на војната се криела во едно унгарско село, каде што го преживеала Холокаустот користејќи лажен идентитет и работејќи како слугинка.

Нејзината мајка и сестра ја преживеале војната со помош на познатиот шведски дипломат Раул Валенберг, но нејзиниот татко и другите роднини загинале во логорот Аушвиц.

По војната Келети требаше да настапи на Олимписките игри во Лондон во 1948 година, но во последен момент се повлече поради повреда на скочниот зглоб.

На Игрите во Мелбурн, на 35-годишна возраст, таа стана најстарата освојувачка на златен медал во историјата на гимнастиката.

Истата година, Советскиот Сојуз ја нападна Унгарија, поради што Келети беше принудена да побара политички азил во Австралија.

Следната година, во 1957 година, таа емигрирала во Израел, каде што работела како тренер на националниот тим за гимнастика до 90-тите години на минатиот век.

Палестинските власти го прекинаа емитувањето на катарскиот канал Ал Џезира

илустрација
илустрација

Катарскиот канал Ал Џезира денеска (2 јануари) ја осуди одлуката на палестинските власти да го прекине емитувањето на палестинските територии, велејќи дека тоа е „обид да се скрие реалноста“ во окупираниот Западен Брег.

Одлуката синоќа ја соопштија палестинските власти, обвинувајќи го каналот за „поттикнување бунт“.

„Надлежниот министерски комитет одлучи да го прекине емитувањето и да ги замрзне сите активности на каналот Ал Џезира и неговата редакција на палестинските територии и да ја суспендира работата на сите новинари, вработени, тимови и поврзани канали додека не се подобри неговиот правен статус“, наведува палестинска новинска агенција.

„Оваа одлука доаѓа како одговор на инсистирањето на Ал Џезира да емитува содржини и известувања кои се карактеризираат со дезинформации, поттикнување бунт и мешање во палестинските внатрешни работи“, додава агенцијата.

На Ал Џезира веќе и е забрането емитување од Израел поради долгогодишна расправија со владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Во септември, вооружени и маскирани израелски сили во окупираниот град Рамала на Западниот Брег, исто така, извршија рација во канцеларијата на Ал Џезира, велејќи дека таа е „искористена за поттикнување терор“.

Вработените во Ал Џезира на окупираниот Западен Брег потврдија за светските медиуми дека редакцијата во Рамала била информирана за суспензијата.

Палестинските власти наведуваат дека нејзината мерка за суспензија е „привремена“, додавајќи дека одлуката уследила по жалбата од Синдикатот на палестинските новинари во врска со покривањето на настаните од страна на телевизиската мрежа.

Договорот за стратешко партнерство ЕУ-Јапонија стапи во сила

Jапонскиот премиер Фумио Кишида и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен (архивска фотографија)
Jапонскиот премиер Фумио Кишида и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен (архивска фотографија)

Со стартот на Новата година стапи во сила Договорот за стратешко партнерство меѓу Европската Унија и Јапонија, што претставува прва билатерална рамковна спогодба за севкупна соработка на ЕУ и нејзините земји членки со оваа источно азиска држава.

Како што соопшти Советот на ЕУ, овој Договор претставува пресвртница за идниот ангажман меѓу двете страни и ќе обезбеди поблиска политичка и економска соработка за низа билатерални, регионални и мултилатерални прашања.

„Благодарение на Договорот за стратешко партнерство, ЕУ и Јапонија ќе бидат подобро поставени да го зајакнат мултилатералниот глобален поредок заснован на правила и да ги бранат заедничките вредности и принципи како што се владеењето на правото, демократијата, почитувањето на човековите права, отворените пазари и слободната и фер трговија“, се наведува во соопштението.

Во билатералните односи, Договорот ќе ја зајакне соработката во сферата на безбедноста, во борбата против тероризмот и сериозните меѓународни злосторства, како и во справувањето со ширењето на оружјето за масовно уништување.

„Понатаму, Договорот за стратешко партнерство ќе ја зајакне секторската соработка во областите како што се Вселената, информациските и комуникациските технологии, индустриската политика, енергијата, транспортот, образованието, истражувањето и иновациите“, се додава во соопштението.

Договорот, дополнително, пропишува и постапка за решавање спорови и за справување со можни контроверзии.

За координација на спроведувањето на Договорот се предвидува формирање на Заедничкиот комитет, кој ќе претставува форум за дискусија за сите прашања опфатени во спогодбата.

Договорот беше потпишан на 17 јули 2018 година во Токио, но целата постапка за негова ратификација во сите земји членки на Европската Унија заврши дури лани во април, по што Советот на ЕУ донесе одлука за негово стапување во сила од 2025 година.

Судски совет в петок избира нов претседател

Судски совет
Судски совет

Судскиот совет утре (3 јануари) на седница ќе избира нов претседател, откако поранешната претседателка, Весна Дамева, пред еден месец поднесе неотповиклива оставка, а изборот беше одложен до комплетирање на составот со изборот на двајца нови членови од редот на судиите.

Првиот човек на Судскиот совет и неговиот заменик се бираат од членовите со право на глас, откако Уставниот суд во март 2023 го укина ограничувањето тие да се избираат само од редот на членовите избрани од Собранието.

Претседателот на Советот се бира со најмалку осум гласови од членовите на Советот со право на глас.

Советот е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина ги избира Собранието од кои двајца на предлог на Претседателот на државата. По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат во работата на Советот без право на глас.

Петмина од членовите од редот на судиите беа израни минатата година. Во декември судиите Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип, претходно во септември беше избрана судијката Џенета Бектовиќ од Основниот кривичен суд Скопје како член на советот од редот на судиите припадници на заедниците, кои се помалку од 20 проценти од населението во државата, додека во јуни нови членови станаа судиите Исамедин Лимани од Врховниот суд и Александар Камбовски, од битолското апелационо подрачје.

Останатите тројца членови на Советот од редот на судиите се судијката Антоанета Димовска избрана во јули 2023 година, судијата Ивица Николовски избран септември 2022 и Ханиф Зендели избран во јануари 2020 година.

По предлог на Претседателот членови на Советот се Весна Дамева, избрана во декември 2019 година и Миљазим Мустафа избран во јули 2019 година.

Членовите на Советот кои се бираат од Собранието се Тања Чачарова-Илиевска избрана во декември 2021 година, Павлина Црвенковска избрана во декемри 2020 година и Селим Адеми избран во декември 2019 година.

На скопската обиколница починала жена, се истражуваат причините за несреќата

илустрација
илустрација

Јавен обвинител и полициски екипи истражуваат како вчера на скопската обиколница дошло до смрт на една жена.

Како што информираат од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, се работи на утврдување на точните причини и околностите под кои се случил настанот.

Имено, се утврдува дали сега починатата жена се движела пеш по коловозот или, пак, паднала од надвозникот. Во тој момент, се вели во описот од Обвинителство, на неа налетал автомобил што се движел по обиколницата, а кој возел во ноќни услови и со намалена видливост на патот.

„По несреќата, на возачот на автомобилот му бил направен алкотест, при што било утврдено дека не возел под дејство на алкохол“, соопштија од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека е издадена наредба за обдукција на телото на починатата и дека се прибрани траги и материјални докази што ќе бидат предмет на вештачење.

Со цел да се испитаат сите околности, од ОЈО велат дека се разговара и со очевидци на настанот.

Во Швајцарија стапи во сила забраната за носење бурка

илустрација
илустрација

Во Швајцарија стапи во сила законот за забрана за покривање на лицето на јавни места, познат како „забрана за бурка“, а неговото прекршување може да се казни со парична казна до 1.000 швајцарски франци (1064 евра) објави Свисинфо (Swissinfo).

Иницијативата против носење бурка беше одобрена од 51,2 отсто од швајцарските гласачи во март 2021 година, а исклучоците од законот ќе вклучуваат покривање на лицето од безбедносни, временски или здравствени причини, а исто така ќе биде дозволено на уметнички и забавни причини, бидејќи како и за рекламирање.

Од 1-ви јануари стапија на сила новите правила кои го усогласуваат швајцарското меѓународно наследно право со Европската регулатива за сукцесија.

Кога станува збор за наследството, често се јавуваат судири на јурисдикција помеѓу Швајцарија и остатокот од Европа, а новиот закон ја приближува Швајцарија до Европската Унија.

Државните пензии од денеска се зголемени и во Швајцарија, за 2,9 отсто, со образложение дека тоа е неопходно за да се држи чекор со растот на цените и движењето на платите.

Според тоа, минималната државна пензија ќе се зголеми од 1.225 на 1.260 швајцарски франци месечно, а максималната пензија од 2450 на 2520 швајцарски франци.

Украина соопшти дека соборила 47 руски дронови

илустрација
илустрација

Украинските воздухопловни сили денеска (2 јануари) соопштија дека собориле 47 беспилотни летала со кои Русија синоќа ја нападнала Украина.

Од вкупно 72 беспилотни летала со кои Русија ја нападна Украина, 24 „дронови имитатори“ не успеале да стигнат до своите цели, соопштија украинските сили.

Во украинскиот воздушен простор утрово останало едно беспилотно летало.

Поранешниот израелски министер Галант поднесе оставка и од парламентот

Поранешниот израелски министер за одбрана, Јоав Галант
Поранешниот израелски министер за одбрана, Јоав Галант

Поранешниот израелски министер за одбрана, Јоав Галант, кој често заземаше независен став од премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговите екстремно десничарски сојузници во владата, изјави дека поднесува оставка од парламентот.

Нетанјаху го смени Галант од владата во ноември по неколкумесечни несогласувања околу водењето на војната против Хамас во Газа, но тој го задржа своето место како избран член на Кнесетот.

„Како што е на бојното поле, така е и во јавна служба. Има моменти кога човекот мора да застане, да оцени и да избере насока за да ги постигне своите цели“, рече Галант синоќа (1 јануари) во телевизиска изјава.

Галант како министер често пати се судираше со Нетанјаху и неговите коалициски партнери - екстремно десничарски и верски партии, вклучително и околу ослободувањето од воена служба на ултраортодоксните Евреи.

Во март 2023 година, Нетанјаху го смени Галант откако тој повика на запирање на многу контроверзниот владин план за намалување на овластувањата на Врховниот суд. Неговото разрешување предизвика масовни протести и Нетанјаху се повлече.

Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Галант и Нетанјаху, заедно со лидерот на Хамас, за воени злосторства и злосторства против човештвото во конфликтот во Газа, што Израел го оспорува

update

Најмалку 12 мртви во масакрот во Цетиње, сторителот се самоуби

Цетиње, Црна Гора
Цетиње, Црна Гора

Во Црна Гора, 2 јануари е првиот ден од тридневната жалост по убиството на најмалку 12 лица во Цетиње на првиот ден од 2025 година.

Осомничениот за невидениот масакр во црногорскиот град Цетиње, Ацо Мартиновиќ, се самоубил откако претходно убил најмалку дванаесет лица, соопшти црногорската полиција.

Мартиновиќ, кој беше во бегство, полицијата го лоцирала недалеку од неговата куќа во Цетиње.

„Откако полицијата го опколи и откако виде дека е во безизлезна ситуација, тој се застрела и почина при транспортот до Клиничкиот центар“, изјави ноќеска на прес-конференција директорот на полицијата Лазар Шќепановиќ.

Тој додаде дека напаѓачот убил најмалку дванаесет лица, но можно е да има и повеќе жртви. Четири лица се тешко ранети. Меѓу жртвите има две деца на возраст од 10 и 13 години и сите се најблиски пријатели, кумови и роднини на убиецот.

Мартиновиќ злосторството го започнал во ресторанот „Велестово“ во близина на Спортскиот центар во Цетиње. По инцидентот меѓу него и гостин, тој отишол дома да земе пиштол, се вратил во кафеаната и таму убил четири лица.

Потоа ги убил членовите на неговото семејство и две деца на возраст од 10 и 13 години на три познати локации.

Шќепановиќ изјави дека мотивот за ова досега незабележено золсторство во овој град но и Црна Гора се уште се утврдува.

Масовно убиство во Цетиње, најмалку 10 жртви, од кои 2 деца

Масовно убиство во Цетиње, Црна Гора, 1 јануари 2025 год
Масовно убиство во Цетиње, Црна Гора, 1 јануари 2025 год

Најмалку десет лица, меѓу кои две деца, се убиени во средата попладне на 1 јануари во Цетиње, а четири лица се ранети, соопшти министерот за внатрешни работи Данило Шарановиќ.

Полицијата трага по Ацо Мартиновиќ, кој е осомничен за овие убиства и повреди.

Како што беше соопштено, Мартиновиќ убил четири лица во еден локал во центарот на градот, а потоа уште шест на други локации, меѓу кои и членови на неговото семејство.

Ранетите кои се донесени во Клиничкиот центар, тројца мажи и една жена се во животна опасност, соопшти директорот Александар Радовиќ.

Полицијата објави фотографија од масовниот убиец во Цетиње
Полицијата објави фотографија од масовниот убиец во Цетиње

Пред Клиничкиот центар е и премиерот Милојко Спајиќ, кој рече дека се работи за страшна трагедија и дека во потрагата по убиецот се вклучени сите полициски сили за напаѓачот кој е „вооружен и опасен“.

Полицијата во краткото соопштение апелира до граѓаните на Цетиње да останат во затворени простории и во затворени простори.

Во градот Бајице во ресторан со употреба на огнено оружје животот го одзеде лицето А.М., соопштија претходно од Управата на полицијата.

На улиците има голем број полицајци, сообраќајот е блокиран во некои делови од градот, а сите излези од Цетиње се под строга контрола.
Полицијата соопшти дека во Цетиње се и специјалните полициски единици. Сите расположливи единици се на терен „со цел состојбата да се стави под контрола и кривично гонење на сторителите“, се вели во соопштението.

„Инцидентот не е резултат на сузбивање на високоризични организирани криминални групи“, се вели во соопштението на УП.

Премиерот Спајиќ на мрежата Х напиша дека Армијата ќе и се придружи на полицијата во потрагата.

Во 2005 година Мартиновиќ беше осуден на условна казна затвор од една година за насилничко однесување, но тој не беше третиран како безбедносно лице од интерес, рече министерот Сарановиќ.Тој додаде дека во 2022 година кај него биле пронајдени оружје и експлозиви, за што во прв степен бил осуден на три месеци.

Цетиње е на триесетина километри од Подгорица.

Владата на Црна Гора прогласи тридневна жалост на 2, 3 и 4 јануари поради трагедијата во Цетиње.

Поради трагичниот настан во Цетиње, откажани се новогодишните концерти во Подгорица, Будва и Котор.

Премиерот Спајиќ ги повика другите општини да ги откажат сите настани на отворено.

На Цетиње, во август 2022 година, во населбата Медовина, Вук Бориловиќ уби 10 и рани 6 лица, по што и тој беше убиен.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG