Вести
Зеленски очекува САД да објават одлука за нова помош за Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека очекува САД денеска да објават одлука за нов пакет значителни количини воена помош за неговата држава.
„Знам дека се подготвува важна американска одлука за поддршка на Украина. Очекуваме официјално соопштение уште утре: значителни пакети поддршка за нашите војници, како за време на годините на војна за заштита на Украина“, рече Зеленски во видео порака, додавајќи:
„Колку е посеопфатно снабдувањето партнерите, толку повеќе животи на нашите млади луѓе ќе се спасат“.
Според него, продолжува работата на тоа да се обезбеди другите партнери на Украина да ја задржат поддршката на потребното ниво.
„Денеска разговарав со канадскиот премиер Џастин Трудо. Следната година почнува канадското претседавање со Г7 и важно е дефинитивно да се зајакне меѓународната соработка со цел заштита на нашите вредности и животот на нашиот народ“, рече Зеленски.
Американскиот претседател во заминување Џо Бајден деновиве побара од Министерството за одбрана да продолжи со големи испораки на оружје за Украина и го осуди рускиот божиќен напад врз некои украински градови и енергетскиот систем на земјата.
Од руската инвазија на Украина во 2022 година, Вашингтон одвои 175 милијарди долари помош за Украина.
види ги сите денешни вести
Судски совет в петок избира нов претседател
Судскиот совет утре (3 јануари) на седница ќе избира нов претседател, откако поранешната претседателка, Весна Дамева, пред еден месец поднесе неотповиклива оставка, а изборот беше одложен до комплетирање на составот со изборот на двајца нови членови од редот на судиите.
Првиот човек на Судскиот совет и неговиот заменик се бираат од членовите со право на глас, откако Уставниот суд во март 2023 го укина ограничувањето тие да се избираат само од редот на членовите избрани од Собранието.
Претседателот на Советот се бира со најмалку осум гласови од членовите на Советот со право на глас.
Советот е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина ги избира Собранието од кои двајца на предлог на Претседателот на државата. По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат во работата на Советот без право на глас.
Петмина од членовите од редот на судиите беа израни минатата година. Во декември судиите Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип, претходно во септември беше избрана судијката Џенета Бектовиќ од Основниот кривичен суд Скопје како член на советот од редот на судиите припадници на заедниците, кои се помалку од 20 проценти од населението во државата, додека во јуни нови членови станаа судиите Исамедин Лимани од Врховниот суд и Александар Камбовски, од битолското апелационо подрачје.
Останатите тројца членови на Советот од редот на судиите се судијката Антоанета Димовска избрана во јули 2023 година, судијата Ивица Николовски избран септември 2022 и Ханиф Зендели избран во јануари 2020 година.
По предлог на Претседателот членови на Советот се Весна Дамева, избрана во декември 2019 година и Миљазим Мустафа избран во јули 2019 година.
Членовите на Советот кои се бираат од Собранието се Тања Чачарова-Илиевска избрана во декември 2021 година, Павлина Црвенковска избрана во декемри 2020 година и Селим Адеми избран во декември 2019 година.
На скопската обиколница починала жена, се истражуваат причините за несреќата
Јавен обвинител и полициски екипи истражуваат како вчера на скопската обиколница дошло до смрт на една жена.
Како што информираат од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, се работи на утврдување на точните причини и околностите под кои се случил настанот.
Имено, се утврдува дали сега починатата жена се движела пеш по коловозот или, пак, паднала од надвозникот. Во тој момент, се вели во описот од Обвинителство, на неа налетал автомобил што се движел по обиколницата, а кој возел во ноќни услови и со намалена видливост на патот.
„По несреќата, на возачот на автомобилот му бил направен алкотест, при што било утврдено дека не возел под дејство на алкохол“, соопштија од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека е издадена наредба за обдукција на телото на починатата и дека се прибрани траги и материјални докази што ќе бидат предмет на вештачење.
Со цел да се испитаат сите околности, од ОЈО велат дека се разговара и со очевидци на настанот.
Во Швајцарија стапи во сила забраната за носење бурка
Во Швајцарија стапи во сила законот за забрана за покривање на лицето на јавни места, познат како „забрана за бурка“, а неговото прекршување може да се казни со парична казна до 1.000 швајцарски франци (1064 евра) објави Свисинфо (Swissinfo).
Иницијативата против носење бурка беше одобрена од 51,2 отсто од швајцарските гласачи во март 2021 година, а исклучоците од законот ќе вклучуваат покривање на лицето од безбедносни, временски или здравствени причини, а исто така ќе биде дозволено на уметнички и забавни причини, бидејќи како и за рекламирање.
Од 1-ви јануари стапија на сила новите правила кои го усогласуваат швајцарското меѓународно наследно право со Европската регулатива за сукцесија.
Кога станува збор за наследството, често се јавуваат судири на јурисдикција помеѓу Швајцарија и остатокот од Европа, а новиот закон ја приближува Швајцарија до Европската Унија.
Државните пензии од денеска се зголемени и во Швајцарија, за 2,9 отсто, со образложение дека тоа е неопходно за да се држи чекор со растот на цените и движењето на платите.
Според тоа, минималната државна пензија ќе се зголеми од 1.225 на 1.260 швајцарски франци месечно, а максималната пензија од 2450 на 2520 швајцарски франци.
Украина соопшти дека соборила 47 руски дронови
Украинските воздухопловни сили денеска (2 јануари) соопштија дека собориле 47 беспилотни летала со кои Русија синоќа ја нападнала Украина.
Од вкупно 72 беспилотни летала со кои Русија ја нападна Украина, 24 „дронови имитатори“ не успеале да стигнат до своите цели, соопштија украинските сили.
Во украинскиот воздушен простор утрово останало едно беспилотно летало.
Поранешниот израелски министер Галант поднесе оставка и од парламентот
Поранешниот израелски министер за одбрана, Јоав Галант, кој често заземаше независен став од премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговите екстремно десничарски сојузници во владата, изјави дека поднесува оставка од парламентот.
Нетанјаху го смени Галант од владата во ноември по неколкумесечни несогласувања околу водењето на војната против Хамас во Газа, но тој го задржа своето место како избран член на Кнесетот.
„Како што е на бојното поле, така е и во јавна служба. Има моменти кога човекот мора да застане, да оцени и да избере насока за да ги постигне своите цели“, рече Галант синоќа (1 јануари) во телевизиска изјава.
Галант како министер често пати се судираше со Нетанјаху и неговите коалициски партнери - екстремно десничарски и верски партии, вклучително и околу ослободувањето од воена служба на ултраортодоксните Евреи.
Во март 2023 година, Нетанјаху го смени Галант откако тој повика на запирање на многу контроверзниот владин план за намалување на овластувањата на Врховниот суд. Неговото разрешување предизвика масовни протести и Нетанјаху се повлече.
Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Галант и Нетанјаху, заедно со лидерот на Хамас, за воени злосторства и злосторства против човештвото во конфликтот во Газа, што Израел го оспорува
Најмалку 12 мртви во масакрот во Цетиње, сторителот се самоуби
Во Црна Гора, 2 јануари е првиот ден од тридневната жалост по убиството на најмалку 12 лица во Цетиње на првиот ден од 2025 година.
Осомничениот за невидениот масакр во црногорскиот град Цетиње, Ацо Мартиновиќ, се самоубил откако претходно убил најмалку дванаесет лица, соопшти црногорската полиција.
Мартиновиќ, кој беше во бегство, полицијата го лоцирала недалеку од неговата куќа во Цетиње.
„Откако полицијата го опколи и откако виде дека е во безизлезна ситуација, тој се застрела и почина при транспортот до Клиничкиот центар“, изјави ноќеска на прес-конференција директорот на полицијата Лазар Шќепановиќ.
Тој додаде дека напаѓачот убил најмалку дванаесет лица, но можно е да има и повеќе жртви. Четири лица се тешко ранети. Меѓу жртвите има две деца на возраст од 10 и 13 години и сите се најблиски пријатели, кумови и роднини на убиецот.
Мартиновиќ злосторството го започнал во ресторанот „Велестово“ во близина на Спортскиот центар во Цетиње. По инцидентот меѓу него и гостин, тој отишол дома да земе пиштол, се вратил во кафеаната и таму убил четири лица.
Потоа ги убил членовите на неговото семејство и две деца на возраст од 10 и 13 години на три познати локации.
Шќепановиќ изјави дека мотивот за ова досега незабележено золсторство во овој град но и Црна Гора се уште се утврдува.
Масовно убиство во Цетиње, најмалку 10 жртви, од кои 2 деца
Најмалку десет лица, меѓу кои две деца, се убиени во средата попладне на 1 јануари во Цетиње, а четири лица се ранети, соопшти министерот за внатрешни работи Данило Шарановиќ.
Полицијата трага по Ацо Мартиновиќ, кој е осомничен за овие убиства и повреди.
Како што беше соопштено, Мартиновиќ убил четири лица во еден локал во центарот на градот, а потоа уште шест на други локации, меѓу кои и членови на неговото семејство.
Ранетите кои се донесени во Клиничкиот центар, тројца мажи и една жена се во животна опасност, соопшти директорот Александар Радовиќ.
Пред Клиничкиот центар е и премиерот Милојко Спајиќ, кој рече дека се работи за страшна трагедија и дека во потрагата по убиецот се вклучени сите полициски сили за напаѓачот кој е „вооружен и опасен“.
Полицијата во краткото соопштение апелира до граѓаните на Цетиње да останат во затворени простории и во затворени простори.
Во градот Бајице во ресторан со употреба на огнено оружје животот го одзеде лицето А.М., соопштија претходно од Управата на полицијата.
На улиците има голем број полицајци, сообраќајот е блокиран во некои делови од градот, а сите излези од Цетиње се под строга контрола.
Полицијата соопшти дека во Цетиње се и специјалните полициски единици. Сите расположливи единици се на терен „со цел состојбата да се стави под контрола и кривично гонење на сторителите“, се вели во соопштението.
„Инцидентот не е резултат на сузбивање на високоризични организирани криминални групи“, се вели во соопштението на УП.
Премиерот Спајиќ на мрежата Х напиша дека Армијата ќе и се придружи на полицијата во потрагата.
Во 2005 година Мартиновиќ беше осуден на условна казна затвор од една година за насилничко однесување, но тој не беше третиран како безбедносно лице од интерес, рече министерот Сарановиќ.Тој додаде дека во 2022 година кај него биле пронајдени оружје и експлозиви, за што во прв степен бил осуден на три месеци.
Цетиње е на триесетина километри од Подгорица.
Владата на Црна Гора прогласи тридневна жалост на 2, 3 и 4 јануари поради трагедијата во Цетиње.
Поради трагичниот настан во Цетиње, откажани се новогодишните концерти во Подгорица, Будва и Котор.
Премиерот Спајиќ ги повика другите општини да ги откажат сите настани на отворено.
На Цетиње, во август 2022 година, во населбата Медовина, Вук Бориловиќ уби 10 и рани 6 лица, по што и тој беше убиен.
Молдавија без руски гас е во тешка ситуација соопшти владата
Проруската сепаратистичка област Придњестровје (Придњестровје) во Молдавија се наоѓа во тешка ситуација, бидејќи снабдувањето со руски гас за Европа преку Украина е прекинато од 1 јануари, соопшти молдавската влада.
„Регионот поминува низ тешка ситуација“ откако локалниот снабдувач Тирасполтрансгас „го прекина снабдувањето со природен гас и греење, што ги погоди локалитетите и јавните институции“, изјави владиниот портпарол Данијел Вода на мрежата Телеграм, повикувајќи ја Русија „да престане со уцените“.
Најавата на Киев за прекин на транзитот на руски гас низ територијата на Украина предизвика конфузија во Европа, но паника во Молдавија, која е единствената значително зависна од таа гасна рута, потсетува АФП.
Иако зависноста на европскиот континент од руските енергетски извори е значително намалена од почетокот на војната во Украина, земјите лоцирани на истокот се уште добиваат големи количества гас и нафта од Москва.
Ситуацијата е најкритична во Молдавија. Поранешната советска република прогласи вонредна состојба откако преговорите со Гаспром пропаднаа, како причина за финансискиот спор и одбивањето да се разгледаат алтернативни рути.
Молдавската влада претходно најави драстични мерки за намалување на потрошувачката на електрична енергија, вклучително и ограничување на осветлувањето во јавните згради и намалување на употребата на лифтови.
Европската унија реагираше смирено на ваквиот тек на настаните, бидејќи околу 14 милијарди кубни метри годишен транзит низ Украина претставува само пет отсто од нејзиниот вкупен увоз на гас.
Унгарија губи 1 милијарда долари од финансирањето на ЕУ
На Унгарија официјално и беше одбиено финансирањето од околу 1 милијарда долари од Европската унија што блокот го замрзна поради обвинувања за корупција.
Потегот, најавен во изјава на ЕУ доцна на 31 декември, е прв во кој таа да презема таков чекор против членка на блокот.
Будимпешта не даде непосредна изјава за истечените средства.
Таа сума беше дел од поголема сума, 19 милијарди евра (19,7 милијарди долари) што беше замрзната, која датира од 2022 година, кога Брисел започна постапка за „условност“ против Унгарија.
Сега е блокирано исплатувањето на средствата поради наводите дека унгарската влада ги прекршила правилата за јавни набавки, како и поради недостаток на контрола и транспарентност.
Будимпешта направи голем број реформи кои овозможија деблокирање на некои средства, но крајниот рок за објавување на последната рата истече на 31 декември.
Тоа значи дека Унгарија го загуби финансирањето, кое изнесува 1,04 милијарди евра (1,08 милијарди долари).
Во извештајот објавен во јули, Европската комисија рече дека Унгарија не ги исполнува демократските стандарди на ЕУ, особено во однос на политичкото финансирање, конфликтот на интереси и независноста на медиумите.
Премиерот Виктор Орбан претходно вети дека ќе се бори за заштита на парите „кои се наши“.
„Тие постојано се обидуваат да ги земат парите на Унгарците со различни средства и различни методи“, рече тој во декември.
Економијата на Унгарија се распрснува, вршејќи притисок врз Орбан пред новите парламентарни избори закажани за 2026 година.
Сиљановска Давкова: Потребен е нов модерен закон за помилување
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова смета дека е потребен нов закон за помилување во чиј фокус би биле луѓето затвореници, оти сегашниот смета дека не е системски поставен.
Таа потврди дека била запозната со кривичните дела на неколкуте осудени лица кои се помилувани по повод новогодишните празници.
Според неа, една од основните забелешки на нашиот систем на помилувања или на намалувања на казните е многу кусиот период, затоа што, како што посочи, правото на помилување или на милост е човечко право и се оценува социјализацијата или ресоцијализацијата откако ќе се најдете во затвор. Она што е најважно, вели таа, при помилувањето е судот.
„Ниту Министерството за правда, ниту Комисијата за помилување можат или смеат да играат улога на истражни органи - да се јавуваат во АНБ или АР за да ги проверуваат луѓето. Тоа е работа на судот - значи судијата го креира профилот, досието што доаѓа кај нас. Само судот може да ги проверува фактите и доказите, не ние. За мене најважно е кој и како ја прави селекцијата во затворите - кога ќе побараат или самите затвореници или нивните најблиски намалување на казната и кој го ниже досието.
Сиљановска смета дека ако ги нема сите потребни елементи во досието, тогаш ниту Министерството за правда, ниту комисијата може навистина да има вистинска претстава за луѓето. Затоа, според неа во иднина дури и во рамки на Судскиот совет би можело да се разгледува начинот на кој што судиите ги креираат досиејата за луѓето.
Според претседателката, потребен е нов модерен закон за помилување во кој што суштината ќе бидат луѓето затвореници.
Во однос на тоа дали би требало да се предвиди поголем период од три месеци за помилување, таа додава дека тоа треба да го предложат овластените предлагачи на закони, но вели, можеби е потребно да се преиспита и самата казнена политика.
Од Кабинетот на претседателката вчера информираа дека по повод новогодишните празници помилувани се седум лица од кои едно потполно, а шест делумно. Шестемина осудени лица се помилувани во траење од три месеци, а едно лице три месеци и четири дена, што кај него доведува до потполно ослободување од извршување на казната затвор.
Комисијата за помилување е дел од телата на претседателката, која по предлог на Министерството за правда одлучува кој и какво помилување ќе добијат затворенците со правосилни пресуди.
Сите членови на првата Комисија за помилување што беше формирана од Сиљановска Давкова, поднесоа оставка од функцијата по критиките во јавноста за дел од имињата на листата за помилување кои беа објавени по повод празникот 23 Октомври. Новиот состав на Комисијата беше формиран на крајот на ноември, а го предводи д-р Милка Ристова.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете