Достапни линкови

Коцевски: „Кртот“ кој помага на осомничени да бегаат не е во обвинителството


Државниот обвинител не очекува да го разрешат и покрај незадоволството на Мицкоски
please wait

No media source currently available

0:00 0:20:46 0:00

Државниот обвинител не очекува да го разрешат и покрај незадоволството на Мицкоски

Републичкиот обвинител Коцевски нема информација каде е Груби, но во тек е истрага. Тврди дека „кртот“ кој ја проби истрагата за Државна лотарија не е од обвинителството. За екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е осомничен во друг случај, не барале притвор оти казната е до 5 години затвор.

Актуелно е бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби, дали знаете каде се наоѓа?

Во моментов Јавното обвинителство нема податоци каде се наоѓа осомничениот Артан Груби, меѓутоа во однос на бегството можам да кажам дека од страна на ЈО имаше до сите царински органи ставено СТОП мерка што значи дека тоа беше неколку денови пред неговото излегување од државата.

Од она што го слушнавме од министерот се работи за човечки фактор и начинот на кој што поминал го истражува МВР, со тоа што против надлежниот службеник и некои други лица доставена е кривична пријава до Основното јавно обвинителство за организиран криминал и се постапува по истата. Се преземаат процесни дејствија за тоа кој се евентуално се пропустите на надлежните полициски службеници во однос на тој дел.

Дали кривичната пријава е поднесена само за полицискиот службеник или се сомневате и вие како обвинителство дека Груби имал некаква помош при бегството. Јавноста навистина е зачудена од тоа само еден службеник кој бил импресиониран од политичката големина да е осомничен?

Јавното обвинителство не може да се сомнева се додека нема докази. Во моментов кривичната пријава е поднесена против надлежниот службеник со тоа што ЈО ги презема сите дејствија почнувајќи од начинот на кој што поминал, ги обезбедува камерите, обезбедува други докази, ќе ги сослуша сведоците и ќе одлучи дали евентуално има вина од страна на лицето кое го пропуштило.

Дали вие имате информации дали е пробиена целата акција со оглед на тоа што и уште еден од осомничените е избеган и не се знае каде е?

Во однос на соработката со МВР таа беше добра за тоа што неколку пати имаше средби меѓу ЈО кој го води предметот и полициските службеници од МВР, се даваа насоки, се укажуваше на одредени дејствија кои евентуално треба да се прибават така што се водеше предистражна постапка и во текот на таа предистрага ЈО даде наредба за мерката стоп, што значи дека во тој момент ЈО не можеше да даде друга евентуална наредба за построга мерка со оглед дека се уште беше во фаза на предистражна постапка.

Од страна на Финансиската полиција и од страна на МВР беа доставени две пријави со тоа што ЈО постапи по истите, оформи предмет и ги презема сите дејствија со тоа што даде наредба за претрес кај сите потенцијални осомничени и тој претрес се изврши меѓутоа во моментот на вршењето на претресот Груби не беше во државата. Иста е состојбата и кај другиот осомничен Перпарими.

Груби е осомничен и во уште една предистрага, можеби сега е во фаза на истрага. По неговото ставање на црна листа од САД, ЈО извести дека отвори истрага во однос на неговото влијание во судскиот процес Таргет – Тврдина. До каде е оваа предистрага, се истражуваат ли сите останати вклучени во акцијата за застарување на делото?

Јас како државен обвинител согласно моите овластувања оформив предмет по допрен глас со тоа што постапувајќи по тоа се достави до надлежно обвинителство и обвинителството даде наредба да се прибават одредени докази.

Првите дејства беа во Судскиот совет да се прибави предметот во однос на постапката против судијата кој беше ставен на црната листа и да се преземат сите други дејствија во однос на обезбедување докази. Со тоа што и понатаму предметот е прибавен со кој беше казнет судијата Беџети, но и понатаму се преземаат одредени дејства со издавање на наредби и ценам дека ќе оди во добар правец.

Кој е тој што влијаел да застари делото?

Од она што го имаме како сознанија а тоа го знае и јавноста се работи за потенцијалниот обвинет но не можеме да споделуваме никакви податоци во моментов.

Нели е поразително за обвинителството друга држава, во конкретниов случај САД да му кажува дека се влијаело на таков предмет кој беше од големо значење на јавноста, се работеше за прислушуваните разговори?

Обвинителството за да утврди дали има кривична одговорност треба да има и одредени докази. Со тоа што во конкретниот случај Судскиот совет беше тој кој утврдуваше и водеше дисциплинска постапка и утврдуваше одговорност на судијата Беџети.

Но тој застана на став дека доволно е да се изрече парична казна, а ЈО не располагаше со никакви други докази за евентуално влијание или евентуален поткуп на судија во тој момент. Сега ќе видиме како ќе се одвива постапката.

Исто така имате друга истрага после популарно наречената акција „Адитив“ и таму еден од осомничените е во бегство. Тоа е поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски. Зошто за него нема притвор?

Во однос на Ковачевски, токму за него Обвинителството за гонење организиран криминал утврди дека од дејствијата во текот на постапката што беше обезбедено утврди дека може да се работи за дело со казна до 5 години затвор.

Тоа значи дека за ова дело не може да се предложи притвор меѓутоа во моментот на претресот тој не бил достапен и се уште по мои сознанија до ден денес од страна на МВР не е доставено официјално известување до обвинителството дека Ковачевски е недостапен во државата.

Министерот за внатрешни Панче Тошковски рече дека два пати обвинителството било известено и известувањето е испратено?

Не последна информација ми е доставена дека се уште нема известување официјално од обвинителството дали Ковачевски е достапен на државните органи. Можеби министерот доставил до судот а нас судот не ни доставил.

Неспорен е фактот дека се почесто гледаме дека осомничени не се достапни за органите на прогон. Од каде излегуваат информациите, еве и во акцијата за групата Беланоца и таму петмина не се достапни.

Во тој поглед јас како државен обвинител можам да ви гарантирам дека од страна на ЈО не протекуваат никакви информации за тоа што тие предистраги, тие мерки за следење со месеци биле активни и претходно и ниедна не пробила.

Акцијата е пробиена во завршна фаза односно ден два пред да се преземе официјално акцијата. Токму и на таа околност ЈО и сега истражува да дознае „кој е кртот“ на пробивање на акцијата, меѓутоа ете успеа два дена пред планираното да спроведе акција и дел од осомничените да ги уапси.

А за Ковачевски се води ли истрага, како е избеган, каде е избеган?

Во однос на поранешниот директор на ЕСМ се уште ЈО нема известување дали е водржавата или не, тоа е надлежност на другите органи.

Тоа значи дека не можете да отворите истрага и по допрен глас?

Истражни дејства се преземаат за дејства каде е предвидена казна до 5 години, заедно со другите осомничени се прибираат докази и за Васко Ковачевски.

Истиот ден кога беше акцијата за Државна лотарија, МВР излезе со прес дека има пријава и за поранешен премиер, за Димитар Ковачевски и за поранешен генерален секретар. Имате ли за ова истрага и до каде е?

И Финансиската полиција и МВР поднесоа кривични пријави до ОЈО Скопје со тоа што се споија и ЈО кој го работи предметот оцени дека има доволно докази за осомничените за кои поведе истрага. Другите не е отфрлена кривичната пријава, и се уште се истражува а ако има елементи на кривично дело ќе се постапи и за двајцата пријавени.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG