Достапни линкови

Османи: Чекавме светло на крајот на тунелот, а не згази воз


Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на состанокот на Националниот совет за евроинтеграции уверуваше во добрите намери на официјален Париз за интеграција на Скопје во ЕУ. Вицепремиерот Бујар Османи пак неколкупати зборуваше за разочараноста, оти вели земјава направила се и само тоа е вистината.

Околу час и половина власта, опозицијата и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние дебатираа за причините поради кои Европскиот совет не донесе одлука за датум за преговори за земјава, но и за францускиот нон пејпер и препораките од него.

Документот не е земи или остави, ги очекуваме забелешките од другите земји-членки и очекуваме процесот да заврши до јануари за да се трасира патот до Загреб каде што во мај ќе се одржи Самитот на ЕУ, рече Тимоние на седницата на Националниот совет за евроинтеграции.

„Кога нашиот министер за Европа дојде овде, се кажуваше давајте само датум, а потоа нека траат преговорите 20-30 години. Ќе кажам не, тоа не е нашата перспектива, нашата перспектива е да одиме до крај“, рече Тимоние.

Тој нагласи и дека има конкретно барање од земјава - завршување на законот за СЈО и се што произлегува од тоа, а тоа му било кажано рече Тимоние и на македонскиот амбасадор во Париз од францускиот генерален секретар.

Вицепремиерот Бујар Османи тврди дека во октомври државава заслужила да почне преговори, a одлуката била резултат само на дилемите во ЕУ како ќе продолжи европскиот проект. Само тоа е вистината, беше дециден Османи.

„Направивме се што беше во наша моќ и повеќе од тоа. И се разбира дека поради тоа бевме разочарани. Ние бевме разочарани, беше неочекувано. Институциите беа разочарани, вработените во администрацијата кои со ентузијазам чекаа и гледаа светло на крајот на тунелот, а всушност видоа воз кој доаѓа во тунелот“, рече Османи.

Toj вели дека на францускиот нонпејпер повеќе гледа како на писмо на намери, отколку на „детален рецепт за подготовка на торта“.

Забелешки за нон-пејперот

Сепак прецизираше дека кога го разгледувале за некои прашања имаат дилеми- што значи консекутивноста, што значи завршувањето на една фаза пред влегување во друга, колку тоа ќе го одложи процесот, дали се создава Балкан со две брзини, односно дали ова важи и за Србија и Црна Гора кои веќе преговараат или само за Албанија и Македонија. Османи нагласи и дека за последната дилема позитивно било што сигналите се дека тоа ќе важи за сите земји од регионот.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Никола Попоски кој е и претседател на советот смета дека менувањето на методологијата за преговори не се однесува на Македонија и на Албанија, туку најмногу ќе се одрази врз Србија и Црна Гора кои веќе преговараат. Според него, се од сегашните барања може да се примени и со актуелната европска регулатива освен пристапот до структурните фондови. Одлуката не ЕУ ќе зависи од три фактори- внатрешната политика во земјите членки, односите меѓу членките во ЕУ и позицијата на ЕУ во однос на светот. Во однос на земјава, поранешниот министер смета дека власта треба да го смени односот кон опозицијата и кон невладините организации.

„Првиот чекор би требало да биде ревидирање на пристапот за водење преговори од Македонија кон ЕУ. Оној што го имаме во моментот е нетранспаретност, затворена седница на влада, носење за програма за тоа кој ќе води преговори, како, во кој правец ќе се одвиваат“, рече Попоски.

Кредибилитетот на ЕУ под знак прашање

Се доведе во сериозен знак прашалник кредибилитетот на Европската унија- оцени пратеничката од владејачката мнозинство и заменичка на Попоски во комисијата Ивана Туфегџиќ.

„По завршување на Европскиот совет претседателот на Франција го доведе во прашање тоа дали земјите од западен Балкан воопшто треба да бидат членки или да им се понуди некаква друга форма. Сега навистина би било згодно да ни се објасни дали останува на таа изјава Макрон или понатаму прават нон пејпер во кој ни велат остануваме на проширувањето“, рече Туфегџиќ.

За ова одговор доби и од Тимоние.

„За прашањето за проширувањето, проширување кое понекогаш е без услови или проширување само заради проширување кое стануваше цел само за себе и тоа и го потсети претседателот дека проширувањето не е цел сама за себе туку за да се зајакне Европа но и да ги зајакне сите земји кои сакаат да и се приклучат“, рече францускиот амбасадор.

Тој нагласи дека Франција не стравува од нови земји членки на Унијата само сакале кога ќе влезат да бидат доволно силни.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG