Место старата реторика „Ако Македонија влезе во НАТО, ќе биде легална мета на Русија“, што ја слушавме од претходниот руски амбасадор во Скопје, Олег Шчербак, сега, откако стана извесен влезот на Македонија во НАТО, но и по европското НЕ, слушаме покани за пријателски односи, за инвестиции, за засилување на економските врски, за членство во некои други унии. А се побројни се културните и образовните настани во Македнија во организација или под покровителство на Руската амбасада и на руско-македонски друштва, кои, само во последниот месец ги имаше десетина. Засилени се и активностите на тие организации за пријателство и на социјалните мрежи, па и во дел од медиумите.
Поради тоа, во јавноста се отвораат прашањата: Дали Русија ја менува тактиката и нуди искрено пријателство и економска соработка со обострана корист? Дали Москва, која се изјасни против македонското членство во НАТО, се повлекува? Дали се враќа на старата стратегија за мека моќ, по недобивањето датум од ЕУ или пак има затишје пред бура?
И јавноста и експертите се поделени. Додека едни сметаат дека иако Македонија е цврсто ориентирана кон Запад, треба да ги засили економските односи со Русија, но претпазливо, други велат дека Кремљ се враќа на старата тактика на мека моќ во ширењето на своето влијание во Македонија, додека трети, особено политичари, се на тврда линија и велат дека некои од овие руски пораки, особено онаа за членство во Евроазиската унија, се трикови.
Да ја научиме црногорската лекција - Соработка треба, но претпазливо
Политичкиот аналитичар Илија Џугуманов од Евроатлантскиот совет на Македонија, смета дека, Македонија нема ништо лошо од засилување на економската и културната соработка со Русија, но, гледано од политички аспект, таа промена од заканувачки тонови во понуди за економска соработка и културно-образовни настани може да се толкува како стратегија на „мека моќ“. Тој додава и дека позицијата на Македонија не треба да биде одбивање на се што не е од Запад, но со максимална претпазливост да не се направиме зависни од Русија.
„Несомнени се историските и традиционалните врски на Русија и Македонија, иако Македонија е строго ЕУ и НАТО ориентирана. Македонија економски не е силна држава и засилувањето на такви врски не треба да биде нешто лошо. Политички гледано, пак, сметам дека оваа политика на Русија може да се сфати како мека моќ, но Македонија која ни економски, ни политички не е силна држава, треба да гради пријателски односи и со Русија. Реториката на претходниот амбасадор не ѝ се допаѓаше ни на Москва и сега дојде нов амбасадор со сосема поинаков настап. Тој настап ѝ одговара на Русија, и за заживување на традицоналните културни врски, но и за заживување на односите од економски и од политички аспект, со оглед на моменталната политичка ситуација. Соработка треба да има, но Македонија не треба да си дозволи да стане премногу економски зависна, како што се случи со Црна Гора каде Москва, откако направи економски 'бум', велеше дека нема ништо против нејзиното членство во НАТО, но кога Подгорица влезе во Алјансата знаеме кои беа руските рекации. Македонија треба да ги искористи понудите за економска, културна и друг вид соработка, но поучена од црногорската лекција“, вели Џугуманов.
Мека моќ, стапици и трикови
Според некои експерти, новата омекната реторика нема да донесе ништо ново, туку продолжување на политиката во помека форма. Упатените тука, освен културно-образовните пеоекти, ги вбројуваат, пред се, економските пораки од Кремљ.
Сефер Селими, од невладината организација „Демокраси лаб“, неодамна во интервју за ВОА рече дека на поканата за пристап во Евроазиската економска унија повеќе гледа како на „иронично понижување кон Евроатланските аспирации на Македонија и Албанија, одошто како на сериозна економска опција“.
За политичкиот аналитичар, Петар Арсовски, ваквиот потег, како што изјави за ВОА, е „трик и обид на Москва, да влијае врз европската интеграција на Македонија“.
„Тоа е долготрајна стратегија на Москва со минимален напад односно со максимален резултат тука во обид да ги измеша картите. Русија нема ниту можност, ниту интерес долготрајно да го држи овој регион надвор од НАТО и ЕУ, туку ова е обид за комплицирање на политичката ситуација“, смета Арсовски.
За дел од регионалните политичари, покрај поканата за членство во Евроазиската унија, и т.н. „Мал шенген е дел од сменетата реторика на Русија, но само како стапица“, како што рече заменик министерот за одбрана на Косово, Бурим Рамадани.
„Идејата за Мини Шенген е проруска стапица. Покровител на оваа идеја е Русија која постојано ја вооружува Србија, бидејќи таа не сака членство во НАТО“, рече Рамадани.
Македонскиот премиер Зоран Заев, кој е дел од разговорите за оваа иницијатива, негира дека тој Мал Шенген е замена за ЕУ.
Според политикологот Симеон Костадиновски, новата реторика на Москва не е искрена и е враќање на тактиката на мека моќ на Кремљ во Македонија. Сепак, за затишје пред бура, како што велат некои западни анализи, додава тој, нема можност.