Достапни линкови

Огромни разлики во платите на државните факултети


Студенти со индекс
Студенти со индекс

Има огромни разлики меѓу платите на вработените на јавните универзитети, кои, се финансирани нетранспарентно, покажа истражувањето на Академскиот синдикат. Ние "ловиме" студенти за да ни бидат повисоки односно нормални платите, со тоа се спушаат критериумите на знаење, коментираат професори.

Просечната нето плата на УКИК изнесува околу 38 илјади денари, но по факултети изност на платите значително се разликува, покажаа резултатите од неколкумесечна анализа на платите на вработените во јавните универзитети.

Највисоката плата од 60 илјади до 122 илјади денари се зема на само три од вкупно 28 факултети на УКИМ, а најниската палта е под 500 евра или само 36 илјади денари.

Истражувањето покажа дека на УКИМ речиси една третина од редовните професори (31 отсто) земаат плата под 40.000 денари (16 проценти до 38.000, а 15 отсто меѓу 38.000 и 40.000), највисок процент (45 отсто) на УКИМ се со примања од 40.000 до 50.000, 13 отсто земаат меѓу 50.000 и 60.000 денари, а само 11 проценти на Скопскиот универзитет примаат плата над 60.000 денари.

Освен на факултетите на УКИМ, анализата укажува и на големи разлики меѓу платите за иста работа и вложен труд на различни универзитети. На УКИМ има случаи кога редовни професори се со пониска плата од доцент на Државниот универзитет во Тетово.

"Ловиме" студенти за повисоки плати, паѓаат критериумите

Професорката Гордана Поп Симонова од Земјоделскиот факултет во Скопје коментира дека ако државата сака да вложува во напредокот, крајно време е да ги финансира сегментите кои значат развој

"Нормални плати земаат само тие две три единици на УКИМ, настрана од структрата на платата која е нелегалана, затоа што не може во платата да влегуваат сретствата од партиципацијата на студентите, тоа ни го разниша целото образование. Ние "ловиме" студенти за да ни бидат повисоки односно нормални платите и така почнаа да се спушаат критериумите на знаење ",вели професорката Поп Симонова.

Осврнувајќи се на тоа како доаѓа на некои факултети да земаат повисок износ, таа објаснува дека МОН дава плата во висина од 34 или 35 илјади денари за сите редовни професори кои се вработени во јавните високо образовни институции, додека остатокот од платата професорите ги добиваат главно од пари од партиципацијата на студентите што е регулирано во правилници на факултеите. Ваквата пракса доведе до големи разлики во висината на платите за работни места со еднакво образование, обем и сложеност на работа.

"Тоа значи дека има голема системска корупција, парите од студентите не смеат да влегуваат во платите на наставниот кадар. Системот пак по кој МОН ги распределува платите се базира на документ од 95-та година и се вика самоуправана спогодба и е бизиран на коефициент 3,921. Само ја креваат минималната плата, а остатокот не се пресметува како помножен по минималната плата" вели Поп Симонова.

Од НАКС, рекоа дека има самоволие во однос на тоа како се трошат парите од сопствени приходи, т.е. оние што факултетите ги добиваат од партиципацијата на студентите. Тие се наменети за подобрување на квалитетот на наставата, но некои факултети со дозвола од Министерството за финансии тие пари ги користат за да си ги зголемат платите, а на други факултети тоа не им е дозволено, рекоа од НАКС. Тоа, според нив, не е само неправедност, туку и системска корупција затоа што на овој начин професорите се принудени да го спуштат критериумот за преодност на студентите за да не го загубат приходот од нивната партиципација.

НАКС бара склучување колективн договор

Од акдемскиот синдикат побараа да се склучи колективен договор со МОН со критериуми што правилно ќе ги утврдат коефициентите на сложеност на работните места, забрана на еднострано менување на вредноста на коефициентот од страна на МОН и систем на вреднување кој ќе овозможи за иста сложеност, ист обем на работа и исто образование да се добива иста плата на јавните високообразовни и научни установи.

Професорките Маја Стевановиќ, Мирјана Најчевска и Мимоза Ристова деновиве на прес-конференцијата на која ги презентираа овие резултати од неколкумесечна анализа на платите на вработените во јавните универзитети, рекоа дека на нивно барање од МОН добиле "нејасен критериум за пресметка на плата на највисоко звање на универзитет – редовен професор, коефициент со три децимали (3.921). Според нив овој коефициент не го дава реалниот износ на просечна плата на редовен професор, кој е околу 550 евра (податок од 1 јануари 2019)".

Инаку во споредба со издвојувањето на плати за академскиот кадар во регионот нашата држава издвојува три пати помали сретства од просечната плата во државата.

Во регионот пак најниски плати добиваат редовните професори од Косово-1400 евра што значи дека нашата држава издвојува двојно помалку во апсолутен износ од само 550 евра за редовен професор.

Вложувањето во образованието е вложување во развој

Универзитетската професорка Јасна Бачовска од Правниот Факултет во Скопје вели коефициентот на просечна плата кај нас е убедливо најнизок во регионот.

"Кога ние сме и кандидати за членство во ЕУ и ние треба правно и етички да се хармонизраме со тие критериуми" вели професорката Бачовска.

Таа наведува дека лично имала искуство околу разгледување на огласи за работа на универзитетски професори во Шведска каде позицијата за плата не била транспарентно кажана, односно висината на платата била оставена на договорот помеѓу професорот кој аплицира за работа и универзитетот .

"Тоа е така затоа што на таа работна позиција може да се пријави некој поанонимен професор од југоисточна Европа или од Европа, но може да аплицира и некој кој добил нобелова награда и нормално дека неговата плата може да биде и 30 илјади евра, незнам тоа е приватна работа, а додека плата на некои други професори од понизок ранг може да се договара, но не може да биде пониска од 5 или 6 илјади евра. А сега ние тука професорските плати ги ставаме во контекст на некои просечни плати, а се работи за многу специфична работна позициja за која треба да изоди пат кој е макотрпен, цел живот учите..." вели професорката Бачовска.

Партиско влијание во распределбата на парите на факултетите?

По укажувањата од Независниот академски синдикат дека има огромни разлики во платите на вработените во јавните универзитети министерот за образование и наука Арбер Адеми рече дека сите вработени во јавните универзитети добиваат ист износ на партиципација на плата од страна на државата. Тој кажа дека разликата е во тоа што скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ не е интегриран и секоја единица на Универзитетот има сопствени средства кои ги распределува по основ на плата

" Проверете во ДУТ дали има разлика или на Универзитетот „Гоце Делчев“ и Универзитетот на Југоисточна Европа. Земаат иста плата. Разлика во платите има на УКИМ бидејќи не е интегриран универзитет како останатите. Тука факултетите имаат и сопствени приходи и во зависност од овие приходи тие самите одлучуваат да ги распределат по основ на плати" изјави Адеми

Но професорката Мирјана Најчевска рече дека Националниот совет за високо образование, кој според новиот закон требаше да проработи до март годинава, треба да утврди методологија за плати и дека поради непостоењето на тоа тело, сѐ останува во рацете на МОН и зависи од неговата одлука како, кому и колку ќе распредели од парите од основниот буџет на МОН за јавните високообразовни установи.

"Без поставени критериуми и правила, МОН ја прави распределбата на крајно непознат начин, како ќе им падне на памет во моментот, со многу големо партиско и политичко влијание и со ад хок решенија", рече професорката Најчевска.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG