Достапни линкови

Музичарите бараат да се има слух за нивниот молк или излегуваат на протести


Илустрација, фото: Сашо Димоски
Илустрација, фото: Сашо Димоски

Еднократна финансиска помош до крајот на март, протоколи за работа на угостителските објекти кои нема да бидат дискриминирачки во однос на музичарите ... се основните барања на шесте активни музички здруженија од земјава на чело со „Музика сега“. Во спротивно тие излегуваат на протести.

Музичарите се замолкнати. Имајте слух за нивниот молк! Тој силно знае да одекне.

Ова е пораката што на денешната средба со медиумите во Скопје ја упати Кординативното тело на шесте сродни музички здруженија до институциите на власта. Во него од крајот на јануари годинава членуваат Здружението за унапредување на правата на музичарите „Музика сега“, Здружението на естрадни уметници – Скопје, Охридски музички еснаф, Естрада - Битола, Естрада – Струмица и Сојузот на професионални музичари – Скопје.

Во своето обраќање пред се до Владата тие велат дека „нивниот молк е потврда дека музичарите навистина ја разбираат состојбата во која се наоѓа целиот свет, како и нашето општество и држава“. Од таму сметаат дека „тој молк воедно е и крик кој треба да го слушнат сите, а пред се` оние кои неправедно оваа група на граѓани ја имаат заборавено и ставено на маргините“.

Во појаснување на својата состојба истакнуваат дека музичарите и воопшто музичките работници, беа меѓу првите кои ги почуствуваа последиците од оправдано донесените мерки за сузбивање на пандемијата, кога меѓу првите добија забрана за извршување на нивната дејност“.

Од таа причина, илјадници семејства во изминатата година останаа без основниот приход за егзистенција. Некои наши колеги беа или се принудени да ги продадат своите инструменти и да бараат во очај, начин за заработка во други струки кои немаат никакви допирни точка со музиката. Состојбата кај најголемиот број музичари е трагична и алармантна! Помошта која беше реализирана од страна на државата во декември минатата година беше добредојдена и покри дел од секојдневните семејни потреби на уметниците и за тоа испраќаме благодарност до Владата! Но, за жал, пандемијата сеуште трае, а уметниците под забраната за активност се оставени без работа, без ангажман, без основни приходи, без најава за евентуални настапи со пропишани протоколи, вели Трајко Симоновски Таци.

Петар Младеновски и Трајко Симоновски Таци од Здружението за унапредување на правата на музичарите „Музика сега“

Од Координативното тело со дополна дека за волја на вистината, некаде пред летото беа донесени протоколи за одржување на културни настани, меѓу кои и за музичките настани, но истите се однесуваа строго на настани организирани од продукциските куќи и од другите чинители како дел од индустријата за забава и на нив, „шанса и простор за настап добиваа изведувачите од соседството на сметка на домашните кои останаа без настапи, што е крајно некоректно кон артистите од домашната сцена кои низ годините оставиле траен белег“. Сметаат дека всушност биле и настапи кои се однесуваат на еден мал дел од сите можни објекти или настани каде музичарите ја вршат својата дејност, па затоа „еве веќе една година се бара и се очекува да се предложат и одобрат протоколи кои би овозможиле ограничено или какво такво музицирање и работа и во угостителските објекти, но за тоа време не е изнајдено никакво решение“.

Последниот предлог за организирање настани БЕЗ МУЗИКА, дополнително ги стави во подредена улога и ги минимизира струката и трудот на нас музичарите кои верувајте се еден вид живо културно наследство. А стравот и револтот кај сите нас, се огромни. И тоа е сосема оправдано. Потоа неизвесноста се претвора во страв, а стравот во револт. Страв дека би останале и без досегашната помош од државата, покрај забраната сами да заработиме за себе и за нашите семејства, истакнува Петар Младеновски.

Од таму во една ваква незавидна ситуација, шесте здруженија во врска со оваа проблематика имаат подготвено предлог-протоколи кои ќе бидат предложени и доставени до министерот за здравство и Комисијата за заштита од заразни болести. Згора на тоа тие бараат и прием во Министерството за култура, со цел да ги изложат проблемите со кои се соочуваат музичарите и да дадат конкретни предлози за нивно што побрзо надминување во време на корона кризата која очигледно ќе траеи во периодот што следува.

Владата уверува дека се бори за секое работно место и и оваа група на граѓани го заслужува истото, иако нивниот статус , не по нивна вина, сеуште стои како недефиниран во досегашните законски рамки па затоа нашите барања ќе бидат адресирани до: Премиерот – Зоран Заев, Вицепремиерот – Фатмир Битиќи, Комисијата за заштита од заразни болести и Министерството за Култура, од кои очекуваме одговор најдоцна до крајот на неделата, односно до 12 март годинава. Во спротивно, ќе бидеме приморани во време на пандемија нашите права да ги бараме по пат на протест, секако почитувајќи ги правилата и протоколите при одржувањето на истите на јавен простор. Музичарите се замолкнати. Имајте слух за нивниот молк! Тој силно знае да одекне!, порачува Симоновски во името на Координативното тело на шесте здруженија на музичари.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG