Достапни линкови

Економијата од борба за раст до борба за опстанок


Зголемената сиромаштија и трошоци за живот се предизвиците со кои се соочуваат граѓаните. Државата се бори со рекордно ниво на долг и во најава се енормни задолжувања. Несомнено најголемиот предизвик е економската стабилност и ќе треба да се преземат болни мерки, вели економскиот аналитичар Халили.

Над 450 илјади луѓе во земјава живеат под прагот под сиромаштија, а граѓаните се снаоѓаат како знаат и умеат за да ги покријат буџетските дупки и да го преживеат месецот. Еден од нив е и Адем Халили, кој на скопскиот пазар продава расад од зеленчук што ги одгледува дома. Тој вели дека со овој дополнителен приход ги покрива трошоците, по поскапувањето.

„Храната стана многу скапа. Парите што ги добивав како приход, сега не ми се доволни. Со 250 евра не можам да ги покријам основните потреби. Излегов овде да продавам расад од домати, пиперки, да го поминам месецот“, вели Халили.

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека речиси 452 илјади граѓани живеат во сиромаштија. Најизразена е стапката на сиромаштија во семејствата со три и повеќе деца од над 45 отсто, како и кај самохраните родители со околу 41 процент.

Во април годинава споредбено со истиот месец лани, трошоците за живот се за 10,5 отсто повисоки, додека цените на мало за истиот период се повисоки за 11,1 отсто.

Претходниот месец најголем скок во цената имало маслото за јадење и тоа за 20 отсто, а потоа зеленчукот за речиси 13 отсто. Од Нова година струјата поскапе за 10 отсто, а парното во Скопје за 14 отсто.

Долгот на државата достигна рекордно ниво од над 7,1 милијарди евра, односно веќе е над 60 отсто од БДП. За оваа година е предвиден буџетски дефицит од 550 милиони евра, а дупката ќе се полни со нови задолжувања.

Што треба да се направи за излез од економската криза?

Халили: Потребен е царски рез за економски опстанок
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:22 0:00
Директен линк


Несомнено дека живееме во еден временски период кога најголемиот предизвик во земјата ние економската стабилност и ќе треба да се преземат мерки, кои можеби ќе бидат болни, вели економскиот аналитичар Арбен Халили.

„Веќе не можеме да зборуваме за економски развој, туку економски опстанок. Тоа подразбира дека капиталните инвестиции мора да продолжат со цел да се држи континуитетот на работата на приватниот сектор. Но, од друга страна конкретни и кои може да бидат болни мерки кои треба да ги земеме в предвид е дека непотребниот број на луѓе во државната администрација мора да се тргне. Тој што е вишок нема потреба да шета по канцеларија и тоа мора да се реши за да тие продуктивни луѓе кои сакаат да се вклучат во приватниот сектор“, Халили.

За жал, според него, се повеќе млади ја напуштаат земјата и со тоа се помалку работна сила имаме во земјата и тоа е веќе најголемиот предизвик со кој се соочува приватниот сектор.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа денеска дека двоцифрената инфлација е поради неспособноста на СДСМ, а народот тоне во сиромаштија заради премиерот Димитар Ковачевски.

„Цените на основните продукти и услуги за една година се зголемени од 10% до над 50%. Во истиот период нема зголемување ниту на платите, ниту на пензиите. Народот е се посиромашен. Со лошите економски политики инфлацијата само може да расте. Со оваа влада државата е во опасност од економска катастрофа“, соопштија од опозициската партија.

Владата усвои 26 мерки и препораки, поделени во две категории, првата е заштита на животниот стандард на граѓаните, а втората за ликвидност на компаниите.

Владата ги ограничи трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало што важат до крајов на месецов. Пензионерите и социјално загрозените пак, во април, мај и јуни добиваат по 1000 денари за справување со покачувањата. Минималната плата пак беше покачена на 18 илјади денари.

Халили смета дека секоја мерка е променлива.

„На пример мерката за замрзнување на цените на прехранбените производи се покажа дека таа мерка повеќе беше во корист на потрошувачите, но, не и на компаниите. Поради тоа Владата отиде со втора мерка која беше и е добра, но не може да биде долготрајна затоа што ни еден бизнис не може да опстане со 5 посто или 10 посто маржа, кога веќе другите трошоци и транспортот се покажува. Така што најверојатно Владата ќе треба да се врати на мерките за поддржување на бизнис заедницата кои што беа за време на ковид кризата или пак некои други мерки“, смета Халили.

Но, тоа, како што додава тој, ќе значи и нови задолжувања, кое можеби економски не е оправдано, но стратешки е потребно. Се разбира, според Халили, тука е важна и способноста на Владата и колку ќе може да обезбеди финансиски средства со прифатлива каматна стапка.

Со Буџетот за 2022 кој се уште е сила е предвидено државата надвор да се задолжи за 350 милиони евра. Неофицијалните информации велат дека Владата од ММФ планира да позајми околу 900 милиони евра. Оваа година, државата ќе треба да отплати 188 милиони евра кредити и уште 164 милиони евра само за камати.

Светска банка во редовниот полугодишен економски извештај за државите од Западен Балкан оцени дека економскиот раст на Македонија во 2022 година се очекува да забави до 2,7 проценти при што реалниот БДП до средината на годинава ќе го достигне нивото пред пандемијата.

Од Светска банка очекуваат фискалниот дефицит во земјава да остане на високо ниво и во 2022 година согласно континуираната поддршка на фирмите и домаќинствата за ублажување на влијанието од енергетската криза и кризата поврзана со Украина.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG