Достапни линкови

Ребаланс - Зголемување на задолженоста, кратење на капиталните инвестиции


Изградба на тунел на автопат Кичево - Охрид
Изградба на тунел на автопат Кичево - Охрид

Министерот за финансии Фатмир Бесими најави ребаланс на буџетот и зголемување на задолженоста, како и кратење на непродуктивните трошоци. Економистите велат дека големо кратење ќе има и кај капиталните инвестиции.

Први ќе настрадаат капиталните инвестиции, велат економистите и бизнисмените со кои разговаравме откако министерот за финансии Фатмир Бесими најави ребаланс на буџетот за мај или јуни. Бесими најави нови задолжувања за државата да има пари да се справи со поскапувањето на храната и енергенсите поради војната во Украина. Јавниот долг ќе достигне рекордни 64 отсто од БДП-то.

Дополнителен проблем е што каматите за задолжувањата сега се многу повисоки од минатата година, па и задолжувањето ќе биде поскапо.

Од друга страна, покачувањето на платите во образованието, кое е веќе извесно поради штрајкот во училиштата и градинките, ќе ги зголеми трошоците од буџетот за плати за десетици милиони евра, во зависност од тоа колкаво ќе биде зголемувањето и од кога ќе важи.

Каде и зошто ќе се крати

Владата уверува дека ќе го стега ременот и ќе ги скрати сите непродуктивни расходи, но тоа нема да биде доволно. Досегашните искуства покажуваат дека прво се удира по капиталните инвестиции, меѓу другото и поради нереалното планирање на почетокот на годината.

Економистот Арбен Халили од Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека ќе се крати таму каде што најмалку треба да се крати.

„Колку и да е длабока економската криза, капиталните инвестиции никако не треба да се чепкаат, поради фактот што тие овозможуваат економијата сè уште да се одржува во живот“, вели тој.

Арбен Халили: Буџетот ќе се крати таму каде што не треба
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:55 0:00
Директен линк

Од друга страна, Халили посочува дека капиталните инвестиции секоја година нереално се планираат за буџетот да се прикаже како развоен, а потоа со рабалансите се кратат и на крај не се реализираат ни 70 отсто.

Професор Марија Зарезанкова Потевска, пак, вели дека делот од буџетот за социјални трансфери треба да се зголеми. Кризата покажа дека ни се неопходни инвестиции во енергетиката и во производството на храна, вели таа.

„Може да се скратат сите трошоци коишто ги прави администрацијата, а коишто се непродуктивни. Знаеме дека досега ги имало многу и ги има. Некогаш и треба нешто да се обнови, но треба да се намали на се она што значи непотребен трошок во министерствата и другите државни органи“, вели таа.

Предвидени а не реализирани капитални инвестиции

Во буџетот за годинава се предвидени рекордни 620 милиони евра за капитални инвестиции. Тоа е двојно повеќе од просекот во изминатите години. Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека во првите два месеци од годинава се реализирани само 8 отсто од планираните инвестиции за целата година.

Бесими рече дека со ребалансот ќе се предвидат и поголеми задолжувања и зголемување на јавниот долг за да може да се одговори на тековната криза. Буџетскиот дефицит за годинава е проектиран на 545 милиони евра, но според најавите на Бесими тој ќе биде уште поголем.

Трошоците за мебел и возила ќе бидат сведени на нула, рече министерот, кој очекува оваа година да има и подобро полнење на буџетската каса.
Оваа година државата презеде низа мерки за амортизирање на ценовните шокови за што се предвидени 615 милиони евра.

Јавниот долг на почетокот на годинава надмина 7 милијарди евра, односно веќе е над 60 отсто од БДП. Оваа година, државата ќе треба да отплати 188 милиони евра кредити и уште 164 милиони евра само за камати.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG