Кога Марко од Скопје почувствувал чешање по кожата минатиот месец, не ни помислувал дека има шуга. Но, кога чешањето станало неподносливо, побарал лекарска помош. Матичниот лекар се посомневал на алергиска реакција, но откако препишаната терапија не му помогнала, а чешањето навечер станало неиздржливо, Марко побарал помош од дерматовенеролог.
„После долг период на мачење и неподносливо чешање по целото тело, кожниот лекар ми дијагностицираше шуга. Не можев да поверувам дека во денешно време сум „закачил“ такво нешто. Она што е најстрашно е што не знам како сум се заразил и имам болест за која мислев дека е минато“, вели Марко.
Најновиот извештај на Институтот за јавно здравје покажува дека минатиот месец во Северна Македонија се регистрирани 32 случаи на шуга.
Лекарите претпоставуваат дека овој број е многу поголем, зошто многу од пациентите не се јавуваат на лекар и случаите не ги пријавуваат поради срам од стигматизација во нашето општество. Голем дел од заразените се снаоѓаат и самите купуваат крема која им ги ублажува симптомите, без притоа да отидат на лекар.
Што е шуга (скабиес)?
Шугата е заразна болест предизвикана од паразит. Тоа е всушност состојба на иритација на кожата. Манифестацијата на болеста е од токсични агенси и супстанции кои паразитот ги испушта. Паразитите се шират со близок контакт со заболено лице, преку користење на заеднички крпи, чаршафи и други лични работи. Најчесто во семејството заболуваат повеќе членови.
Болеста може да се пренесе уште пред да се појават првите симптоми. Најчести знаци на шуга се чешање, а кај доенчињата можна е појава на плускавци и мозолчиња кои ја маскираат клиничката слика.
Период на инкубација е четири до осум недели кога телото развива сензитивност на паразитите, нивните јајца и измет. Паразитот ги дразни нервните завршетоци поради што има неподносливото чешање, посебно ноќе. Со самото чешање дополнително се иритира кожата и може да доведе до секундарни кожни промени.
Филиповиќ: Шугата е болест на сите социјални слоеви
Оваа болест е болест за сите луѓе без разлика на социјален статус, пол и возраст вели доктор Дејан Филиповиќ од Универзитетската клиника за дерматовенерологија во Скопје. Иако најчесто се јавува на места каде има голема фрекфенција на луѓе, како на пример во болниците, затворите, домовите за деца или старечките домови, од шуга може да заболи секој. Филиповиќ вели дека на Клиниката секојдневно имаат еден до двајца пациенти кај кои е дијагностицирана оваа болест.
Но, иако бројот на заразени е зголемен, тој сепак смирува дека не се работи за тешко заболување.
„Секој може да заболи од шуга (скабиес). Не е до тоа дали одржувате или не одржувате хигиена. Џабе се бањате ако сте биле во контакт со лице со шуга. Пренесувањето е кожа на кожа, но со подолг контакт. Сме имале ние случаи да се зарази лице од авион, ако претходно седел некој заразен и кај подолгите летови тие паразити од ткаенината, знаат да влезат во другата ткаенина и да се заразите“, вели доктор Филиповиќ.
Докторот укажува дека превенција за ова заразно заболување нема, но дека при појава на симптомите најдобро е веднаш да се замине на лекар.
„Еден од начините на превенција е кога на пример одите во некоја викендичка каде што никој не престојувал долго време, да проветрите, да ги исчистите душеците и да ја исперете облеката и постелнината. Самите паразити не се уништуваат со прскање хемиски средства, туку тие умираат на температура од 50 степени. И затоа доволно е да ги исперете алиштата со вриење или да ги извадите душеците на сонце“, препорачува доктор Филиповиќ.
Кај луѓе кои за прв пат имале контакт со оваа болест инкубацијата е од четири до осум недели, а кај оние кои веќе имале контакт инкубацијата е пократка и се јавува за осум дена.
Кожните доктори аплелираат дека сите лица кои имале близок контакт со заразеното лице, истовремено да се лекуваат, дури и да немаат симптоми, со терапија препишана од лекар. По дадената терапија чешањето се повлекува во период од неколку дена до неколку недели.
Покрај појавата на шуга, последниот извештај на ИЈЗ укажува на тоа дека во текот на март, најчесто регистрирано акутно заразно заболување се овчите сипаници со вкупно 911 пријавени лица. На второ место по број на пријавени заболени во месец март се ентероколитите, со 168 случаи. Во месец март пријавени се 185 случаи на заболени од групата на цревни заболувања. Во текот на месец март, до Институтот за јавно здравје не се пристигнати пријави за епидемија на заразна болест.