Достапни линкови

Туберкулоза - ем болни, ем стигматизирани


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Случајот со смртта на бебе со туберкулоза ги отвори старите рани- стигмата кон болеста од која годишно се разболуваат стотици пациенти во земјава. Семејството е етикетирано. Стигмата дополнително ја отежнува борбата со оваа болест, забележуват докторите.

Смртта за деветмесечното бебе со туберкулоза ја вознемири јавноста, го впери прстот во здравствениот систем, но го изложи пред јавноста и неговото семејство кое сега се бори на два фронта- да научи да живее со загубата, но и со стигмата околу нив поврзана со туберкулозата.

Се работи за сега веќе петчлено семејство од кумановско, со три малолетни деца, од кои две на училишна возраст.

Таткото во ова семејство, за РСЕ вели дека единствено што посакува е сето ова да запре, и да продолжат таму каде што застанаа.

Секој може да се разболи, додава тој, но е загрижен што понатаму, бидејќи во моментов ниту децата одат на училиште, ниту пак тој на работа, од која зависи егзистенцијата на целото семејство. Ни соседите повеќе не ги поздравуваат.

„Ни здраво-живо не кажуваат веќе со мене“, искрен е таткото.

Туберкулозата е излечива болест што ја предизвикува бактеријата „Mycobacterium tuberculosis“. Болеста обично ги оштетува белите дробови, но некогаш и други делови од телото, како лимфните жлезди, бубрезите, коските. Се пренесува преку кашлање, од лица кои имаат активна форма на белодробна туберкулоза, при долготраен контакт.

Па така, ако за пренос на Ковид -19 се потребни неколку минути престој во иста просторија, за туберкулозата може да бидат потребни месеци, и компромитиран, односно намален имунитет. Затоа ризикот од инфекција останува најголем меѓу членовите на семејството на пациентот, или групата во која тој живее.

Стигмата ја отежнува борбата со болеста

Туберкулозата е нашиот стар непријател, вели доктор Сеад Зејнел, медицински директор на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза во Скопје. Забележува дека во земјава има пад на бројката на заболени во последните 15 години, но сепак останува присутна со ниска инциденца, под 10 случаи на 100 000 жители.

Но и покрај тоа, стигмата кон овие луѓе останува голема, што штети и на лекувањето, и на дијагностицирањето.

„Стигмата ја отежнува превенцијата и грижата за болните од туберкулоза, доведувајќи до социјална ексклузија и понатамошно влошување на социјалните детерминанти на болеста. Понатаму, социјалниот и економскиот момент на стигмата негативно влијае на подготвеноста на луѓето да подлежат на скрининг, да се упатат на лекар по појавата на нивните симптоми, како и влијае врз нивното откажување од лекувањето“, вели докторот.

Тој е дециден дека здравствените работници, меѓу другото, мора да ја таргетират и стигмата бидејќи силно влијае врз нивната борба со туберкулозата во земјава. Истовремено забележува дека ковид пандемијата, дополнително ги влоши состојбите, меѓудругото и поради сличноста во симптоматологијата.

Слично како сега, кога со прст се покажува на кумановското семејство, се покажуваше и кон многу семејства на почетокот на ковид пандемијата, кои поради склоп на околности заболеа од Ковид-19. Тогаш беше стравот од непознатото, но цели семејства, посебно во помалите места, беа стигматизирани. Затоа дел од луѓето избегнуваа да се тестираат за Ковид-19, што пак носеше ризик од дополнително ширење на болеста или неправилно третирање.

Стравот од стигматизација беше присутен и кога во Европа пристигна болеста мајмунски сипаници. Пет дена траеше драмата со кичевчанецот кој не сакаше да се тестира за мајмунски сипаници, па Комисијата за заразни болести предложи тој да биде ставен под здравствен надзор. На крај тестот беше негативен, но проблемот со стигмата остана, посебно поради тоа што мајмунските сипаници се покажа дека главно се пренесуват во групата „мажи кои имаат секс со мажи“.

За пренос на туберкулозата, иако може да се јави кај сите социјални слоеви, останува распространето мислењето дека е „болест на сиромашните“. Во таа насока одат и статистиките на Европскиот центар за превенција и контрола на болестите, кои покажуваат директна врска помеѓу нееднаквоста на социо-економскиот статус и распространетоста на туберкулозата во европските земји. Во развиените европски земји, голем дел од заболените со туберкулоза се меѓу мигрантите, бездомните лица, лицата во казнено-поправните и психијатриските установи.

Институциите на потег

Според медиумските објави и изјавите на здравствените работници, бебето кое почина од турберкулоза било предвремено родено, но напредувало и било вакцинирано против оваа болест. Социјалните служби утврдиле дека не се работи за родителска негрижа, а увидот на Центарот за социјални работи покажал дека семејството живее во добри услови, хигиената е на завидно ниво, не се корисници на социјална помош.

Но она што вчера го истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, е проблемот со стигмата и повторната интеграција на кумановското семејство.

„Наша обврска е сега во овој момент да работиме со семејството, со училиштето и со фирмата кај што работи таткото за да можат по подобрувањето на здравствената состојба да се вратат на училиште и тој да се врати на работа. Значи, не се работи за запоставување на децата од страна на семејството. Семејството е стигматизирано во моментов и децата и мора да работиме на тој сегмент за да можеме да ги заштитиме од секакви понатамошни стигми од околината“, нагласи министерката.

Во меѓувреме, случај отвори и Народниот правобранител, за да испита како се случило во 21 век од туберкулоза да почине дете во Македонија. Како што изјави заменичката-правобранител Васка Бајрамовска Мустафа,ќе ги почекаат одговорите од надлежните здравствени установи, а во процесот ќе бидат вклучени надлежниот Државен санитарен и здравствен инспекторат, како и Министерството за здравство.

„Оценуваме дека е потребно да се испита моментот од пораѓањето, килажата на детето, примањето на вакцината со толку мала килажа за да се утврди дали патронажните служби ги преземале сите оние мерки дури и за информирање. Жално е во 21 век кога има лек, вакцина, кога може и да се превенира таква болест да дозволиме да ни почине дете“, рече Бајрамовска Мустафа.

Според најновите податоци на Светската Здравствена Организација, во 2021 година се регистрирани 10.6 милиони случаи на заболени од туберкулоза, а годината претходно од болеста починале 1,5 милиони луѓе. Последниот Глобален извештај за туберкулозата, за 2022 година, јасно покажува дека ковид-19 пандемијата значително ја нарушила контролата на туберкулозата, со зголемување на оптовареноста.

Прогресот кој беше континуирано забележуван до 2019 година е забавен, застанат или назаден, додека глобалните цели за туберкулозата се поместени. Оттука, туберкулозата продолжува да биде една од водечките причини за смрт, во светски рамки, меѓу заразните заболувања.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG