Достапни линкови

„Мајмунски работи“ со сипаниците


Пет дена трае драмата со кичевчанецот кој не сака да се тестира за мајмунски сипаници, па Комисијата за заразни болести предложи здравствен надзор. Луѓето поради стигма од околината не ги пријавуваат или не се тестираат за оваа болест, објаснуваат лекарите и социолозите.

Од бели мантили во Македонија не се плашат само децата. Стигмата и недовербата во здравствениот систем ги тераат луѓето да бегаат од болница со можни заразни болести, велат социолозите.

Пет дена трае драмата со кичевчанецот кој не сака да се тестира за мајмунски сипаници, па Комисијата за заразни болести предложи да се стави под здравствен надзор.

За време на пандемијата, пациент со ковид-19 облекол докторски мантил и избегал од болницата „8 Септември“ во Скопје. Виничанец скрши прозорец од штипската болница и избега затоа што му рекле да остане во болница додека се чекаат резултатите од ковид-тестот.

Од болница не бегаат само живите. Во 2020 година, роднини го украдоа телото на починат од коронавирус од струмичката болница со се кревет за да го погребат.

Досега во Македонија имаше два сомнителни случаи за мајмунски сипаници. Еден жител на Кичево и еден мигрант од Сирија. Тестот покажа дека мигрантот не е заразен, а кичевчанецот одбива да се тестира.

Инфектологот, доктор Фадил Цана нагласува дека не секој осип на кожата е сомнеж за мајмунски сипаници, а и да се, тоа е болест што не се пренесува лесно, затоа што е потребен продолжен контакт со кожата на заболениот.

„Мајмунските сипаници најчесто се пренесуваат во групата „мажи кои имаат секс со мажи“, па луѓето поради стигма од околината нема да ги пријавуваат или тестираат“, вели тој.

Социологот Ѓорѓи Тоновски вели дека има низа причини поради кои луѓе може да одбиваат лекарска нега или проверка – од лични до поврзани со здравствениот систем.

„На пример несоодветен третман и амбиент во здравствената установа, па тие седат уплашени и не знаат кој што ќе им прави и им спрема, несоодветен приод од медицинските лица, но исто така и несоодветен однос кон самите себе, а веројатно и стигмата игра улога“, вели тој.

Дел од медиумите објавија дека 43-годишниот маж, кој по три недели престој се вратил од Австрија, во понеделникот дошол во кичевската болница со симптоми слични на тие на мајмунски сипаници. Пациентот бил тежок за соработка.

Прво беше објавено дека кичевската брза помош одбила да го превезе до Скопје на тестирање, па дека тој воопшто не дошол во брза помош. Потоа беше објавено дека избегал од болница, па потоа дека воопшто не бил хоспитализиран, па дека здравствените власти го лоцирале.

Пред два дена Институтот за јавно здравје соопшти дека од пациентот веќе бил земен примерок за тестирање и оти се чекаат резултати, но претседателот на Комисијата за заразни болести, доктор Александар Петличковски вчера рече дека воопшто не е земен примерок за тестирање.

„Ние немаме законска можност да го присилиме да се тестира, бидејќи никаде во светот тоа не се прави за оваа болест. Ова не е болест со која следи задолжителна изолација, изолацијата е во облик на препорака“, рече тој.

Портпаролот на Комисијата, доктор Злате Мехемедовиќ потоа рече дека ќе предложат здравствен надзор за пациентот. Мајмунските сипаници не се на листата опасни болести за кои следува карантин или изолација, но Комисијата пред два дена препорача изолација на сомнителните случаи до тестирање и изолација до завршување на болеста.

Што треба да знаете за мајмунските сипаници?
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Во 2014 година, Британец почина во хотел во Скопје, по што хотелот беше затворен под сомнеж за ебола. Резултатите од лабораторијата во Германија покажаа дека немал ебола.

Во 2005 година, медиумите беа преокупирани со угината кокошка од Могила сомнителна на птичји грип, па цела недела се чекаа резултатите од референтната лабораторија од Вајбриџ. На крај испадна дека нема птичји грип.

Во светот до 9 август се регистрирани вкупно 31.800 случаи на мајмунски сипаници. Во Европа, најголем број на случаи има во Шпанија – 5 162, Германија – 2 982 и Британија – 2 914. Пријавени се и неколку смртни случаи.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG