Изминатава година 144 случаи со туберкулоза се откриени во земјава. На институтот за ТБЦ моментално се лекуваат десетина пациенти од ова заболување.
На почеткот на месецов, деветмесечно бебе почина од туберкулоза. Иако е излечлива и превентабилна болест, 141 година од откривањето на причинителот на туберкулозата, 75 години од откривањето на ефикасни лекови, туберкулозата се уште претставува глобален здравствен проблем. Присутна е во сите земји и сите возрасни групи. „Секој може да заболи од туберкулоза“, вели д-р Сеад Зејнел, директор на Институтот за ТБЦ.
„Но, одредени групи на лица имаат зголемен ризик да заболат и тоа се лица кои биле во непосреден контакт со болен од туберкулоза (членови на семејството, особено децата), лица кои живеат со ХИВ, лица кои живеат во затворени колективи, кои живеат со материјални средства под границата на сиромаштијата, како и хронични болни со намален имунитет“, вели д-р Зејнел.
Пандемијата ја наруши контролата на болеста
Според статистиките на здравствените власти, Македонија последните 15 години години има континуиран пад на бројот на новозаболени со туберкулоза, каде од 2019 година припаѓа во групата на земји со ниска инциденца, кои имаат помалку од 10 случаи на 100.000 жители.
Сепак постигнатиот напредок за елиминација на оваа болест и во домашни и во светски рамки во значителна мерка е компромитиран поради ковид пандемијата.
„Овој пад на бројките на новооткриени случаи во годините на ковид-19
пандемијата е очигледен и непосреден ефект на самата ковид пандемија, кој може да се протолкува како нарушување на контролата на туберкулозата и зголемување на јазот помеѓу регистрираните болни и реалната бројка поради рефокусираноста на здравствените системи кон справување со истата.“
Туберкулозата не треба да се заборави и не е искоренета, но е превентабилна и излечива, вели д-р Зејнел.
Според последните статистики на СЗО, во 2021 година се регистрирани 10.6 милиони случаи на заболени од туберкулоза, што е еквивалент на 134 регистрирани случаи на 100.000 жители за таа година.
Фокусот на свестките здравствени експерти сега, за да може повторно да се воспостави контролата врз туберкулозата како пред пандемијата, е да се интензивира мултисекторскиот пристап кој ги адресира сите детерминанти на туберкулозата, како што се сиромаштијата, потхранетоста, ХИВ инфекцијата, пушењето и дијабетесот.
Потребата од дејствување е уште поголема токму поради светската економска криза, поради која се влошуваат пошироките детерминанти на туберкулозата, како што се домашниот приход и неухранетоста.
Што е туберкулозата
Според Институтот за јавно здравје, туберкулозата е предизвикана од бактеријата (Mycobacterium tuberculosis) која најчесто влијае на белите дробови. Туберкулозата се шири од човек на човек по воздушен пат, кога луѓето со ТБ кашлаат, киваат или плукаат тие исфрлаат бацили-микроби на ТБ во воздухот.
Едно лице е потребно да вдише само неколку од овие бактерии за да биде заразено. Околу една четвртина од светската популација има латентна ТБ, што значи дека луѓето биле заразени со ТБ бактерии но сеуште не се заболени од оваа болест и не можат да ја пренесат истата.
Вакцините БСЖ во земјава се безбедни
Единствената одобрена вакцина за спречување на туберкулоза е бацилот Calmette-Guérin или BCG, кој е развиен пред 100 години. Според СЗО, оваа вакцина го спречува развојот на сериозни форми на болестa.
Децата во земјава се вакцинираат со BCG вакцина при отпуштање од родилиште, а деца родени надвор од родилиште до навршени 2 месеци од живот. Децата кои не можеле да бидат вакцинирани во родилиште, односно до навршени 2 месеци од животот, треба да се вакцинираат до навршени 12 месеци од животот.
Од здравствените власти не добивме одговор на прашањето колкав е опфатот на имунизација конкретно со оваа вакцина.
Она што ја вознемири македонската јавност е информацијата од соседна Србија каде тамошните власти соопштија дека српскиот Институт за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“ доброволно одлучил да повлече серија на вакцини поради „ минимално отстапување од строгите барања на спецификацијата на лекот“.
Македонските здравствени власти смируваат дека кај нас не се користи таа БСЖ вакцина.
„Во Република Северна Македонија не се наоѓа во промет вакцинатa на БСЖ од Институтот Торлак , БСЖ вакцината која е во промет во нашата земја долги години се увезува од Европска земја“, велат од Агенцијата за лекови МАЛМЕД.
Од Министерството за здравство велат дека во нашата држава се користат вакцини од производителот Булбио од Бугарија, па оттука смируваат дека не постои опасност, ниту потреба да се повлече БСЖ-вакцината како што тоа е случај во соседна Србија.
Од Агенцијата за лекови потенцираат дека сите вакцини кои се увезуваат во нашата земја мора да имаат пропратна документација која го потврдува нивниот квалитет. На таа документација дополнително се прави стручна проценка и во Институот за јавно здравје.
Денеска е Светски ден за борба против туберкулозата. На овој ден, 24 март, 1882 година д-р Роберт Кох објавил дека ја открил бактеријата која предизвикува туберкулоза со што се отворил патот кон дијагностицирање и лекување на оваа болест.