Достапни линкови

Ни во Шведска не е се така слободно


Пазар во Малме, Шведска, 25.04.2020.
Пазар во Малме, Шведска, 25.04.2020.

Шведска се бори против пандемијата на коронавирус, без задолжително ограничување на движењето. Дали тоа ќе значи дека најлошото допрва треба да се случи?

Додека голем дел од светот живее со недели во строги ограничувања, Шведска се бори против пандемијата на коронавирус, без да наметне задолжително затворање.

Границите на Шведска останаа отворени. Училиштата за деца под 16-годишна возраст сè уште се отворени. Баровите, рестораните и кафулињата се отворени сè додека „масите се распоредени соодветно за да нема гужви“.

На граѓаните им е советувано да патуваат само кога е потребно. Но, нема ограничувања за масовно патување.

Стокхолм, 24.04.2020.
Стокхолм, 24.04.2020.

Во суштина, стратегијата на Шведска комбинира неколку задолжителни ограничувања со отворени препораки за доброволно физичко растојание.

Од 1 април, посетите на домови за стари лица се забранети со образложение дека „постарите треба да бидат заштитени најмногу од ширењето на вирусот“.

Музеите се затворени. Спортските и културните настани се откажани, а забранети се и јавни собири на повеќе од 50 лица.

Училниците се затворени и во средните училишта и универзитетите, иако учењето продолжува преку интернет.

Стокхолм, 24.04.2020.
Стокхолм, 24.04.2020.

Но, споредено со повеќето други земји, ограничувањата во Шведска беа многу порелаксирани - дозволувајќи им на повеќето луѓе да ги имаат своите дневни рутини без да се соочат со целосно затварање или обврска да носат маски во јавноста.

Како и да е, шведската министерка за здравство Лена Халенгрен инсистира на тоа дека животот во Шведска не е како и обично.

Шведската влада бара пошироки овластувања во борбата против коронавирусот

Таа за Радио Слободна Европа изјави дека стратегијата на Шведска има исти цели како и на другите земји: да се забави ширењето на болеста и да се спречи колапсот на здравствениот систем, додека се заштитуваат најранливите - стари лица и оние со постојни медицински состојби.

"Стратегијата се потпира врз доверба дека луѓето во Шведска „ќе преземат лична одговорност“, вели Халенгрен, додавајќи дека шведската влада се надева дека нејзината помалку рестриктивна стратегија ќе биде одржлива со месеци.

Во Шведска ништо не е како порано
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:10 0:00

Непотребни ризици?

Иако пристапот на владата досега беше популарен кај повеќето Швеѓани, сите не се согласуваат декатој е и соодветен.

Неодамнешните фотографии и видеа на социјалните медиуми од преполни барови, ресторани и паркови во центарот на Стокхолм предизвикаа загриженост во Шведска и во странство дека се преземаат непотребни ризици.

Парк во Шведска 04.04.2020.
Парк во Шведска 04.04.2020.

На 26 април, регионалните власти во Стокхолм принудија пет ресторани да затворат, откако инспекторите откриле дека се преполни и не ги следат правилата за социјално растојание.

Сите тие претходно добија предупредувања. Но, никој не беше казнет и на сите им беше дозволено повторно да отворат откако ќе поминат нови инспекции.

Кон крајот на март, околу 2.000 шведски научници потпишаа петиција во која се повикува владата „веднаш да преземе чекори за да ги почитува препораките на Светската здравствена организација“ за борба против коронавирусот.

Коронавирус - претпазлив наместо храбар нов свет

Во петицијата се повикува Шведска да воведе мерки што сериозно го ограничуваат контактот меѓу луѓето и во голема мерка го зајакнуваат капацитетот на јавниот здравствен систем.

„Овие мерки мора да бидат во функција што е можно поскоро, како што е случај во моментов во нашите соседни земји“, напишаа шведските научници.

„Нашата земја не треба да биде исклучок од работата за спречување на пандемијата“.

Во нивната петиција исто такасе оценува дека обидот да се „создаде имунитет на стадо, на ист начин како при епидемија на грип, има мала научна поддршка“.

Имунитет на стадо

Главниот државен епидемиолог Андерс Тегнел негира дека стратегијата на Шведска за „доброволна соработка и индивидуална одговорност“ е насочена кон создавање „имунитет на стадо“ - точка кога најголемиот дел од населението развива имунитет на некоја болест и обезбедува индиректна заштита.

Всушност, научниците велат дека останува нејасно дали заразеното лице кое закрепнува од ковид-19 ќе развие имунитет и дали може повторно да зарази.

Шведскиот епидемиолог Андерс Тегнел
Шведскиот епидемиолог Андерс Тегнел

Една неодамнешна медицинска студија во Шведска сугерира дека една третина од 10-те милиони луѓе во Шведска ќе бидат изложени на коронавирусот до почетокот на мај.

На прашањето од Би Би Си дали стратегијата на Шведска ќе помогне да се издржи можниот втор бран на коронавирусот, Тегнел рече дека „таа дефинитивно ќе влијае врз стапката на репродукција и ќе го забави ширењето“.

„Знаеме многу малку за имунитетот на оваа болест, но повеќето експерти во Шведска се согласуваат дека дефинитивно ќе имаме некаков имунитет затоа што многу луѓе што досега биле тестирани, произвеле антитела“, рече Тегнел.

„Можеме да инсталираме ограничени мерки за карантин, но не е законски изводливо да се заклучат градовите или регионите - а камоли целата земја“, изјави тој неодамна за шведското издание на веб-страницата „Локал“.

Бројки и споредби

Со нешто повеќе од 19.621 потврдени случаи на коронавирус на почетокот на 29 април и 2.355 смртни случаи кај население од 10 милиони, инфекцијата на Шведска и стапката на смртност по глава на жител е споредлива со Ирска - земја која воведе строги мерки на заклучување.

Но, споредбата со Чешката Република - која има скоро исто население како Шведска, но наметна строга блокада - ги прави шведските бројки да изгледаат прилично лоши: Чесите регистрираа само 7.504 инфекции и 227 смртни случаи до 29 април.

Ресторан во Стокхолм
Ресторан во Стокхолм

Според глобалната база на податоци за коронавирус што ја одржува универзитетот Џон Хопкинс, стапката на смртност во Шведска е 23 на 100.000 луѓе и е подобра од Белгија (64), Шпанија (51), Италија (45), Франција (35), Велика Британија (31) и Холандија (27).

Директорот на СЗО: Најлошото допрва претстои од пандемијата на коронавирусот

Сите овие тешко погодени европски земји воведоа задолжителни мерки за заклучување, кои вклучуваат затворање на училиштата и затворање на бизнисот.

„Ова укажува на тоа дека ние сме навистина во состојба да ја ограничиме циркулацијата на ковид-19 врз основа на препораки“ кои ги потсетуваат Швеѓаните да продолжат да практикуваат доброволно социјално дистанцирање, тврди Тегнел.

Но, додека затворените европски земји почнуваат да планираат како повторно да ги отворат своите економии откако ќе забележат дека бројот на дневни нови инфекции се намалува, шведската министерка за здравство признава дека нејзината земја веројатно сè уште не го видела врвот на пандемијата.

„Не велам дека сме го достигнале врвот. Но, многу важно во шведската стратегија беше да се осигураме дека можеме да ја срамниме кривата и да се увериме дека здравствениот систем може да се справи со сите оние кои имаат потреба од здравствена заштита или интензивна нега“, рече Халенгрен на Радио Слободна Евопа.

Таа додаде и дека владата на Шведска е „секогаш подготвена“ да ги направи построги ограничувањата - особено откако законодавството донесено во текот на првата недела од април го прошири законското овластување на владата за воведување построги мерки за итни случаи.

Ако има една лекција што Шведска може да му понуди на остатокот од светот за неуспесите во нејзината стратегија, Халенгрен вели дека тоа е разорниот ефект што го имал коронавирусот врз домовите за стари лица во Шведска.

Дури 86 насто од смртните случаи на коронавирус во Шведска се меѓу постарата популација.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG