„Не знам што може да биде полошо од сега“, вели Радош Ѓуровиќ од невладината „Центар за помош на баратели на азил“ коментирајќи го повлекувањето на Фронтекс, агенција за контрола на границите на ЕУ, од српско-унгарската граница.
Ѓуровиќ, за Радио Слободна Европа (РСЕ), веднаш забележува дека не знае што може да биде полошо сценарио од сегашното.
„Ова се масовни протерувања на луѓе, насилство и секојдневно бркање на стотици. Тие не ги информираат нашите власти, туку едноставно ги туркаат тие луѓе низ оградата“, вели Ѓуровиќ за Радио Слободна Европа .
Веќе со години неговата организација им помага на мигрантите и бегалците, а во своите публикации тој секојдневно предупредува на кршење на човековите права во пограничните области.
Ѓуровиќ наведува дека поради ова е зголемен бројот бегалци долж пограничните места во Србија и нивно „препраќање“ кон Романија и Хрватска , со надеж дека ќе стигнат до дестинацијата до кај тргнале.
Според него, една од последиците од повлекувањето на Фронтекс ќе значи и дека никој нема да одговара за нештата што се случуваат на унгарско - српската граница.
Комесаријатот за бегалци и миграција за Радио Слободна Европа, со одговор дека прашањето е доставено на „погрешна“ адреса, додека пак барањето до Министерството за внатрешни работи адресирано до министерот Александар Вулин останува неодговорено. Досега никој од државните службеници во Србија јавно не ја коментираше одлуката на Фронтекс да се повлече од Унгарија.
Зошто агенцијата се повлече од Унгарија и кои се промените без Фронтекс?
На 28 јануари, Европската унија ја повика Унгарија да го смени пристапот кон политиката на азил и да започне да ги почитува правата на мигрантите, откако агенцијата за контрола на границите на ЕУ, Фронтекс, ги прекина своите активности во таа земја.
„Очекувам Унгарија да ја смени својата политика и да им дозволи на луѓето да аплицираат за азил на нејзина територија. Агенција како Фронтекс не може да и помогне на Унгарија да спречи луѓето да доаѓаат во Унгарија ако не ги почитува основните права на мигрантите и законите на ЕУ", рече европскиот комесар за внатрешни работи Илва Јохансон.
Ден претходно, Фронтекс објави п дека ќе ги прекине активностите во Унгарија се додека владата во Будимпешта не ги усогласи законите со пресудата на Европскиот суд на правдата од декември.
Спроведувањето на пресудата значи дека Будимпешта ќе започне да прифаќа барања за азил и ќе им дозволи на мигрантите да останат во Унгарија се додека не се донесе одлука за тие барања, како и да се запре практиката на туркање луѓе на границата кон Србија, со што се кршат прописите на ЕУ.
Според веб-страницата на Фронтекс, во своето работење на Западен Балкан, тие им помагале на земјите-членки во решавањето на високиот миграциски притисок на надворешните копнени граници.
За да им помогне на членките на ЕУ кои се најмногу погодени од миграциските текови долж Западен Балкан, како и разни прекугранични криминални активности, стои понатаму на веб - страницата на агенцијата, таа вработува специјализирани офицери и возила за надзор на границите и друга опрема во Унгарија и Хрватска.
Владимир Петронијевиќ од Група 484, невладина организација што им помага на бегалците, пак вели дека Фронтекс упати сериозни забелешки на постапките на унгарските власти и примената на принципите на ЕУ во областа на политиката за азил и миграција и дека праксата на Унгарија да ги протерува мигрантите и бегалците во Србија никако не престанува.
„Мислам дека тоа се случуваше и со Фронтекс и без Фронтекс. Ќе видиме дали тоа ќе доведе до значително зголемување на ваквите случаи сега, иако не гледам дека има некои посебни причини што ја ограничуваат унгарската страна само за да го продолжи она што го правеше досега“, објаснува Петронијевиќ.
A, според Ѓурвовиќ од Центарот за баратели на азил, повлекувањето на Фронтекс може да изврши притисок врз однесувањето на Унгарија.
Тој нагласува дека иако членките на ЕУ имаат одреден степен на слобода да се однесуваат во одредени работи како што сакаат, дека кога европските институции ќе почнат да се повлекуваат, тогаш тоа не е добар знак ниту за унгарските власти.
„Можеби малку ќе ги отрезни да земат предвид како се однесуваат на нивните надворешни граници“, забележува тој.
Што велат во Унгарија?
„Унгарија нема да подлегне на притисокот на про-мигрантските сили. Ние ќе продолжиме да го браниме унгарскиот народ и границите на земјата и ЕУ", рече портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач на Твитер на 28 јануари.
Потоа изјави дека „тие не добиле голема помош од Фронтекс, но се чини дека Брисел сака да го земе и она малку што го добиле“.
Според Хелсиншкиот комитет во Унгарија, од одлуката на судот, владата во Будимпешта депортирала повеќе од четири илјади лица од Унгарија.
Андрас Ледерер од Хелсиншкиот комитет во Будимпешта за РСЕ изјави дека во пракса, се чини дека полицијата бара пасош од некој што на прв поглед не личи Унгарец.
Според него, ако тоа лице нема пасош, има лажен пасош или патна исправа што истекла, или има важечки пасош, но визата е истечена, веднаш го носат на границата со Србија.
„Но, не на граничниот премин, туку на првото место што ќе го видат“, рече Ледерер.
Унгарската влада има ригиден пристап кон мигрантите, а премиерот Виктор Орбан одбива да дејствува во согласност со политиката на ЕУ со цел подеднакво да го распредели товарот на прифаќање мигранти и бегалци меѓу членовите. Орбан ја критикуваше политиката на отворени врати кон мигрантите на германската канцеларка Ангела Меркел, притоа претставувајќи се како бранител на европската цивилизација и христијанската култура.
Унгарија за време на Западна Европа во 2014 година, кога бегалците и мигрантите масовно се преселија во Европа, пред се бегајќи од војната во Сирија, сите очи беа вперени кон Унгарија токму поради овие политики.
Веќе во 2015 година, Унгарија подигна жичана ограда долж границата со Србија и Хрватска. Србија, исто така, ја следеше оваа практика со поставување жичана ограда долж границата со Северна Македонија во 2020 година на територијата на општина Прешево.
Како се однесува Србија кон бегалците?
Од избувнувањето на бегалската криза, властите во Србија имаа добронамерен став кон бегалците и мигрантите.
Во текот на 2015 година, Александар Вучиќ, сегашниот претседател на Србија и во тоа време премиер, рече дека мигрантите се секогаш добредојдени во Србија и дека е горд што „Србија, на пат кон ЕУ, е нивното најдобро прибежиште и најбезбедно место“.
На почетокот на 2020 година тој рече дека Србија нема да биде „паркинг за мигрантите“ и дека целосно би ја затвориле границата доколку има потреба, но истовремено рече дека не може да ја разбере антимигрантската хистерија.
На крајот на минатата година, полицијата во Србија спроведе акции на „наоѓање нерегуларни мигранти“ надвор од камповите и прифатните центри и ги „врати“ во тие центри. Овие активности беа преземени во Војводина во општините близу границата со Романија, Унгарија и Хрватска, но исто така и во главниот град Белград.
Сепак, во средината на декември минатата година, министерот за внатрешни работи Александар Вулин во разговор со шефот на делегацијата на Европската унија во Србија, Сем Фабрицио, рече дека Србија останува сигурен и кредибилен партнер за сите на патот за миграција, „земајќи ги предвид безбедноста на нејзините граѓани но гарантирајќи ги човековите права.
Во тоа време, тој ја пофали исклучителната посветеност и хуманиот пристап на српските власти кон бегалците и мигрантите.
За активности во управувањето со миграцијата во 2021 година, ЕУ и обезбеди на Србија дополнителни 13 милиони евра.
„Од 2015 година, кога започна зголемениот прилив на мигранти на територијата на Србија, ЕУ и донираше на Србија над 130 милиони евра, вклучително и оваа помош за 2021 година. Овие средства се користат за поддршка на државните институции вклучени во управувањето со миграцијата, како и за поддршка на мигрантите“, се вели во изјавата на Делегацијата на ЕУ во Србија на 19 јануари.
Според податоците на Комесаријатот за бегалци во Србија, на 1 февруари во бегалските центри имало 6.396 бегалци и мигранти и уште 862 надвор од центрите.
Подготви Теодора Цветковска