Унгарскиот парламент оваа недела го разгледува предлог-законот за воведување на вонредна состојба според кој премиерот Виктор Орбан ќе може да владее со декрет без јасна временска рамка. Овој закон, според критичарите, може да биде многу опасен, особено за слободата на медиумите но и за демократскиот систем, кој во Унгарија во изминатата деценија е значително нарушен, пишуваат светските медиуми.
Неограничена власт на сметка на вирусот
Унгарската влада побара од законодавците да ја заострат вонредната состојба во пресрет на ширењето на коронавирусот и да воведат затворски казни за оние за кои се смета дека шират лажни информации, пишува Блумберг, наведувајќи дека гласањето во парламентот треба да се случи оваа недела.
Премиерот Виктор Орбан може да објави мерки за намалување на ширењето на пандемијата со декрет се додека владата смета дека тоа е потребно, се наведува во предлог-законот објавен во петокот. Ширењето на лажни вести кои ги попречуваат напорите на властите може да донесе и затворска казна од дури пет години, додава Блумберг.
Обидот за сузбивање на протокот на одредени информации го критикуваа и независните медиуми и опозицијата кои оценуваат дека кабинетот на премиерот ги крие деталите и покажува недоследност во управувањето со кризата, истакнува Блумберг и додава дека Унгарија веќе е под истрага на Европската Унија поради кршење на одредени европски норми.
Ерозија на слободата на медиумите
Унгарската влада планира да ја продолжи вонредната состојба на неопределено време, поради што некои стравуваат од неоправдано заробување на власта и ерозија на слободата на медиумите, наведува Асошиејтед Прес истакнувајќи дека покрај предвидените затворски казни до пет години за ширење на лажни вести во врска со епидемијата, нацрт-законот предвидува и казни затвор до осум години за оние кои се мешаат во напорите за сузбивање на ширењето на коронавирусот.
Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуна Мијатовиќ, изрази загриженост поради недостатокот на „јасен краен рок“ и други заштитни мерки во предложениот закон, нагласувајќи дека во кризни ситуации „потребно е да се почитува уставот, да се обезбеди парламентарен и судски надзор и право на информирање“, вели Мијатовиќ.
Со реакција се јави и Меѓународниот институт за медиуми од Виена, кој како што наведува АП, смета дека предлогот на владата на Орбан претставува закана за новинарите и другите кои би можеле да бидат обвинети за ширење „лажни вести“ што претставува „чекор до целосна контрола на информациите и дополнително потиснување на слободата на медиумите во земјата“.
„Иако во време на пандемија можеби се неопходни индивидуални ограничувања на луѓето, сите тие мерки мора да бидат неопходни, пропорционални, привремени и ограничени на решавање на моменталната здравствена криза – критериум кој се чини дека не е исполнет во унгарскиот предлог-закон“, се наведува во соопштението на Институтот од Виена кој укажува на обидите за ограничување на слободата на медиумите уште од доаѓањето на Орбан на власт во 2010 година.
Малку тестирања
Поради ширењето на коронавирусот унгарската влада на 11 март прогласи вонредна состојба во следните 15 дека и сега сака тој рок да го продолжи, пишува агенцијата Ројтерс и додава дека опозициските партии во саботата побарале сеопфатна расправа за предлог-законот пред тој да биде разгледан на седница на парламентот.
Министерката за правда, Џудит Варга, во петокот го предаде нацрт-законот во парламентот со кој вонредната состојба се продолжува на неопределено време појаснувајќи дека целта на предлогот е да и се овозможи на владата „да создаде и да ги одржи на сила своите посебни одредби“ дури и ако парламентот не одржува седници поради корнавирусот во текот на 2020 година.
Предлогот предизвика загриженост затоа што со него практично и се даваат овластувања на владата без јасна временска рамка, истакнува невладината организација од Будимпешта „Политички капитал“.
Како мерки за ограничување на ширењето на коронавирусот, Орбан ги затвори училиштата, границите за странските државјани, го ограничи работното време на продавниците и на рестораните. Бројот на потврдени случаи во понеделникот изнесуваше167, а седум лица се починати од КОВИД-19. Една од причините за ниските бројки на заразени може да биде и нивото на тестирање, потенцира Ројтерс, напомнувајќи дека Унгарија има 10 милиони жители а до сега се тестирани само четири илјади луѓе.
Ројтерс потсетува дека во 2015 година за време на мигрантската криза, Унгарија прогласи вонредна состојба поради масовната миграција и која е на сила сè уште иако бројот на мигранти кои стигнуваат до унгарската ограда на јужната граница е многу намален.
Пандемијата и миграцијата
Иако унгарската влада вели дека новиот закон е неопходен како одговор на коронавирусот, критичарите го оценуваат како опасен и подложен на злоупотреби и стравуваат дека тој може да му даде на Орбан можност да владее со декрет без јасен рок, пишува Гардијан.
Во неделата четири невладини организации од Унгарија, вклучително и Хелсиншкиот комитет, ја повикаа владата да додаде клаузула со краен рок на важење на вонредните мерки. „Не можете да имате целосно неограничен мандатот за владеење“, изјави Марта Пардави, копретседателка на унгарскиот Хелсиншки комитет. Таа оценува дека сегашниот нацрт-закон „дава карта за неограничен мандат“.
На владата и е потребна поддршка од четири петтини за да биде усвоен законот, но доколку не добие поддршка од опозицијата, може по седумдена да го донесе законот со двотретинско мнозинство, кое Орбановата Фидес го има во парламентот.
Алармот за новиот нацрт-закон беше вклучен и поради Орбановите политики во изминатата деценија, додава Гардијан и нагласува дека критичарите на власта и чуварите на демократијата ја обвинуваат владата за омаловажување на демократските норми и кршење на владеењето на правото.
Во последните неколку години, додава Гардијан, Орбан владее на многу националистички начин во борбата против миграцијата, која веќе ја доведе во врска со ширењето на вирусот и на почетокот на месецов изјави: „Водиме војна на два фронта, едниот фронт е миграцијата, а другиот фронт му припаѓа на коронавирусот. Постои логична врска помеѓу двете, затоа што се шират со движење“.
Изговор за репресивна акција
Владите ширум светот спроведуваат различни мерки за запирање на ширењето на болеста и воведуваат ограничувања со цел да се намали бројот на патувања, истовремено и набавуваат медицинска опрема болнички кревети. Но, изгледа дека некои лидери ја користат пандемијата за своите политички цели, пишува во својата анализа Вашингтон Пост укажувајќи на примерите од Израел, Боливија, арапските земји, Русија, САД и Унгарија.
Осврнувајќи се на предлогот на Орбан, критичарите предупредуваат дека ова е последна акција на повеќедеценискиот обид на Орбан за преземање на демократскиот систем во земјата. „Чекор по чекор, владејачкото мнозинство ја згасна професионалната, организациската и финансиската автономија на јавните институции, истовремено поставувајќи механизми за контрола кои му овозможуваат моќ на премиерот да одлучува за сите важни политички одлуки“, пишува Дејвид Виг, директор на Амнести Интернешнал во Унгарија.
Иако грижата за јавното здравје е најважна, аналитичарите се повеќе предупредуваат дека постои ризик од ерозија на владеењето на правото, пишува Вашингтон Пост напомнувајќи дека во писмо објавено минатата недела група експерти за човекови права од Обединетите Нации објави потсетник за владите дека „кои било итни одговори на коронавирусот мора да бидат пропорционални, неопходни и недискриминаторски“.
„Прогласувањето на вонредна состојба за време на епидемијата не би требало да се користи како основа за таргетирање на одредени групи, малцинства или поединци“, се наведува во нивната изјава. „Тие не треба да бидат изговор за репресивна акција под превезот на заштита на здравјето ниту треба да се користат за замолчување на работата на оние кои работата на заштита на човековите права“.
Артиклот го подготви Марија Севриева