Достапни линкови

Орбанизација на Европа или заштита на границите?


Жичана ограда на српската граница кон Македонија
Жичана ограда на српската граница кон Македонија

Србија гради жичана ограда на границата со Македонија во обид да го спречи нелегалниот влез на мигранти во земјата. Колку ваквите гранични огради ја спречуваат миграцијата?

Оградите не можат да ја спречат миграцијата, вели активистот Јасмин Реџепи откако Србија почна да гради жичана ограда на границата со Македонија, но поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов посочува дека се проценува оти тоа е еден од поефикасните начини за заштита на државните граници од нелегален проток на мигранти.

Пред неколку дена српските власти почнаа изградба на жичена ограда на границата со Македонија, на почеток во реонот на селото Миратовац во Општина Прешево. Миратовац е само три километри оддалечен од македонското село Лојане. Мигрантите често ја користат оваа рута за нелегален премин. Во официјалните српски документи за изградбата на оградата се наведува дека се работи за спречување на евентуално масовно поминување на границите заради превенција од ширење на ковид-19.

Јасмин Реџепи од граѓанската организација „Легис“, која има своја канцеларија во прифатните кампови за мигранти во Македонија, вели дека оградите не може да ја спречат миграцијата и не може да ги спречат бегалците да поминуваат од една во друга држава, посочувајќи дека во првата половина од годинава има повеќе мигранти отколку во цела 2019 година.

„Оградите ги прават затоа што тоа е тренд во Европа, иако ние како земја на Балканот ја гледаме нашата иднина во Европа и Европа без граници, сепак треба да знаеме дека и во самата Европа меѓу земјите се прават такви огради кои наводно треба да ги спречат бегалците. Не мислам дека е нешто повеќе од идеолошка причина, односно дека е орбанизација на одредени земји и покажување на таков популизам и таква некоја моќ. Кога Унгарија ја направи границата и кога ја направи оградата кон Хрватска и кон Србија на чело беше Орбан, кога во Македонија се направи истата ограда на чело на оваа држава беше Груевски и сега во Србија знаеме какви се работите и зошто се прават тие огради на границите“, вели Реџепи.

Од друга страна, пратеникот Павле Трајанов, кој е и поранешен министер за внатрешни работи, вели дека тоа е сепак еден од начините за заштита на границите.

„Тоа сега стана мода во цел свет, сега тоа го прават и кај нас. Веќе нели има кај нас кон Грција, на мала километража. Се проценува дека е еден од ефикасните начини за спречување на илегални преминувања, меѓутоа и тоа не е стопроцентно, бидејќи тие ги сечат жиците, под нив копаат ровови, меѓутоа сепак ги одвраќа бегалците и потешко може да поминат доколку има вакви пречки“, вели Трајанов.

Тој вели дека не можеме да ѝ се лутиме на Србија што сега подига ограда, оти веќе Македонија има таква ограда кон Грција. Секоја држава прави што може за да спречи влез на илегални мигранти на своја територија, вели Трајанов.

Со олабавувањето на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот се зголеми и бројот на мигранти кои транзитираат низ земјава. Само во јули годинава полицијата спречила скоро 3700 нелегални преминувања на границата, што е двојно повеќе од истиот месец минатата година. Во јули биле откриени 12 случаи во кои имало обид да се прокриумчарат 567 мигранти.

Според податоците на европската гранична агенција Фронтекс, во првите седум месеци од годинава, при обид за влез во ЕУ низ западнобалканската мигрантска рута биле фатени скоро 11300 мигранти што е за 80 отсто повеќе од истиот период лани.

Сепак, ова е драстично помалку од периодот на мигрантската криза во 2015 и 2016 година, кога по стотина илјади луѓе месечно поминуваа низ балканската рута, од Турција, преку Грција, Македонија и Србија кон земјите од ЕУ.

Државите на оваа рута во екот на мигрантската криза почнаа да градат огради една кон друга што во голема мера придонесе за намалување на протокот на мигранти, но исто така допринесе до зголемување на криумчарењата. Бугарија и Грција имаат огради на копнената граница со Турција, Македонија има на границата со Грција, Унгарија на границите со Србија и со Хрватска, Словенија на границата со Хрватска, а Австрија на границата со Словенија и со Италија.

Оградите поретко се на целата гранична линија, туку најчесто на критичните места.

Ограда заради спречување на нелегалната миграција има и на норвешката граница со Русија.

Шпанија има ограда околу нивните градови Сеута и Мелиља на северноафриканскиот брег. Шпанските градови излегуваат на Средоземното Море, а копнено се опкружени со мароканска територија.

Франција гради ограда и на пристаништето Кале за да спречи мигранти нелегално да влегуваат на бродови за Велика Британија, како и на камиони што поминуваат низ тунелот под Ламанш.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG