Олабавувањето на мерките против ширење на пандемијата и отворањето на границите повторно ги заживеа мигрантските маршрути. Во јуни полицијата откри повеќе од 1000 мигранти кои се обидувале нелегално да влезат во земјава. И граничната агенција на ЕУ, Фронтекс, бележи зголемување на бројот на мигранти кои се обидуваат да стигнат до ЕУ, по падот во април. Само во првите девет дена од месецов МВР откри 878 илегални мигранти, од кои најголем дел откриени на јужната граница со Грција. Тоа е двојно повеќе во споредба со истиот период лани.
Оттогаш во неколку полициски акции беа откриени уште неколку стотини мигранти. Додека беа затворени границите и во сила беа мерките против ковид-19, полицијата забележала пад на бројката на илегални мигранти што се обидуваа да влезат во нашата земја. Така, за март, април и мај годинава се откриени и фатени 3.047 мигранти, што е двојно помалку од истиот период лани.
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека дополнителен проблем сега е што се намалени ресурсите за бранење на границите оти државите се справуваат и со предизвиците од корона-кризата.
„Пропустната моќ се зголемува со тоа што голем дел од силите се ангажирани на тие активности. Неколку илјади граѓани се во изолација, во самоизолација, тие треба да се контролираат, за тоа требаат ресурси. Во целина капацитетите за контрола на границите секаде, не само кај нас се намалени, тоа е проблемот. Тоа мигрантите го знаат и го користат“, вели Трајанов.
Тој вели дека ЕУ треба да си ги штити границите, да се зголемат мерките на влезните точки во Унијата, со што би се намалила можноста тие да влезат, оти ако влезат се проблем за сите земја кои се на рутата, до посакуваните дестинации.
„Тешко ќе се справиме ако се зголеми бројот на мигрантите, оти тие на еден или на друг начин ќе се движат. Развиен е шверцот на мигранти, сите пропратни појави се јавуваат на тој мигрантски пат“, додава Трајанов.
На 23 овој месец шееесет и четири мигранти од Бангладеш беа откриени во камион на регионалниот пат Валандово – Струмица. Тие се сместени во транзитниот центар Винојуг во Гевгелија, а возачот на камионот избегал. Ден претходно полицијата приведе скопјанец кој во „порше“ се обидувал да пренесе 12 мигранти од Бангладеш. И тие се сместени во Винојуг. На 15 јуни беа пронајдени 51 мигрант во куќа во Ваксинце, кумановско. Мигрантите се од Пакистан и од Авганистан. Истиот ден полициско возило се судри со возило кое превезувало мигранти на автопатот Скопје - Куманово. Возачот кој превезувал осум мигранти од Пакистан избегал. На 12 овој месец МВР во близина на Гевгелија во камион откри 142 мигранти. И тие се сместени во Винојуг. На 11 јуни мигрант од Пакистан беше прегазен на пругата кај Велес. Со него во групата биле уште тројца мигранти, но тие поминале без повреди.
„Борбата со илегалната миграција е еден од предизвиците со кои се соочува нашата држава, а особено сега поради зголемениот ризик од болеста треба да биде ставен акцент на таа борба“, рече неодамна дополнителниот министер за внатрешни работи Славјанка Петровска.
И граничната агенција на ЕУ, Фронтекс, бележи зголемување на бројот на мигранти кои се обидуваат да стигнат до ЕУ. Најактивна маршрута, според Фронтекс е она од Турција кон Грција.
Во извештајот на агенцијата на ЕУ се наведува дека во мај имало 4300 илегални преминувања на границите преку главните мигрантски рути во Европа, што е за зголемување за три пати во однос на претходниот месец. Преку западнобалканската рута во мај, пак, биле регистрирани над 900 илегални минувања, што е 10 пати повеќе во споредба со април. Во периодот јануари - мај на таа рута се регистирани 6900 случаи што е за 50 отсто повеќе во однос на тој период од 2019. Фронтекс во тој период вкупно бележи 12.700 случаи на нелегални минувања преку рутите во Европа, што е за 28 отсто помалку споредено со истиот период лани.
На 30 јуни завршува кризната состојба на јужната и на северната граница. Досега девет пати беше продолжувана Одлуката за постоење кризна состојба поради влезот и транзитот на мигрантите. Од Владата побаравме одговор дали ќе побараат продолжување на кризната состојба, но одговор не добивме. Првата ваква одлука беше донесена во август 2015 за време на големиот мигрантски бран.
Балканската рута низ која поминаа речиси еден милион мигранти беше затворена во март 2016. Но, тоа не ги спречи мигрантите да ја користат рутата. Во 2016 година се фатени 127.358, во оваа броја влегуваат и издадените потврди за време на мигрантската криза. Следната година се фатени 4.129 мигранти, во 2018 тој број изнесува 16.895 мигранти, а во 2019 фатени се 24.601 мигранти.