Достапни линкови

Ситуацијата на македонско - грчката граница е стабилна


Претседателот Стево Пендаровски со војниците кои ја обезбедуваат македонско-грчката граница
Претседателот Стево Пендаровски со војниците кои ја обезбедуваат македонско-грчката граница

Состојбата на границата е стабилна, нема зголемен број на мигранти рече претседателот Стево Пендаровски при посетата на транзитниот центар „Винојуг“. Активистите апелираат да не се шират дезинформации за мигрантите, затоа што предизвикуваат неоснован страв кај граѓаните.

Состојбата на јужната граница е стабилна, ќе реагираме превентивно и според сите можни сценарија, нема никакво зголемување на бројот на мигранти, освен она што е вообичаено за овој перид од годината, ниту пак ниту пак има назнаки за некаков бран кој деновиве ќе оди кон нашата територија. Ова е пораката на претседателот и врховен командант Стево Пендаровски при денешната посета во Гевгелија на војниците и транзитниот центар „Винојуг“.

„Што се однесува до нас, ние сме дел од еден поширок низ на држави кои мора да бидат подготвени, па макар како транзитна држава. Искуството од 2015 и 2016 година е огромно и вредно во таа насока, така што не очекувам и да има евентуален прилив на бегалци наредниов период дека ние ќе бидеме изненадени,“ изјави Пендаровски.

Пендаровски најави и дека на 5 март ова прашање на ниво на министри за надворешни работи, ќе биде разгледано од страна на ЕУ, затоа што вакво прашање како што вели, една мала држава која не е членка на ЕУ, не може сама да го реши.

Тој го посети и транзитниот центар во Гевгелија каде што се врши регистрација на мигрантите и се сретна со припадниците на граничната полиција и на Фронтекс.


Врховниот командант посочи дека државните органи на дневна основа следат што се случува тука, оти од неодамна е активиран и новиот орган за координација на службите, како и дека од пред два дена е зголемен од 10 до 15 пати и армискиот контингент, но не, како што рече, во очекување на некој голем бегалски бран, туку во очекување на тоа што евентуално може да се случи за да не не фати неподготвени.

Оваа посета доаѓа на само еден ден по состанокот на Управувачкиот комитет за координација со системот за управување со кризи, на кој што беше договорено да се зголеми бројот на припадници на полицијата и на Армијата распоредени на јужната граница.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска изјави дека во моментов притисокот на македонско-грчката граница не е изразен повеќе од претходно. Таа објаснува дека поради притисокот на турската граница со Грција, голем дел од грчките безбедносни сили се повлечени и фокусирани кон таа област со што се предизвика одредено придвижување на мигрантите од Грција кон север, на пат кон ЕУ. Тоа пак, е причина за одредено покачување на бројот на илегалните мигранти во земјава како што е последна полициска акција во која се пронајдени околу 80 мигранти во штипскиот крај во обид за нелегален транзит, вели таа.

„Сега состојбата е стабилна и сакам многу сериозно да повикам на оваа тема да не се шират лажни вести и дезинформации без разлика која причина и која агенда стои позади тоа. Сабајлево почна да кружи една информација која е комплетно неточна во поглед на насилство и проблеми на границата кај Битола. На тој начин не се штити државата, на тој начин само се дефокусираат напорите на сите државни институции да се справуваме со тоа што стварно може да биде проблем,“ вели Шекеринска.

Претходно во дел од интернет медиумите и социјалните мрежи беа објавени неточни информации како мигрантите стигнале до македонско грчката граница и насилно се обиделе да влезат при тоа покажувајќи само фотографија во веста на која единствено се гледа грчка полиција и бодликава жица.

До дезинформациите дека мигрантите веќе стигнале и на македонско тло чија цел е сеење страв во земјата доаѓа откако пред неколку дена турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека ќе ги отвори границите за милиони бегалци, по што настанаа и судири на турско-грчката граница со мигранти кои пробале да влезат на грчка територија.

Мерсиха Смаиловиќ од граѓанската организација „Легис“, која има своја канцеларија во прифатните кампови Табановце, Винојуг во Гевгелија и во селото Лојане, вели дека не е прв пат да се злоупотребува темата со бегалците. Таа вели дека стравот оти лажните вести може да преминат во конкретни дела постои затоа што досегашното искуство покажува оти темата честопати е злоупотребувана со цел на ширење на дезинформации. Пример за тоа беше во 2017 година кога во општината Аеродром се собираа потписи против наводна изградба на мигрантски кампови.

Претходно во 2016 година имаше околу 60 илјади мигранти во Идомени,што е буквално на самата граница меѓу Македонија и Грција и не се случи ништо, вели таа.
Но, во 2017 година кога во Македонија имаше само десетина мигранти и бегалци во пресрет на локалните избори дел од општините собираат потписи за реферндум против наводна изградба на кампови за бегалци.

На само неколку месеци пред одржувањето на локалните избори општинските совети на Кавадарци, Штип и Гази Баба донесоа одлуки за распишување референдуми против изградба на кампови за мигранти.

„Ситуацијата и денеска е иста. Мала е бројката на мигранти и бегалци. Така да, ако повторно идеме на точката да се искористуваат мигрантите и бегалците во предизборната кампања, дефинитивно е со цел на ширење на лажни вести. Мислам дека граѓаните тоа го препознаа во 2017 година и дека сега не треба да дозволат да бидат изманипулирани“, вели Смаиловиќ.

Македонската полиција минатата година спречила 24.601 обиди за илегално преминување на границите со соседните земји. Од вкупниот број, 89,2 отсто од обидите се спречени на границата со Грција, информираат од Министерството за внатрешни работи.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG