Неколку стотици мигранти, вклучително и деца, се собраа на границата меѓу Србија и Унгарија за да бараат да им биде дозволен влез во земјите на Европската унија.
Завиткани во ќебиња или вреќи за спиење, многу мигранти го блокираа граничниот премин Ќелебија, по што тој беше затворен за сообраќај.
Десетици деца извикуваа „отворени граници“, додека некои носеа транспаренти „Ние сме бегалци, не криминалци“ или „Бегаме од војна, а не од глад“.
Амр Абахатем, мигрант од Јемен вели:
„Живееме во шума, на улица. И луѓето дојдоа тука затоа што сите граници се затворени и не знаеме како да живееме тука. И ги замолуваме сите организации за човекови права да дојдат тука, да ги видат луѓето, да ги видат децата, да ги видат жените, бремените. Како можат да живеат? Бараме од Европската унија да ги отвори границите“.
Неколку илјади мигранти, се заглавени на Балканот барајќи да го продолжат патот во поразвиените земји во Западна Европа.
Унгарија подигна две жични огради на границата за да го спречи нивниот влез.
Повеќето мигранти во Србија кои со месеци минуваат во камповите се обидуваат и по неколку пати да ја преминат границата.
Тие честопати се потпираат врз шверцери за да им помогнат да преминат во Унгарија или во Хрватска кои се членки на Европската унија.
Унгарија неодамна објави дека се зголемува бројот на обиди на мигрантите за илегален влез во земјата.
Амира од Сирија вели дека сакаат да одат Европаката унија за да работат:
„Мојата порака е дека само сакаме да имаме мирен живот. Ние нема да ја преминеме границата за да добиваме пари од Европската унија. Ние сакаме да работиме, сакаме подобар живот за нашите деца. Знаете дека во мојата земја има војна. Не можам да се вратам во Сирија“.
Деновиве унгарските безбедносни органи пукале како предупредување кога неколку десетици мигранти се обиделе да влезат во Унгарија.
Повеќето мигранти доаѓаат од земји како што се Сирија, Ирак или Авганистан.
Стотици илјади поминаа низ Балканот во 2015-16 година кога околу милион луѓе влегоа во Европа.