Во минатата година македонската полиција спречила 24.601 обиди за илегално преминување на границите со соседните земји. Од вкупниот број, 89,2% од обидите се спречени на границата со Република Грција. Што се однесува до 2020 година, во периодот од 01 до 19 јануари, на границите со соседните земји биле спречени 1.365 обиди за илегално преминување, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Овие бројки покажуваат дека иако Балканската рута за мигрантите неколку години е затворена, илегалните патишта не се, а токму нив мигрантите ги користат за да стигнат до саканата дестинација.
Најголемиот мигрантски бран низ Македонија беше во 2015 година, а по неговото завршување полицијата често открива криумчари кои низ земјата ги пренесуваат мигрантите кон западна Европа.
Ова го потврдуваат и последните контроли на МВР во кои беа најдени мигранти. Во вчерашната акција кај струмичкото село Куклиш биле пронајдени 53 мигранти и тоа 37 од Авганистан, 12 од Пакистан, двајца од Индија, еден од Ирак и еден од Египет. Ден претходно пак на автопатот Демир Капија – Неготино, биле пронајдени 22 лица-мигранти во товарно моторно возило „рено мастер“, со српски национални ознаки. Поголемиот дел од фатените мигранти биле од Пакистан.
Пред еден месец Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе обвинителен акт против двајца странски државјани за сторено кривично дело криумчарење на мигранти. Двајцата се обвинети дека илегално пренесувале тројца мигранти од Гана, им дале лажна документација, а за тоа им наплатиле 500 евра по лице. Остатокот од 1000 евра требало да го добијат на крајната дестинација.
„Во обид да се спречат обидите за илегални преминувања од нашата земја кон соседните моментално, на границата со Грција ангажирани се 141 полициски службеници од осум земји и тоа Србија, Унгарија, Словачка, Чешка, Полска, Хрватска, Австрија и Словенија“, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.
Дека бројот на мигранти на балканската рута, која води од Турција и Грција преку југоисточна Европа е значително зголемен, потврдува и германската влада која во одговор на пратеничко прашање за миграциско-политичката ситуација во балканските држави соопшти дека тој број расте. Тие потврдуваат дека во 2019 година во Северна Македонија, која се наоѓа во првиот дел од балканската рута, биле евидентирани се 24.601 илегални преминувања. Бројот на илегални преминувања е помал во Србија 17.642 и во Словенија се 15.450. Бројот на илегални преминувања е многу помал во Хрватска и изнесува 4.075 и во Босна и Херцеговина каде се забележани само 6.039.
Унгарските власти деновиве оценија дека во Западен Балкан во моментот има околу 98.000 мигранти, што според нив, е „ризик за Централна Европа“. Унгарските податоци покажуваат и промена на трендот на мигрантите во однос на државата на потекло, така што во последните години повеќето баратели на азил биле од Авганистан, Пакистан и Иран, а има зголемување и на сириските државјани.
За разлика од овие информации, од граѓанската организација „Легис“, која има своја канцеларија во прифатните кампови Табановце, Винојуг во Гевгелија и во селото Лојане, велат дека иако затворена, Балканската рута не престана да бележи движења, иако бројките се менуваат од период во период.
„Не можеме да заклучиме дека има некој тренд дека сега има повеќе или помалку мигранти. Тоа зависи од различни прилики односно неприлики, ќе помине зимата, студеното време, но ние не забележуваме на терен или во камповите некое нагло зголемување на бројките, особено во 2020 година. Не сме забележале дека нешто драматично се менува“, вели Мерсиха Смаиловиќ од граѓанската иницијатива „Легис“.
Што се однесува на податоците за барање азил во земјите од Балканската рута, најмногу барања за азил биле поднесени во Црна Гора, односно 7.939, а најмалку во Србија, 173. Во Северна Македонија лани побарале азил 440 лица, но ниту едно барање не било одобрено.
„Македонија во 2019 не бележи ниту едно одобрено барање за азил, или дадена заштита и бегалците тоа многу добро го знаат. Македонија, односно инструментите и механизмите за заштита што им ги пружа не е дестинација за нив. Не е работата во тоа дали ќе им дадете храна или засолниште, тие веќе се свесни дека заштита во однос на азил тука нема да добијат“, вели Смаиловиќ.
Тој додава дека во прифатниот камп во Гевгелија во моментот нема мигранти. Во Табановце се околу 15-тина. Причините поради кои бегалците решаваат да го напуштат својот дом се најчесто воените конфликти, сиромаштијата и нефункционалните системи.