Достапни линкови

Малку мигранти, многу обиди за илегална миграција


Најголемите бегалски кризи не се во Европа
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:26 0:00

Најголемите бегалски кризи не се во Европа

Миграциските движења продолжуваат и тешко можат да се спречат, но бројот на мигранти кои поминуваат или остануваат тука е многу намален, велат упатените. Во последниве два месеци МВР спречило скоро 5000 обиди за нелегален влез на мигранти во земјава, а открила нелегален превоз на стотина мигранти.

Во групи од двајца, четворица или повеќе лица. Од далечниот Авганистан, Пакистан, Иран, Ирак и Сирија се уште пристигнуваат мигрантиво земјата, која најчесто им служи како транзитна дестинација во обидот да стигнат до крајната цел, некоја од западно-европските земји. Иако ситуацијата со мигрантите не може да се спореди со 2015-та година, упатените информираат дека трендот на илегална миграција е во пораст.

Мерсиха Смаиловиќ од невладината организација „Легис“ вели дека бројот на мигранти во земјава е намален, но дека миграциските движења продолжуваат и тешко можат да се спречат.

„Тимот на „Легис“ е присутен и на јужната граница во кампот во Гевгелија, во кампот Табановце, но и во пограничното село Лојане, каде што се случуваат ирегуларните движења на мигрантите и бегалците. Бројот е навистина мал, на дневна основа можеби брои 50, и ако денеска во кампот се сретне некоја група од 50, веќе следниот ден таа бројка може да се намали или зголеми. Немаме евиденција на стопирањата или враќањата кои ги врши МВР заедно со другите полициски служби, па според тоа нивната бројка е веројатно поголема затоа што тие се секојдневно на јужната граница“, вели Мерсиха Смаиловиќ, активист во невладината „Легис“.

Смаиловиќ вели дека секој од мигрантите има различна цел. За дел од нив тоа е некоја западно-европска земја, други пак одлучиле земјава да биде нивно постојано живеалиште. Таа забележува на долгите постапки за добивање азил, како и на најчесто негативните одговори.

„Миграциските текови траат и траат, никогаш нема да бидат спречени. Тоа се процеси коишто траат со векови, нас барем тоа ни е познато на сите нас во Македонија, пола милион граѓани се отселија. За среќа имаат добар пасош па можат да ги користат авионите. Но, дефинитивно интензитетот се намалува. Политиката на ЕУ се менува во однос на мигрантите и бегалците, правата на азил не се толку лесно достапни, ги враќаатбегалците во првата земја од која побарале азил, така што и тие ја примија пораката, но дефинитивно и заложбите на ЕУ и другите земји за мир од тие места од каде доаѓаат треба да продолжат. Мислам дека само така некои миграциски текови ќе се прекинат“, вели Смаиловиќ.

Смаиловиќ порачува дека на државата и треба што поскоро усвојување на новата стратегија бидејќи профилот и бројот на бегалци сега е поразличен од 2015 година. Таа упатува апел до политичките партии да не заработуваат политички поени на грбот на бегалците, бидејќи според неа стратегијата била прекината поради како што вели, ксенофобичните изјави на одредени политички поединци.

Од „Легис“ посочуваат дека најчесто мигрантите доаѓаат од Грција и се обидуваат низ Македонија да отидат во Србија и од таму да продолжат кон државите на Запад. Има и обратна насока, од Србија, преку Македонија, мигрантите се обидуваат да се вратат во Грција. Поставената жичена ограда на македонско-грчката граница, и покрај обезбедувањето, не може целосно да ги спречи луѓето кои се обидуваат да стигнат на Запад.

„Според бројката којашто ја имаме, Македонија е транзитна земја за нив. Во Босна на пример според некои проценки има околу 6000 мигранти бегалци, а околу 3000 во Србија. Рутата која сега ја користат е онаа потешката, преку Албанија, Црна Гора па во Босна, што е навистина долга и ризична рута, бидејќи во Босна се уште имате неактивирани мински полиња кои не се деактивирани и навистина бегалците си го ризикуваат својот живот за да стигнат безбедно до своите засолништа“, вели Смаиловиќ.

Ленче Здравкин, која веќе со години во својот двор во Велес им помага на мигрантите и бегалците вели дека се намалува бројот на луѓе кои пеш покрај пругата се обидуваат да побегнат од немирите во своите земји.

„Годинава и порано почна раздвижувањето на бегалците, беше потопло зимава, па уште во февруари почнаа да минуваат покрај мојот прозорец. Криумчарите ги демнат, им се случува сè и сешто на патот. Тие кога ќе стигнат овде, кога ја минуваат Македонија, односно Велес, мојот крај, знаат да си поплачат и да се пожалат дека се нападнати и ограбени, се случува да дојдат со скршена рака или искршени заби. На овој дел од територијата, од Демир Капија па наваму веројатно постојат црни точки каде што ги демнат бегалците“, објаснува Здравкин.

Таа вели дека понекогаш се случува да поминат по двајца, понекогаш група од осуммина од Гевгелија до Табановце и на одмор за мала пауза да застанат во Велес. На месечно ниво во просек околу стотина луѓе пеш се движат од Гевгелија до Табановце, додава таа.

Од МВР соопштија дека во текот на април и мај годинава, спречени се вкупно 4.494 лица при обид за илегално преминување на границите со соседните земји.

„Од нив, најголем дел се спречени на границата со Република Грција или 4.194 обиди. Во истиот период, откриени се десет случаи во обид да бидат прокриумчарени 122 мигранти. Мерки на кривичен прогон се преземени против осум лица за сторени кривични дела „криумчарење на мигранти“, пишува во одговорот на МВР.

Во Прифатниот центар за странци во текот на април престојувале вкупно 22 лица, додека во текот на мај-19 лица. Според државјанство, најбројни се лицата од Пакистан, Авганистан и Сирија, велат од МВР.

Пред нешто повеќе од два месеца, стотици мигранти од бегалскиот камп во Солун се упатија кон границата со Република Северна Македонија, но надлежните посочија дека ситуацијата е под контрола и дека земјава е поподготвена да се справи со евентуален предизвик од нов бран на мигранти.

Македонската полиција ја следи ситуацијата на македонско-грчката граница, уверуваше првиот човек на полицијата, Оливер Спасовски по информациите дека стотици мигранти од бегалскиот камп во Солун се упатиле кон границата со Република Северна Македонија.

„Преку посебни планови веќе е зајакнато обезбедувањето на државната граница помеѓу Грција и Република Северна Македонија. Се работи за околу 1200 до 1500 мигранти, сега за сега колегите од Грција ја контролираат таа бројка, но секако дека ние имаме обврска да ја бидеме подготвени да ја штитиме границата и евентуалната можност да има влез во Република Северна Македонија“, изјави тогаш министерот Спасовски.

Сепак првиот човек на полицијата не ја исклучи можноста дека некои од мигрантите би сакале повторно да профункционира западнобалканската рута.

“Во овој дел ние соработуваме со „Фронтекс” и со државите од регионот и Европската Унија и ги следиме политиките на ЕУ во делот на справувањето со мигрантската криза и нормално дека сме подготвени да одговориме на секаков предизвик кој стои пред нас, рече министерот Спасовски, според кој трендот е зголемен, но заштитата на границата е добра. Тој потенцираше дека најголемиот дел од мигрантите преминуваат по друга рута, а не по таканаречената западно-балканска рута.

Според првиот човек пак на Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци МАРИ, Сашко Коцев, нема простор за загриженост од нов бегалски бран во земјава.

„Доколку споредиме со 2015 та година моите очекувања се дека тоа нема да се повтори. Прво, државите се многу поподготвени сега, постои голема поддршка од ЕУ во врска со справувањето со мигрантската криза, а би споменал и дека и на нашата јужна граница патролираат полицајци од повеќе европски држави заедно со македонските гранични полицајци и мислам дека за разлика од 2015 година Северна Македонија, но и целиот регион е далеку поподготвен за соодветен одговор доколку се појави нов бран на мигранти“, изјави неодамна Коцев.

Иницијативата МАРИ годинава одбележа 15 години постоење. Во оваа организација членуваат Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Во изминатиот период МАРИработеше на поддршка на учесничките во постигнување на европските стандарди во делот на миграциите, азилот и бегалците. МАРИ е поддржана од министерствата за внатрешни работи и безбедносните органи под чие покровителство е всушност формирана оваа иницијатива.

Минатата година, околу 16 900 мигранти се обиделе илегално да ја преминат нашата граница со Грција. Здравкин објаснува дека бегалците кои поминуваат покрај нејзиниот дом ѝ се жалат оти во грчките кампови повеќе нема место и дека мора да најдат начин да се снајдат.

„Бегалците кои пролетва минуваат низ земјава, ја пешачат и Грција како што пешачат и низ Македонија, знаеме дека Грција е полна со бегалци, и камповите веќе не можат да примат голем број на луѓе“, вели Здравкин.

Коментирајќи го интересот на мигрантите за Македонија, Смаиловиќ паквели дека никој од нив не останува повеќе од три месеци, а оти просекот на задржување е 10 дена. Од транзитните центри во Македонија овие луѓе одат во Србија или се обидуваат да влезат во БИХ, бидејќи таму има 6 илјади мигранти. Од таму преку Хрватска и Словенија тие се обидуваат да стигнат во земјите од Шенген зоната.

Смаиловиќ вели дека ја загрижува тоа што државата не презема обврски да ја подобри состојбата во дел од прифатните центри, каде што условите за живот се многу лоши.

„Најалармантна е состојбата во Центарот за странци во Гази Баба каде што од 2015 година со Народниот правобранител постојано потенциравме дека тој центар мора да се дислоцира. На многу лоша положба е, условите внатре се многу лоши, ние реновиравме еден дел, но сепак положбата е многу лоша. Потоа транзитно-прифатните центри во Гевгелија, Винојуг и Табановце се исто така од затворен тип, мигрантите не можат да излегуваат надвор, освен со придружба, тие се затворени таму и тоа за нив е трауматично и не знаеме до кога ќе функционираат тие кампови. Во Визбегово пак, можам да забележам многу подобрени услови, тој центар е од отворен тип, мигрантите зборуваат македонски, значи се интегрираат постепено, храната е подобрена, барем тој центар е добар“, вели Смаиловиќ.

Според податоците од чешката влада, односно на чешките полицајци во Гевгелија во соработка со меѓународните полициски сили, кои беа објавени по посетата на премиерот Андреј Бабиш на Македонија, откриени се речиси 15 илјади обиди за нелегално преминување на грчко-македонската граница.

„Би сакал да ѝ се заблагодарам на Македонија, сега Северна Македонија, за запирањето на нелегалната миграција, бидејќи всушност остана сама“, рече Бабиш, за време на неговата официјална посета во Скопје.

Според податоците од извештајот на Народниот правобранител од 2018 година, намален е интезитетот на бегалската криза. Во него се вели дека во 2018 година имаше зголемена нерегуларна миграција на територијата на Македонија, со зачестени случаи на неформално протерување и колективни депортации на бегалци и мигранти, недоволна информираност на задржаните бегалци во Прифатниот центар за странци во Гази Баба во однос на постапките во кои се вклучени, како и промени во правната рамка со донесување на новиот Закон за меѓународна и привремена заштита и Законот за странци.

Како забелешки се нотирани нерешавањето на проблемот со групни депортации кои МВР ги спроведува на границата со Грција и задржувањето на барателите на азил во Прифатниот центар за странци, кои,според Народниот правобранител, не се одвива по меѓународни стандарди.

Инаку, македонските граници ги обезбедуваат војници на АРМ и припадници на македонското МВР, како и полицајци од европските земји кои соработуваат со Македонија и припадници на Европската агенција за гранична и крајбрежна контрола – „Фронтекс“.

Според податоците од Меѓународната организација за миграции, во изминатата година околу 300 луѓе починале при обидите да стигнат до некоја од европските земји.

ОН: Над 70 милиони расселени луѓе во светот

И покрај популистичката реторика на Западот во врска со мигрантската криза, вистинската бегалска криза се случува во земји во развој, каде што се евидентирани над 70 милиони расселени луѓе кои бегаат од војни или од друг вид прогон, соопштија Обединетите нации.

„80% од бегалците, односно луѓето кои што ја напуштиле својата земја, се во соседните земји. Сум повторил повеќе пати, знаете, кога ќе кажете Европа има бегалска криза, или Соединетите Држави, Австралија. Не, повеќето бегалци се во земји до онаа каде шти има војна, а за несреќа, тоа се главно сиромашни земји. Таму е кризата, таму треба да се фокусираме“, изјави високиот комесар за бегалци на Обединетите нации, Филипо Гранди.

Половина од присилно расселените се деца, а вкупната бројка во 2018-та е највисока во последниве 70 години, или двојно поголема од пред 20 години, се истакнува во годишниот извештај на УНХЦР. Но, и овие бројки не се целосни, бидејќи, во нив не се вклучени околу 4 милиони Венецуелци, кои се расселиле од 2015-та, досега. Тоа е така поради тоа што на Венецуелците не им требаат визи, ниту пак да бараат азил, за да престојуваат во повеќето од соседните земји. Се проценува дека до крајот на годинава, ќе има вкупно 5 милиони бегалци од Венецуела.

„Сигурно е дека доколку нема политичко решение за ситуацијата во Венецуела, ќе гледаме продолжување на егзодусот. Знам дека владата на Венецуела тврди дека нашите бројки се преголеми, но тоа се податоци што ги добивме од владите во регионот“.

На Балканот, моментално најголем проблем со мигрантите има во Босна и Херцеговина. Околу 25 илјади луѓе од Азија и Северна Африка, во минатата година влегле во Босна од Србија и од Црна Гора. Над 6 илјади од нив се во околината на Бихаќ и Велика Кладуша, во близина на границата со Хрватска, надевајќи се дека ќе продолжат кон ЕУ. За да се тргнат од улиците, направен е импровизиран камп за бегалци, но тие не се задоволни со условите.

„Ова не е камп, ова се само шатори, нема услови, нема тоалет, нема храна, само леб“, се жалат мигрантите.

Таму, главно помага Црвениот крст.

„Секој ден е се подобро. Направивме камп со шатори од ништо и секојдневно се трудиме да создадеме подобри услови за мигрантите во овој реон“, вели Селам Миѓиќ секретар на локалниот Црвениот крст.

Голем број мигранти и натаму спијат на улици и во паркови или пак во напуштени објекти во некои од градовите во Босна.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG