Достапни линкови

Приказната со мигрантите не е завршена


Архивска фотографија: Мигранти во Табановце во 2015 година
Архивска фотографија: Мигранти во Табановце во 2015 година

Само во последниве два месеци МВР спречиле речиси 5 илјади обиди за нелегален влез на мигранти во земјава. Според активистите, околу стотина бегалци месечно пеш ја поминуваат македонската територија. Полицијата само минатата недела откри нелегален превоз на околу стотина мигранти.

Понекогаш со скршеници, а понекогаш ограбени, по стотици километри испешачени, уморни и во страв од криумчари во помали групи мигрантите и бегалците минуваат низ земјава.

„Годинава и порано почна раздвижувањето на бегалците, беше потопло зимава, па уште во февруари почнаа да минуваат покрај мојот прозорец“, вели Ленче Здравкин, која веќе со години во својот двор во Велес им помага на мигрантите и бегалците. Таа вели дека се намалува бројот на луѓе кои пеш покрај пругата се обидуваат да побегнат од немирите во своите земји.

„Криумчарите ги демнат, им се случува сè и сешто на патот. Тие кога ќе стигнат овде, кога ја минуваат Македонија, односно Велес, мојот крај, знаат да си поплачат и да се пожалат дека се нападнати и ограбени, се случува да дојдат со скршена рака или искршени заби. На овој дел од територијата, од Демир Капија па наваму веројатно постојат црни точки каде што ги демнат бегалците“, објаснува Здравкин.

Таа вели дека понекогаш се случува да поминат по двајца, понекогаш група од осуммина од Гевгелија до Табановце и на одмор за мала пауза да застанат во Велес. На месечно ниво во просек околу стотина луѓе пеш се движат од Гевгелија до Табановце, додава таа.

Министерството за внатрешни работи само во изминатава недела пронашло стотина мигранти кои со возила биле пренесувани од Гевгелија до Табановце. Според податоците од МВР во текот на април и мај годинава, спречени се вкупно 4.494 лица при обид за илегално преминување на границите со соседните земји.

„Од нив, најголем дел се спречени на границата со Република Грција или 4.194 обиди. Во истиот период, откриени се десет случаи во обид да бидат прокриумчарени 122 мигранти. Мерки на кривичен прогон се преземени против осум лица за сторени кривични дела „криумчарење на мигранти“, пишува во одговорот на МВР.

Во Прифатниот центар за странци во текот на април престојувале вкупно 22 лица, додека во текот на мај-19 лица. Според државјанство, најбројни се лицата од Пакистан, Авганистан и Сирија, велат од МВР.

Здравкин објаснува дека бегалците кои поминуваат покрај нејзиниот дом ѝ се жалат оти во грчките кампови повеќе нема место и дека мора да најдат начин да се снајдат.

„Бегалците кои пролетва минуваат низ земјава, ја пешачат и Грција како што пешачат и низ Македонија, знаеме дека Грција е полна со бегалци, и камповите веќе не можат да примат голем број на луѓе“, вели Здравкин.

Според податоците од УНХЦР, оваа година преку море во Грција пристигнале 10.700 бегалци, а 39 луѓе загинале пред да стигнат до брегот. Во грчките кампови се регистрирани околу 70 илјади мигранти. Според податоците од Меѓународната организација за миграции, во изминатата година околу 300 луѓе починале при обидите да стигнат до некоја од европските земји.

Според податоците од чешката влада, односно на чешките полицајци во Гевгелија во соработка со меѓународните полициски сили, кои беа објавени по посетата на премиерот Андреј Бабиш на Македонија, откриени се речиси 15 илјади обиди за нелегално преминување на грчко-македонската граница.

„Би сакал да ѝ се заблагодарам на Македонија, сега Северна Македонија, за всушност запирање на нелегалната миграција, бидејќи всушност остана сама“, рече тој.

Според податоците од извештајот на Народниот правобранител од 2018 година, намален е интезитетот на бегалската криза. Во него се вели дека во 2018 година имаше зголемена нерегуларна миграција на територијата на Македонија, со зачестени случаи на неформално протерување и колективни депортации на бегалци и мигранти, недоволна информираност на задржаните бегалци во Прифатниот центар за странци во Гази Баба во однос на постапките во кои се вклучени, како и промени во правната рамка со донесување на новиот Закон за меѓународна и привремена заштита и Законот за странци.

Како забелешки се нотирани нерешавањето на проблемот со групни депортации кои МВР ги спроведува на границата со Грција и задржувањето на барателите на азил во Прифатниот центар за странци, кои ,според Народниот правобранител, не се одвива по меѓународни стандарди.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG