Достапни линкови

Универзална сала – Никој не стигнал подалеку од проект


Универзална сала во Скопје
Универзална сала во Скопје

Само за проекти за Универзалната сала во Скопје досега се потрошени над 600 илјади евра, а сега се најавува нов.

Оние кои сакаа да ја уриваат сега „ронат солзи“ за Универзалната сала во Скопје. Оние кои во минатото ја спасуваа од уривање, сега велат дека си го отслужила своето. Во меѓувреме, главниот град пет години е без Универзална сала, која беше затворена во 2015 година откако падна дел од плафонот.

Град Скопје пред неколку дена објави конкурс за избор на идејно архитектонско и хортикултурно решение за отворена летна сцена со парк „Универзална“ на местото на кое сега се наоѓа салата. Во меѓувреме, градските власти ќе отворат дебата каде треба да се гради новата Универзална сала.

Одлуката, сепак, не е конечна. На крај може да се одлучи да нема парк, да се реконструира постојниот објект, да се гради нова сала на место на старата или да се гради нова на сосема нова локација.

Откако Град Скопје најави дека ја почнува постапката за изградба на нова Универзална сала, Асоцијацијата на архитекти предложи новата сала да се гради во близина на Спортскиот центар Борис Трајковски зашто постојната локација не е соодветна за толку голем објект. По бурните реакции во јавноста, од Асоцијацијата појаснија дека тие се за зачувување и реконструкција на Универзалната сала, а предлогот за нејзина „преселба“ го дале затоа што градот утврдил дека има потреба од поголема концертна сала.

Во јавноста се разви жестока дебата за уривањето на салата и преселувањето на нова локација. Од една страна се аргументите дека се работи за монтажен објект, кој не може да се прошири, се наоѓа во густо населен дел од градот, и поради тесните улици е тешко да се изведе пристап до подземен паркинг. При секој настан или концерт ќе се создава сообраќаен хаос во тој дел од градот.

Од друга страна, се работи за објект кој е симбол на постземјотресно Скопје. Универзалната сала е изградена со донации од 35 земји во светот како дел од обновата на градот по земјотресот од 1963 година. За многу граѓани таа има голема емотивна вредност.

Само проектите за Универзална досега чинат 600 илјади евра

Во меѓувреме, советничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје реагира дека скопскиот градоначалник „не само што гради ништо ново туку го руши и она кое некој друг го направил и го оставил на генерациите по него“.

„Со уривањето на Универзална Шилегов го урива и еден од симболите на солидарноста, од која се изгради постземјотресно Скопје“, стои во реакцијата на советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, идејата за уривање на Универзалната сала и изградба на нова беше донесена токму во време на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2013 година, тогашниот скопски градоначалник Коце Трајановски и министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска најавија конкурс за изградба за нов објект зашто старата Универзална сала е дотраена и не може да издржи доградба каква што е потребна.

„По опсежна анализа на стручни лица и на Градежниот факултет се утврди дека реконструкција на Универзална сала нема да реши некои битни прашања околу функционалноста на објектот, администрацијата и околу армирано-бетонската конструкција на објектот“, рече Трајановски на 15 март 2013 година.

Универзална сала во Скопје, идејно решение од 2013 година
Универзална сала во Скопје, идејно решение од 2013 година

Беше распишан конкурс на кој беше избрано идејно решение за нова Универзална сала во форма на јајце. Основниот проект за нова Универзална сала, кој во 2015 година го изработи Архи Груп План А, чинеше 400 илјади евра. Откако се утврди дека изградбата би била прескапа, тогашната власт за помалку од една година се пишмани и најави дека ќе го реконструира постојниот објект. Проектот за реконструкција кој го изработи Градежен институт Македонија чинеше 200 илјади евра, а реконструкцијата требаше да чини околу 15 милиони евра.

Откако власта се откажа од идејата за уривање на старата и градење нова сала, СДСМ реагираше дека „граѓаните од кои се исплаши Груевски ја спасија Универзалната сала“. СДСМ во 2017 година реагираше дека на граѓаните им е преку глава од лагите за Универзалната сала.

„Во 2013 година Канческа-Милевска и Трајаноски објавија дека не е возможна реконструкција и надградба и објектот треба да се урива, а сега најавуваат негова реконструкција. И тогаш и сега се плаќаат пари на граѓаните за идејни решенија, а од ветувањата нема ништо“, реагираше СДСМ на 29 март 2017 година.

Градоначалникот Петре Шилегов уште во предизборната програма во 2017 година ветуваше изградба на салата. Кон крајот на минатата година, тој најави распишување јавен оглас за изгледот на Универзалната сала, зашто досегашните проекти не се добри.

„Во Градот Скопје постојат два смешни проекти, едниот е она „јајце“ проект, што мислам дека беше дури и предмет на исмејување на нормалниот, демократскиот дел од јавноста и проектот проширување на постојната Универзална што чини околу 17 милиони евра, но ниту ќе го зголеми капацитетот, ниту ќе го зголеми квалитетот на Универзалната сала“, рече Шилегов на 16 декември 2019.

Универзалната сала во Скопје е пуштена во употреба во 1966 година. Таа е монтажен објект со сала со над 1500 седишта. Во изминатите 45 години таму се огранизирале над 5000 настани – концерти, театарски, оперски и балетски претстави кои ги проследиле скоро 7 милиони посетители.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG