Достапни линкови

Среќниот крај на младите белоглави мршојадци Сунчица и Светислав


Минатиот месец низ улиците на Берово граѓани најдоа паднати изнемоштени белоглави мршојадци. Младите птици Сунчица и Светислав во координирана акција меѓу здруженија и институции беа пренесени на рехабилитација во ЗОО Скопје. Во средата, од хранилиштето за мршојадци на Витачево управувано од здружението „Аквила“ во близина на Кавадарци, тие беа пуштени на слобода по целосно закрепнување, информираа од Македонското еколошко здружение.

„Ова е среќен расплет откако МЕД пред неколку недели доби повик од Здружението за заштита на животни „Про Анима“ од Берово за необична ситуација, односно во два наврати во градот беа пронајдени штотуку пролетани белоглави мршојадци кои не беа во состојба да летаат и талкаа во градот. Во координирана акција Македонското еколошко друштво заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за животна средина и просторно планирање птиците беа безбедно пренесени во Скопје каде што беше извршен ветеринарен преглед и птиците беа сместени во карантин во Зоолошката градина во Скопје со цел нивно опоравување и закрепнување. Откако беше констатирано дека мршојадците се во добра здравствена состојба и се способни да продолжат сами да се снаоѓаат во природата се пристапи кон акцијата за нивно враќање во природата“, известија од МЕД.

На птиците се поставени и уреди за лоцирање, преку кои МЕД ќе собираат податоци за научни цели. Белоглавите мршојадци се критично загрозен вид во нашата земја. Тие се заштитени со Законот за заштита на природата како и со Законот за ловство.

„Во моментов во земјата можат да се сретнат едвај 5 гнездечки пара па оттаму секоја спасена птица може да направи огромна разлика во опстанокот на овој вид во Македонија“, соопшти МЕД.

XS
SM
MD
LG