Достапни линкови

Слаби резултати од деценискиот обид за спречување на дискриминацијата


Претставници на стариот состав на Комисијата за заштита од дискриминација
Претставници на стариот состав на Комисијата за заштита од дискриминација

Додека во Собрание се одвива дебата за тоа како да се професионализира Комисијата за заштита од дискриминација - во земјава веќе две години не функцинира ова тело. Активистите за заштита на човекови права пак, велат дека во изминатава деценија нема ефикасна борбата против дискриминацијата

По рецептот за избор на членови на Антикорупциската комисија, невладините организации бараат да се изберат и членовите на Комисијата за заштита од дискриминација. Оваа комисија во мај 2019 остана без своите членови и повеќе од една година чека пратениците да се договорат кој ќе ги наследи. Во меѓувреме по изборите во Собранието се отвори дебата како да се бираат новите членови, по кој принцип да се избере професионална комисија која нема како претходните две да биде етикетирана во јавноста како партиска. Според мрежата за заштита од дискриминација, одбивањето на Владата во законот да го вметне предлогот на граѓанските организации за транспарентна и инклузивна постапка за избор на членовите на Комисијата, покажува дека има намера да назначува партиски кандидати во тело кое ,според закон, мора да биде независно, со што повторно ќе ги лиши граѓаните од ефикасна и ефективна заштита на нивните права.

Опозицијата бара построги критериуми во изборот на членовите на Комисијата за спречување на дискриминација, иако во изминативе денови почна расправата за повторно донесување на законот за заштита од дискриминација во Собранието, кој Уставниот суд го укина во мај годинава.

Професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања вели дека секоја институција вреди онолку колку што вредат луѓето во неа.
„Тоа значи за да може комисијата да работи како што треба е потребно да бидат поставени луѓе со големо искуство, независни од политичките субјекти и луѓе кои што би можеле да придонесат за нормативно подобрување на целокупната ситуација во државата, и дефинитивно доколку власта смета дека ова е еден од приоритетите, а би требало тоа да го мисли, тогаш би требало да се издвојат многу повеќе пари за да може да се обезбеди и стручна поддршка на Комисијата“ вели Најчевска.

Аналитичарот Џелал Незири вели дека политичките партии секогаш се борат за да наметнат нивни луѓе во таканаречените „независни тела“.

„Такви примери се и во новите состави на комисии и други тела кои по закон треба да се третираат како независни, но тие се плод на договарање меѓу политичките партии во Собранието, тие ги гласаат и за нив е потребно двотретинско мнозинство и тоа е шанса за секоја партија да вдоми политички кадар кој утре ќе биде наклонет кон нив, или да им служи за партиските интереси“, вели Незири.

Тој додава дека не треба да не чуди несериозниот однос на пратениците кон законот за заштита од дискриминација, затоа што и тој закон еднаш беше вратен од Уставниот суд поради недоследности. Незири посочува проблемот со законот беше нотиран и во извештајот од Европската Комисија каде се бара посериозен пристап кон спречувањето на дискриминацијата.

Пратениците глуви на барањата на невладините
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

Додека пратениците расправаат каде погрешиле претходните владејачки мнозинства, а каде грешат сегашните, освен до Народниот правобранител чии одлуки не се обврзувачки, граѓаните со години немаат во која институција да се пожалат на родова, сексуална , политичка или пак етничка дискриминација.
Најчевска вели дека последиците од недостатокот на едно вакво функционално тело во земјава со години се многу тажни.


„ Не е работата само во тоа дека луѓето не можат да ги заштитат своите права врз основа на претставки кои се однесуваат на индивидуални случаи и слично, работата е што во целиот овој период не се покрена свеста што е дискриминација, како да се избегне. Во многу ситуации имаме такво неразбирање на актот на дискриминација што покажува дека многу често таа се прави ненамерно“ вели Најчевска.

Деценија од почетокот на борбата против дискриминацијата - резултатите слаби


Според последниот извештај на мрежата за заштита од дискриминација за спроведувањето на законот од 2011 до 2018 година е наведено дека во првите години од формирањето на Комисија се бележи тренд на зголемување на претставките од 60 во 2011 до 120 во 2014, но по 2015 година нивниот број е во опаѓање поради недовербата во институциите. Најмалку претставки се поднесени во 2017 година кога до Комисијата биле доставени вкупно 59 жалби за веќе во 2018 година да се забележи пораст до 139 доставени претставки.

Итно да се донесе закон против дискриминација, бараат невладините


„Комисијата во текот на 2011 година примила 60 претставки, постапила по 34 од кои само во пет случаи по утврдување на фактичката состојба утврдила дека постои дискриминација. Ова е показател дека уште во првата година од постоењето на Комисија, еден од најголемите нејзини слабости и недостатоци, што ќе биде евидентирана и во годините што следуваат е постапувањето и одлучувањето по претставките во законски предвиден рок“ се вели во извештајот на мрежата за заштита од дискриминација.


Во поглед на основите, најголемиот дел од претставките кои пристигнале во Комисијата се врз основа на политичка припадност, потоа следуваат врз основа на етничка припадност, па личен и општествен статус, пол и телесна и ментална попреченост.
Во однос на областите во кои поднесувачите на претставките се пожалиле во изминативе години, во жалбите наведуваат дека се жртви на дискриминација во сегментот на работно односи, а потоа и во секторот на социјална сигурност, па правосудство и образование.

Во 2017 и 2018 година Комисијата за спречување на дискриминација во речиси 40 предмети вкупно. Најиндикативен пример е утврдената дискриминација во претставката на поранешниот премиер Никола Груевски кој во комисијата се жалел на дискриминирачки однос на судијката Добрила Кацарска во предметот на тогашното СЈО „Тенк“.


„Комисијата не само што утврди дискриминација без да ја образложи дискриминаторската основа (личен и семеен статус) и ја закажа седницата надвор од воспоставената практика туку на претставката на поранешниот премиер ѝ даде предност пред другите претставки за кои законскиот рок од три месеци е одамна истечен. Утврдувањето на дискриминација во случајот на поранешниот премиер е само уште еден показател за непрофесионалноста и пристрасноста на Комисијата, чиишто членови очигледно ја злоупотребуваат својата функција за да утврдуваат дискриминација кон своите политички истомисленици дури и во случаи каде што очигледно нема дискриминација“ се вели во извештајот на мрежата за заштита од дискриминација.


Најчевска потсетува дека претходните состави на Комисијата беше партиски детерминирана и не придонесоа за вистинска борба против дискриминацијата.
„И пополнета со кадри кои што во најголема мера немаа голем допир со дискриминацијата, го поминаа целиот свој век во членување на оваа комисија во разно разни обуки и семинари наместо во неа да членуваат луѓе кои веќе имаат неверојатно големо искуство“ објаснува Најчевска.

Мемети - Зголемен број поплаки за вознемирување на работното место


Првата комисија за заштита од дискриминација беше основана во 2011 година. Првата гарнитура на членови во комисијата доби мандат од 5 години кој што требаше да им истече во 2016 година, а на втората гарнитура со стапувањето на сила на новиот закон за спречување на дискриминација требаше да им престане мандатот до изборот на нивни заменици.

Опозицијата,пак, која според зборовите на власта досега ја кочеше работата на собраниската комисија која требаше досега да избере нови членови на комисијата за спречување на дискриминација, сега смета дека се неопходни построги критериуми во изборот на новите членови.

„ Се плашам од премногу моќ на едно место. Второ мислам дека критериумите за избор треба да бидат построги. Не е доволно за мене да напишете 240 кредити и седумгодишно иускуство во сферата на слободите и правата туку поконкретни критериуми. Постапката целосно се согласувам со НВО секоорт дека треба да биде поинаква. Би сакала профилот на Комисијата да личи на оној за изборот на Антикорупциската, односно да има повторно партнерство меѓу НВО и пратениците“ изјави пратеничката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и претседател на собраниската Комисија за еднаквост на жените и мажите Гордана Силјановска Давкова

Според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, со предложениот Закон, Комисијата за превенција и заштита од дискриминација ќе биде независно тело кое ќе го сочинуваат седум професионалци со седумгодишно искуство во сферата на човековите права и пет години искуство во делот на еднаквост и недискриминација. Ќе има сопствена буџетска независнот, а изборот на членови ќе биде на јавна расправа во Комисијата за избори и именувања,што значи, вели, јавноста ќе биде вклучена преку таа расправа.

Од невладината мрежа за заштита од дискриминација велат дека независноста на Комисијата за заштита и спречување на дискриминација е предуслов за градење на ефикасен и ефективен систем за недискриминација, меѓународен стандард и фундаментално барање на директивите на ЕУ. Тие предупредуваат дека на ваков начин земјава повторно ќе се соочи со критики од Европската Комисија и нема да се усогласи законодавството и практиките со правото на ЕУ.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG