Секој функционер со свои луѓе во кабинет - овој впечаток со години важи за македонските државни институции во кои се смета дека е нормално дел од вработените од претходната политичка опција да не се ангажираат, но да останат на своите работни места, а да се вработуваат нови за да ги вршат работите. Вообичаено оправдувањето е дека законот ги штити и не можат да бидат избркани, иако во дел случаи и одбиваат да работат.
Но, Драган Гоцевски, професор на правниот факултет Јустинијан Први вели дека постои начин и можност вработените во јавната администрација да бидат ангажирани и оценувани и врз основа на тоа да бидат задржани или да ги загубат работните места.
Тој вели дека тоа што недостасува во изјавите на функционерите се податоци кои би укажале на конкретен обем на работа со што би се утврдил колкав број на вработени им требаат. Врз основа на тој податок, вели Гоцевски, секој надлежен во јавната администрација може да подели конкретен број предмети на вработените и потоа да процени кој што работи и колку работници му требаат.
„Тие досега требаше да имаат спроведено, а и законот им наложува при нови вработување да се достави таканаречен годишен план на вработувања, а предуслов да се донесе годишен план на вработувања е да имаат спроведено функционална анализа. Во неа, пак, мора да има податок за обем на работа и колку таа работа се распределува соодветно на постојниот работен кадар ”, вели Гоцевски.
Темата околу потребата од ангажмани платени од државен буџет се наметна повторно деновиве откако премиерот Зоран Заев ја зголеми својата советничка листа за уште двајца нови советници со што бројот се искачи на 63 лица. Тој во рамки на владата има и 54 вработени во Канцеларијата на премиерот кои служат за да му бидат поддршка. Имињата на некои од редовните негови советници се наведени како вработени и во канцеларијата. Други 279 лица се вработени во генералниот секретаријат на владата и уште вработени под владата има и во двата секретаријата кои се водат како владини органи - секретаријатот за рамковен договор и за европски прашања.
Дополнително, под Владата е и Службата за општи и заеднички работи која има уште вработени. На интернет страницата на владата точни бројки со имиња, презимиња и контакти има од вработените во канцеларијата на премиерот и од вработените во генералниот секретаријат па ако се соберат испаѓа дека има 333 вработени во двата сегмента.
Но, ги нема вработените во СОЗР и двата секретаријата кои веројатно сериозно ќе ја зголемат оваа бројка. На пример во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор има вработено повеќе од 1000 луѓе кои не доаѓаат на работа, а земаат плата.
Во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава пак се наведува дека има добар напредок особено во спроведувањето на стратегијата за реформи во јавната администрација и зголемената транспаретност во развојот на политиките и координацијата.
„Направени се чекори за испитување на наводните политички назначувања, но како и да е, идни напори се потребни за да се зголеми одговорноста на администрацијата и да се спречи нејзината политизација. Од клучно значење и понатаму остануваат почитувањето на принципите на транспарентност, напредување според заслугата” , се наведува во извештајот.