Вратено е снабдувањето со струја на нуклеарната централа Запорожје., соопшти операторот на украинската електроенергетска мрежа во средата попладне.
Нуклеарната централа Запорожје претходно остана без струја поради гранатирањето.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), откако централата остана без струја по руските ракетни напади низ Украина во текот на ноќта, соопшти дека осум од 20-те дизел генератори во Запорожје обезбедуваат „суштинска“ енергија.
Во соопштението на МААЕ се вели дека другите генератори се во режим на подготвеност и дека има доволно дизел за 15 дена работа. Ова е прв пат централата да ја изгуби сета моќ од 23 ноември.
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси повторно предупреди за опасност.
„Секогаш кога играме со оган и ако дозволиме оваа ситуација да продолжи, еден ден среќата ќе ни го заврти грбот“, изјави Гроси пред Одборот на гувернери на МААЕ во Виена.
Тој апелираше до сите „да се посветат на заштитата на безбедноста“ на централата, со формирање посебна зона.
Руските сили напаѓаат цели ширум Украина, од Харкив на север, до Одеса на југ и Житомир на запад.
Во Харкив и Одеса се нападнати згради и критична инфраструктура, а прекинато е и снабдувањето со струја во неколку области. Беа пријавени и напади врз главниот град Киев.
На западот на земјата во Лвив загинаа најмалку четири лица.
Нападите доаѓаат во време на жестоки борби за градот Бахмут во источна Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин ја започна инвазијата пред нешто повеќе од една година. Оттогаш, десетици илјади борци и цивили се убиени или ранети, а милиони Украинци станаа бегалци.
Службите за итни случаи во Киев се на местото на експлозии во западните и јужните области на главниот град.
Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека во дворот на станбена зграда горат автомобили и ги повика луѓето да останат во засолништа.
„Четириесет проценти од Киев во моментов е без греење“, додаде Кличко.
При голем ракетен напад е погоден и енергетски објект во пристанишниот град Одеса, предизвикувајќи прекин на струја, изјави гувернерот Максим Марченко.
Погодени се и станбени области, но нема извештаи за жртви, додаде тој.
„Со околу 15 напади е погоден и градот Харкив и регионот, а на мета се и објекти од критичната инфраструктура и станбена зграда“, изјави шефот на регионалната администрација, Олег Синегубов.
На западот на Украина, најмалку четири лица загинаа во Лвив, откако нивната куќа била погодена со ракета, соопшти гувернерот на регионот Максим Козицки на Телеграм.
Едно лице загина, а две се повредени по напад со беспилотни летала и проектили во областа Днепропетровск, изјави гувернерот Серхи Лисак.
Погодени се и регионите Виница и Ривне на запад и Днипро и Полтава во центарот на земјата.
Директорката на американската Национална разузнавачка служба Аврил Хејнс во средата истакна дека Путин можеби планира да ја одолговлекува војната со години, но дека Русија не е доволно силна за да започне нови големи офанзиви оваа година.
„Војната во Украина стана тешка војна на исцрпување во која ниту една страна нема крајна воена предност“, изјави таа.
„Не предвидуваме дека руската војска ќе се опорави доволно оваа година за да оствари големи територијални придобивки, но Путин најверојатно смета дека времето е на негова страна и дека продолжувањето на војната, вклучително и потенцијалните паузи во борбите, може да биде најдобриот пат што му преостанува за конечно обезбедување на стратешките интереси на Русија во Украина, дури и ако тоа трае со години“, рече Хејнс.
Хејнс верува дека Русија би можела да се сврти кон одбрана на териториите што сега ги окупира, додавајќи дека ќе и треба дополнителна „задолжителна мобилизација и извори на муниција од трети страни“ за да го одржи нивото на воени операции во Украина.
Украинската војска соопшти дека ги одбила интензивните руски напади врз Бахмут, и покрај тврдењата на руските сили дека ја презеле контролата врз источниот дел на градот.