Достапни линкови

Ралповски - Наставник во основно мора да зема 37 илјади денари плата


Ралповски - „Неработна недела“ за манипулација на работниците
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:47 0:00

Ралповски - „Неработна недела“ за манипулација на работниците

Со покачувањето на минималната плата треба да се зголемат и останатите плати на вработените во однос на коефициентот на сложеност, вели Благоја Ралповски, претседател на Конфедерација на слободни синдикати (ККС). Ако минималната плата е 15000 денари, тогаш наставниците мора да земаат 37000 денари.

Господине Ралповски, Конфедерацијата на слободни синдикати се закани дека ќе ги искористи сите синдикални мерки против најавените мерки за невакцинираните во јавната администрација. Што конкретно планирате да преземете против ваквите најави?

Пред се мора да кажеме дека ова што го најави Министерството за здравство, односно министерот Венко Филипче е сосема неуставно и дискриминирачки. Не може вработените во јавниот сектор или кој било работник, со уцени да се тераат да се вакцинираат за да може да влезат на работно место. Тоа е забрането со Устав, забрането со закони, впрочем и во Европскиот совет, која е најстара европска институција донесоа резолуција во која кажаа дека вакцинирањето треба да биде доброволно. И сега наеднаш како гром од ведро небо доаѓа уцена до работниците коишто не се вакцинирани дека не може да одат на работа доколку не се вакцинирани. Работниците во јавниот сектор се најсиромашните работници, кажавме дека 70 - 80 илјади од тие работници земаат минимална плата и да ги оптоваруваме со ПЦР тестови за да можат да одат на работа, мислам дека не е ниту хумано, ниту човечки да се кршат основните човечки права и затоа ние велиме дека оваа мерка е радикална и доколку Владата ги усвои, ние ќе ги употребиме сите синдикални легитимни средства за да се спротивставиме на овие мерки, затоа што многу работници во јавниот сектор, нашите сознанија и претпоставка дека некаде околу 30 проценти не се вакцинирани, тие ќе останат без работа, но ние сме тука за да ги заштитиме и да ја спречиме оваа драконска мерка, оваа радикална мерка која ги крши сите човекови права.

Што значи тоа радикални синдикални мерки?

Можно е да отпочнат протести, можно е да отпочнат и штрајкови. Синдикатот е една организација која се заснова на солидарност. Тука верувајте дека и колегите коишто се вакцинирани се спротивставуваат на овие мерки, затоа што мислам дека е нехумано некого да тераме со сила да прави нешто што со закон не е одредено.

Дали би повикале вашето членство да се вакцинира, имајќи предвид дека тоа е бесплатната варијанта?

Јас сум вакциниран, јас немам фобија кон вакцините, но морам да кажам дека изборот за вакцинација, дали некој би се вакцинирал или не, тоа е негов слободен избор и затоа кажувам дека пред да стапат вакви мерки потребно е да се укаже, да се каже, да се стимулираат и да се едуцираат работниците зошто е потребна вакцинацијата.

Синдикалната потрошувачка кошничка покажува дека работничката плата не може да го следи растот на цените. Што е потребно да се направи веднаш пред да поскапи и струјата?

Точно е дека треба да се покачи минималната плата. Во Македонија некаде околу 110-120 илјади работници примаат минимална плата. Тоа се работниците од трудо-интензивните дејности и работниците во јавниот сектор. Додека во јавната администрација, административните службеници, пред се морам да кажам еден податок за да ви биде појасно како е поставена и која е структурата на вработени во јавниот сектор, на пример околу 130 илјади кои се под буџетот на Република Македонија, отприлика 48 отсто од вработените се со средно образование или пониско образование, тоа значи дека нивната плата според каталогот на работни места, систематизацијата и бодот којшто го одредува Владата е 13. 400 за помлад референт, до 16.600 за самостоен референт. Тука помеѓу имаме уште две категории – референт и виш референт. Доаѓаме до една ситуација каде што оваа група на работници станува социјална категорија, затоа што доаѓаме до категорија да добиваат минимална плата. Тука во оваа категорија спаѓа и помошно-техничкиот персонал како хигиеничари, курири, шофери итн. Понатаму во трудо-интензивните дејности има околу 20 илјади работници кои земаат минимална плата, и понатаму во јавните претпријатија, комуналните претпријатија, не зборуваме за Градот Скопје, туку оние што се формирани од општините низ внатрешноста или општините во Скопје, сите тие сезонски работници земаат минимална плата. Проблемот од каде доаѓа? Проблемот доаѓа од непочитувањето на Владата и на Министерството за труд и социјална политика на Законот за минимална плата. Законот предвидува, во членот 2, дека на секој работник основната плата мора да биде минимална, а во членот 8 вели дека доколку се покачи минималната плата треба да се усогласат колективните договори и платите на работниците. Ние излегувавме на улиците и баравме усогласување на платите согласно минималната плата. Ако еден наставник во основно образование, при основна плата со колективен договор додека беше 9.300, неговиот коефициент на сложеност е 2.503 и земал 20 илјади денари плата, сега доаѓаме до ситуација во која минималната плата треба да се поможи со тој коефициент и еден наставник да зема 37 илјади денари плата. Тоа важи и за административните службеници и за вработените во јавните претпријатија и за акционерските друштва коишто ги формираше државата, а верувајте никаде по вертикала не се усогласени платите. И доаѓаме до еден хаос на урамниловка кој државата го направи и сега не знае да го реши и бара помош од приватниот сектор за да се покачи минималната плата на 18 илјади денари. Ние велиме „да“ за да се покачи минималната плата, но државата треба да субвенционира на своите 70-80 илјади работници да им помогне за да може да го добијат она што го заработуваат. Но наместо тоа ние имаме еден фрапантен податок каде што во 2017 година сите вработени во јавниот сектор, тогаш бројката изнесувала 170 илјади, а во првиот квартал од 2021 бројката е 205 илјади. Ако разговараме дека три години се разговараше за функционална анализа и за трансфер од јавен во приватен сектор заклучете сами каков трансфер се случил во државата и кој е одговорен за платите и за сиромашните работници во државата.

Целото интервју со претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Благоја Ралповски може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG