Достапни линкови

Предрасудите - главни предизвици за бизнис жените од руралните средини


илустрација
илустрација

Во Македонија има жени кои водат успешни бизниси во руралните средини, но нивниот број е мал. Капацитет имаат, но предрасудите и традиционалното воспитување во тие средини ја попречуваат нивната амбиција да влезат во светот на бизнисот и да бидат рамноправни со мажите

Кога пред 11 години Живка Ѓурчиновска од селото Тумчевиште, Гостиварско му кажала на својот сопруг дека сака заеднички да го работат семејниот бизнис и таа самата да си заработува, реакцијата била очекувана, односно веста не била прифатена со одушевување.

„Живеам во мала средина кадешто владее патријархално воспитување, дека мажот е глава на семејството и тој донесува одлуки и располага со парите, а жената само треба да работи по дома и да ги чува децата. Кога решив самата да се погрижам за мојата економска стабилност, беше малку тензично. Мажот ми ми велеше, зошто ти треба ова, што ти фали, имаш се, ама јас не се откажав. Бев амбициозна и сакав сите да знаат дека можам и јас да водам бизнис и да заработувам чесно“, раскажува Ѓурчиновска.

Од производство на млеко и млечни производи, па до производство и обработка на поседи со лешници, оваа жена им докажала на своите соселани дека и жената може да биде подеднакво успешна како и нејзиниот сопруг. Иако пред многу години било незамисливо имотот да биде на име на жена, сега таа со гордост кажува дека конечно и таа е сопственик на земјиштето на кое произведуваат лешници.

Не толку далеку во истиот крај, во селото Беловиште успешно работи млечната индустрија за производство на моцарела и 20-тина видови кашкавал по италијанска лиценца и рецептура. Косопственик на оваа семејна фирма во која работат 13 лица е Г'зиме Фејзи.

Кога во 2003 година ја отворила фирмата, се соочила со дискриминација од соработниците кои биле само мажи.

„Имав работа само со мажи, фармери. Тие не можеа да сфатат како може една жена да биде на чело на едно производство. Замислете на почетокот не сакаа ниту да разговараат со мене. Не ми кажуваа ни добар ден, а поздаи мене ги слушав коментарите: Еј што направи Нагиб (мојот сопруг) ќе ја упропасти жената, кај се видело жена во бизнис?“, се сеќава Фејзи.

Предрасудите оделе дотаму што некои од фармерите не сакале ниту да го достават млекото, ако на работа била само Г'зиме и се враќале назад чекајќи да дојде нејзиниот сопруг за да ги испорачаат потребните количини на млеко.

Денеска Гзиме вели дека е ситуацијата подобра и дека е прифатена како речиси рамноправна во машкиот свет на бизнисот, но смета дека треба да се работи на натамошно зголемување на свеста за капацитетите и можностите кои жената од руралната средина може да ги понуди во земјоделскиот бизнис.

Дека учеството на жените во водењето на земјоделски бизниси и стопанства е многу понизок во споредба со учеството на мажите потврдуваат и од Националната федерација на фармери. Оттаму посочуваат дека дека само 5% од жените во руралните средини се сопственици на свој имот, но дека проблемот не е во законите туку во традиционалните норми кои се присутни во помалку развиените средини.

„Жените во руралните средини се соочуваат со голем број предизвици, пред се со дискриминација, недостапност со социјални, здравствени и образовни услуги, кои навистина се лимитирачки фактор, но од друга страна се и традиционалните норми и стереотипи кои исто така се еден предизвик за овие жени да можат да имаат свој развој, економско јакнење и поголема вклученост во делот на управување на земјоделските стопанства и бизниси“, вели Билјана Петровска Митревска од Националната федерација на фармери.

Според последните податоци 77 проценти од вработените во земјоделството имаат економски статус на неплатени семејни работници, а од нив 50 проценти се жени. Она што е потребно е да зајакне улогата на жената во руралната средина.

„Многу е важна инволвираноста на жената во обезбедувањето на храна и овој проблем не е само кај нас. Затоа треба да се работи на поголемо економско јакнење на жената за да се даде придонес во обезбедувањето храна, но и да се поттикне развојот на земјоделските стопанства. Треба да се зголеми соработката и промовирање на позитивни примери на родова рамноправност и еднаков пристап на мажите и жените за сопственост на земјоделски имот“, посочува Петровска-Митревска.

Неодамна Гоце Георгиевски, координатор на комисијата за родова еднаквост од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги потенцираше потребите од надминување, законски и инстутиционално но и во практика на сите проблеми врзани за статустот и функционирањето на жените во руралните средини.

„Треба веќе еднаш да се надминат сите замки и проблеми кои ја отежнуваат положбата на жените во руралните средини, а за тоа се потребни повеќе активности но и надминување на конкретните законски и институционалчни замки“, истакна Георгиевски на зум конференција посветена на оваа тема..

Една од главните активности во имплементирањето на националната програма за земјоделство и рурален развој е и пилот мерката 115, преку која министерството склучи договор со 250 жени за доделување на 3000 евра неповратен грант, а најавено е истиот да биде повисок и да изнесува од 6000 до 10 000 по апликант за наредните години.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG