На пазарот на трудот има недостаток на кадри со завршено тригодишно образование како што се заварувачи, автомеханичари, бравари и друг вид на работници. До Средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ во Битола, каде постои паралелка за тригодишно образование, секојдневно стигаат барања од фирми за вработување на ваков квалификуван кадар, но тие не можат да испорачаат поголем број на завршени средношколци. За да се зголеми бројот неопходно е да се мотивираат што повеќе ученици да го продолжат образованието на ваквите тригодишни занимања. Но, најмногу млади битолчани средното образование го продолжуваат во гимназијата, средното медицинско училиште, како и четиригодишните паралелки во Техничкото училиште.
„Сакам медицина, од секогаш ме интересирале медицинските науки и се запишав на тоа по своја волја.“
„Се запишав на медицина зашто ја сакам таа наука и да се занимавам со хумана дејност.“
„Се одлучив за гимназијата зашто таму можам да осознаам многу повеќе за природните науки.“
„Се запишав на природно-математички смер.“
„Моето образование ќе го продолжам во Техничкото училишта зашто ме интересира техниката“, велат младите битолчани.
Со задолжителното средно образование и отворањето на факултети во повеќе населени места преку дисперзираните студии, сè помалку средношколци се одлучуваат да учат занаети и да бидат мајстори.
„Градот и државата имаат недостиг од занимањата кои се основни за функционирањето на општеството воопшто. Ние ги нудиме сите кадри од електро-машинска струка, но она што е најголем недостиг се тригодишните занимања како заварувачи, автомеханичари“, вели Владимир Роме, директор на Средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ од Битола.
Фирмите во Битола во континуитет побаруваат квалификувани работници, само што училиштето не може да ги понуди во доволен број.
„Ние можеме да одговориме во целост за да ги образуваме, оти училиштето е подготвено со машинска работилница која може да ја покрие комплетно практичната настава. Ние од тука вадиме ученици кои се директно подготвени да влезат на пазарот на трудот. До нас постојано доаѓаат барања од фирмите во градот кои бараат веднаш да вработат по 10 до 15 ученици, но за жал го немаме тој капацитет. Тригодишното образование не е нешто од кое треба да се срамат, со тоа ќе си го обезбедат животот за во иднина, вработувањата им се обезбедени, а потоа можат да се надоградуваат и во четиригодишно образование“, додава Роме.
Според него, неопходно е да се најдат механизми за мотивација на ученици за ваквите образовни програми.
„Досега само Министерството за образование е подготвено и од оваа година дава стипендии. Компаниите бараат ученици, но не се подготвени да соработуваат со нас. Сакаат само готов кадар, а не и соработка со нас да го крениме образованието на повисоко ниво“, додаде Роме.
Годинава тригодишното образование е стипендирано од Министерството за образование и наука за секој ученик по 3500 денари месечно.
„Министерството годинава, без да го проценува успехот на учениците запишани во тригодишните паралелки, дозволи секој ученик да добива по 3.500 денари месечно како мотивација, а во дадени општини се склучија и договори со компании кои ги стипендираат овие ученици“, рече министерката за образование Мила Царовска.