Достапни линкови

Слободни работни места има, но, нема квалификувани работници


Градежни работници, градилиште
Градежни работници, градилиште

Има потреба од квалификувани работници, но, повеќето си заминаа во странство во потрага по подобар живот. Проблемот, според аналитичари, е односот на работодавачите и платите кои ги нудат. Работодавачите велат дека таква е структурата на нашето стопанство.

Над 7000 слободни работни места има во моментов според податоците на Агенцијата за вработување, а поради ковид кризата отпуштени биле 16.817 лица. Се бараат работници од најразлични професии од електро техничар, автомеханичар, брокер, меѓународен возач, менаџер за увоз и извоз до продавачи, шанкери, доставувачи и секретари.

Се повеќе има потреба од работници затоа што поголем број од луѓето на прво место го ставија своето достоинство отколку потценувањето на работодавачите со ниски плати и пари на рака, вели економскиот аналитичар Арбен Халили, кој беше и директор на Технолошко индустриската развојна зона во Тетово.

„Така што недостигот на работната сила е присутен, поради флуктацијата и одливот на мозоци, посебно занаетчиите си отидоа од земјата заради подобар и квалитетен живот, секако и поголема плата. Од земјата си одат и доктори и професори, кој како може да се снајде и тоа не се случува само поради ниските плати, туку поради некој подостоинствен живот. За жал кај нас до пред две, три години работодавците на некој начин ги уценуваа работниците и нормално тие се обидоа и си најдоа начин како да живеат достоинствен живот“, вели Халили.

Проблемот со се помалку квалификувани работници беше присутен и пред ковид кризата, а во изминатиот период не беше толку алармантен затоа што компаниите имаа намалени економски активности. Но, по завршување на кризата тој пак ќе удри со целата негова жестина, вели Претседателот на организацијата на работодавачи, Ангел Димитров.

„Во суштина, станува збор за еден голем расчекор помеѓу понудата на работна сила и побарувачката на работна сила. Значи побарувачката на работна сила ја прави структурата на нашето стопанството. Какви дејности имаме такви работници бараме. Додека факултетите и средните училишта квалификуваат какви желби имаат учениците и студентите, а не какви потреби има стопанството“, вели Димитров.

Од ССМ пред некој ден соопштија дека предупредиле дека по завршување на здравствената криза, повторно ќе биде голема побарувачката за работна сила, но доколку односот од страна на работодавачите спрема работниците е лош, тогаш работниците со сигурност нема да се вратат на работа и својата егзистенција ќе ја бараат во некоја од европските земји, што, според синдикатот и денес е случај. Според ССМ, некои од работодавачите ја злоупотребиле финансиска помош која ја добиваа од државата.

„Најмногу поплаки од страна на работниците или околу 40 отсто од обезбедената правна помош за 80.000 работници од страна на ССМ во време на пандемија, беше поради неисплаќање на плати или незаконско исплаќање на плати, па се покажа дека поради таквиот однос на работодавачите, денес кога потребата и побарувачката од работна сила е зголемена, работници нема, а работниците наместо да ја градат македонската економија, ќе ја градат економијата на некоја друга држава“, велат од ССМ.

Од ССМ додаваат и дека слободни работни места не се пополнуваат, бидејќи се нудат ниски плати.

Сега доаѓа моментот кога работодавците се соочуваат со криза на квалификувана работна сила, од една страна, а од друга државата потфрли со тоа што финансиската помош за невработени ја зголеми, но, не ги обврза луѓето да научат некој занает, смета Халили.

„Јас сум убеден дека тие луѓе ако условно кажано присилно се тераат, односно се условуваат со добивањето на финансиската помош да си учат занаети за неколку месеци тие ќе бидат квалификувани и спремни за пазарот на труд и нема да бидат на товар на државата“, посочува Халили.

Работниците си заминуваат бидејќи стандардот и заработувачката е подобра отколку кај нас, но за жал структурата на нашето стопанство се уште е со ниска додадена вредност и со трудоинтензивни дејности кои не може да дадат повисоки плати, смета Димитров.

„За жал ние не создаваме пропулзивни дејности кои ќе даваат поголеми плати. Значи платата зависи од тоа колку компанијата ствара додадена вредност. Ако компанијата остварува многу ниска додадена вредност таа не може да исплаќа големи плати. Ние многу малку ја променивме структурата на стопанството“, порачува Димитров.

Последните податоци на Агенцијата за вработување покажуваат дека во државата има 140.674 невработени. Додека пак бројката на други лица кои бараат работа изнесува 56.668.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG