Достапни линкови

Со штрајк ќе се одглавува неработната недела во Собранието


Илустрација: Скопје сити мол
Илустрација: Скопје сити мол

ССМ предупредува дека ако законот за неработна недела не се донесе за еден месец, ќе повикаат на генерален штрајк. Законот е заглавен во собраниските процедури. Според него, недела треба да биде неработна за 90 отсто работници, а тие што ќе работат да добиваат за 50-100 отсто повисока дневница.

Ветениот закон за неработна или платена недела шест месеци е заглавен во Собранието. Ако не се донесе за еден месец, Сојузот на синдикати се закани со генерален штрајк. Тие сметаат дека законите за работничките права треба да бидат приоритет.

Опозицијата веќе со месеци тврди дека со предложеното решение ништо нема да се промени, туку напротив ќе се зголеми бројот на отпуштени работници. Власта, пак, уверува дека новото парламентарно мнозинство е на повидок и оти законот ќе биде донесен.

Сојузот на синдикати на Македонија е свесен за политичката состојба во земјата, но смета дека со неизгласувањето на законот свесно им се прави директна штета на работниците. Претседателот на ССМ Дарко Димовски потсетува дека законот требаше да стапи во сила до 1 октомври и оти нивното трпение е при крај. Тој вели дека измените се усогласени со социјалните партнери, односно со работодавачите и со владата и пратениците треба само да го изгласаат.

„Гледаме дека пратениците не се сериозни. Со нивното неизгласување за измени на членот од Законот за работни односи за недела да стане неработен ден, ни прават огромна штета на нас работниците, бидејќи 90 отсто од работниците треба да одмараат во недела, а другите 10 проценти треба да бидат минимум за 50 отсто повеќе платени од обичен ден во неделата“, вели Димовски.

Законот беше донесен во прво читање во јули годинава, но во второ читање заглави во собраниската комисија за труд и социјала. Комисијата одржа една седница во јули, а седницата во септември воопшто не почна поради несогласувања меѓу пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата. Опозициските пратеници бараа да дебатират за „Информација за реализација на набавката, изградба и пуштање во употреба на модуларните болници“ по пожарот кој што го зафати тетовската модуларна болница во која загинаа 14 луѓе. По кавгата меѓу пратениците, претседателот на Комисијата Хусни Исмаили ја прекина седницата, а потоа Собранието не работеше поради кампањата за локалните избори.

Министерството за труд и социјала реагираше дека пратениците од опозицијата ја кочат собраниската процедура.

Исмаили вели дека проблемот не е до него, туку до СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„Тие самите се виновни. Тие се караат меѓу себе, јас не се карам со нив“, рече тој во септември.

Сега, пак, е неизвесно дали во парламентот воопшто има мнозинство за да се донесе законот. По излегувањето на Беса од владината коалиција, сега и мнозинството и опозицијата во Парламентот имаат по 60 пратеници.

Претставници на власта уверуваат дека владиното мнозинство ќе се зголеми и оти законите ќе бидат донесени.

„Демократскиот блок, преку зголемено, стабилно парламентарно мнозинство предводено од СДСМ во периодот пред нас треба да ги донесе законите кои се во интерес на граѓаните и државата. Минимална плата од 18.000 денари, недела неработен ден, отпис на каматите за долгови, Законот за служба во Армијата, како и законските измени кои обезбедуваат трајно вработување на 4.700 наставници во основните и средни училишта се дел од законите кои опозицијата ги кочи а кои се важни за граѓаните“, рече пратеничката Марија Георгиевска од СДСМ.

Според анализите на Министерството за труд и социјала, со измените недела ќе стане неработен ден за 92 отсто од работниците, а ќе може да работат 42 дејности каде работниот процес не може да биде прекинат. Со законските измени се предвидува повисока дневница за 100 отсто за продавачите во моловите, но и за 50 отсто во дејностите каде не смее да се прекинува работата, плус еден слободен ден во текот на работната седмица.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG