Достапни линкови

Пресуда за случајот „организатори на 27 април“


Обвинети за организирање на насилниот упад во Собрание на 27 април
Обвинети за организирање на насилниот упад во Собрание на 27 април

Кривичниот суд денеска ќе ја соопшти пресудата за обвинетите поранешни функционери за организирање на насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година.

Кој го нарача и кој го спроведе насилниот упад во Собранието на 27 април. На ова прашање конечен одговор денеска ќе даде Основниот суд Скопје 1 со читање на пресудата. За Обвинителството виновни се лицата кои, како што наведува, од паравоениот штаб на осмиот кат во партиската зграда на ВМРО-ДПМНЕ ги издавале командите за неделување на полицијата, но и за активностите на напаѓачите.

Обвинети во овој предмет се поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за труд и социјална политика Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Според обвинението, тие се товарат за кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Пред четири години крвавите настани на 27 април се случија откако поддржувачите на „За заедничка Македонија“ упаднаа во Собранието, откако тогаш опозициската СДСМ заедно со ДУИ, Алијанса за Албанците и Беса го формираа парламентарното мнозинство и го избраа Талат Џафери за собраниски спикер, по што следеше упадот. При упадот во Собранието, дел од толпата физички се пресмета со некои пратеници на СДСМ и други партии и посериозно беа повредени Зијадин Села, Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Дамјан Манчевски, а во метежот беа повредени и новинари и сниматели во Парламентот.

Во своите завршни зборови обвинителката Вилма Русковска истакна дека Велјановски имал задача по секоја цена да спречи избор на нов претседател на Собранието на 27 април 2017 година.

„Улогата на обвинетите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски била да ги организираат протестите „За заедничка Македонија”, додека улогата на обвинетиот Владимир Атанасовски била да укаже поддршка со акти на насилство и да се спречи изборот на претседател на Собранието“, рече обвинителката Русковска во судницата.

Одбраната не се согласува со таквото гледање на настаните. Според неа, на 27 април 2017 година имало насилство, но не и загрозување на безбедноста. Во судницата обвинетите тврдеа дека се невини, дека кривичното дело за кое им се суди се базира само врз исказ на сведокот во оваа и осуден во претходна постапка, Александар Василевски Нинџа.

Според сведочењето на Нинџа, кога ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира влада, на 27 февруари минатата година „од кулоарите на ВМРО“ излегол проектот „За заедничка Македонија“ со „фиктивни водачи“.

Тој во судницата рече дека неполн час пред упадот во Собранието во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ бил одржан состанок на „парамилитарниот, односно командно-оперативен штаб“ во состав Билјана Бришковска – Бошковски, Спиро Ристевски, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски и Митко Чавков, а подоцна дошол и директорот на УБК, Владимир Атанасовски.

Нив во обвинението за „Организатори на 27 април“ им се става на товар дека ланецот на командување на МВР и хиерархијата од полициско командување се префрлени на партиско- полициски структури и служби и дека во тој миг МВР останало обезглавено и дека партискиот врв, односно одредени луѓе од партискиот врв ја презеле командата над МВР, но и врз извршителите на нападот кои со фантомки на главата го извршија нападот во прес салата на Собранието.

Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој е еден од обвинетите за организирање на насилните настани на 27 април 2017 во Собранието, бараше од Судот да му дозволи да сведочи пред полиграф за да ја увери јавноста дека не е виновен за „крвавиот четврток“.
Јанакиески во судницата тврдеше дека само така може да му покаже на Судот дека е лажно сведочењето на Нинџа со кое го посочува Јанакиески како организатор и дека дава насоки кои луѓе да влезат во Собранието.

Поранешниот министер за образование Спиро Ристовски пак, во своите излагања во судот вели дека е чудно и несфатливо како го поврзале со случајот и дека освен со обвинетиот Миле Јанакиески, за кој рече дека имал приватна комуникација, со другите обвинети Ристовски посочи дека имал исклучително службен контакт.

Од Обвинителството по исказот на Нинца посочија дека во однос на приведувањето на поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, му претходеа три лица кои дале еднаков и релевантен исказ кој бил потврден и со други искази, и затоа за него е така постапено.

Инаку, во претходен друг судски процес за изршување на насилниот упад во Собранието осудени беа 16 луѓе на затворски казни од по над десет години, односно вкупно 211 години затвор за кривично дело терористичко загрозување на државниот поредок.

Дванаесет обвинети, меѓу кои и тогашните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, добија амнестија. Дел од нив подоцна гласаа за промена на името во Северна Македонија.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG