Достапни линкови

Судот не го пушти, иако за Обвинителството не беше Мијалков роден за тие пусти притвори


Полициско спроведување на Сашо Мијалков
Полициско спроведување на Сашо Мијалков

Обвинителството смета дека не беше Мијалков роден за тие пусти притвори, но судот не ја прифати гаранцијата од 11 милиони евра дека нема да бега и одлучи тој да остане во притвор во Шутка. Граѓаните прашуваат од каде му на државен службеник 11 милиони евра.

Судот одлучи поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков да остане во притвор и покрај паричната гаранција од скоро 11 милиони евра со која бараше да се брани од слобода. Обвинителството претходно ја прифати гаранцијата и се согласи дека „не беше Мијалков роден за тие пусти притвори“.

Во два различни процеси Мијалков е првостепено осуден на вкупна казна од 20 години затвор, а додека се чека правосилност на пресудата тој е во притвор поради опасност од бегство.

Дел од граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека притворот не е укинат по жестоката реакција во јавноста.

Други, пак, сè уште сметаат дека има договор меѓу Мијалков и власта, но само се чека погоден момент за негово пуштање.

Трети помалку потсмешливо прашуваат од каде му 11 милиони евра на државен службеник со плата од 1000 евра, па прецизно пресметуваат дека ако воопшто не трошел би му требале 916 години за да ги заработи тие пари.

Четврти инсистираат тој да биде пуштен да избега, а државата да ја добие најголемата инвестиција.

Други, пак, со иронични забелешки ја коментираат понудената сума. Кој како си ја наредил.

Некои иронично забележуваат дека за парите прашуваат само оние кои не знаат да штедат.

Кривичниот совет во Основниот кривичен суд во Скопје, одби да ја замени мерката притвор со понудената парична гаранција од 10,8 милиони евра, иако обвинителството ја прифати кауцијата. Мијалков има рок од три дена да ја обжали оваа одлука пред Апелациониот суд.

Во случајот Трезор за набавка на опрема за следење на електронски комуникации Мијалков е осуден во првостепена постапка на осум години затвор. Одделно, за случајот „Таргет – Тврдина“ за нелегалното прислушување, тој е првостепено осуден на 12 години казна затвор, а против него се водат и други постапки.

На 22 февруари му беше определен притвор на Мијалков, но тој „исчезна“ и 24 часа беше недостапен за полицијата у судот. Потоа сам се појави со образложение дека не избегал, туку имал симптоми на коронавирус и затоа се самоизолирал.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG