Достапни линкови

Вести

По 16 дена потрага во Србија уапсен серискиот силувач Нинослав Јовановиќ

Илустрација
Илустрација

Во Србија е уапсен Нинослав Јовановиќ, познат како „Малчанскиот берберин“, кој е осомничен за киднапирање на дванаесетгодишната Моника Каримановиќ, потврдија во Вишото јавно обвинителство во Ниш.

Потрагата по Јовановиќ траеше од 20 декември, кога ја киднапираше и Моника Каримановиќ. По десетневна потрага таа беше пронајдена, а полицијата по него трагаше до денеска. Јовановиќ е уапсен од полицијата, по пријава, на Малчанските гробишта, каде се криел деновиве.

Тој претходно беше осуден на 12 години затвор за шишање и силување 12-годишно девојче, а во 90-тите години исто бил осуден за силување на 10 години затвор.

Јовановиќ по издржувањето на казната беше ослободен на 18 март оваа година.

Во моментов во Србија има запишано 306 лица во Регистарот на педофили. Тоа се лица кои се конечно осудени за некое од кривичните дела против сексуалната слобода врз малолетни лица, на кои се применува „Законот на Марија“, донесен во 2013 година.

види ги сите денешни вести

Николоски: Проверени над 600 лиценци за градење, 97 ќе бидат одземени

Александар Николоски, министер за транспорт и врски / архивска фотографија
Александар Николоски, министер за транспорт и врски / архивска фотографија

Од издадени околу 1.100 лиценци согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање, Министерството за транспорт досега извршило контрола на 643 при што кај 97 е констатирано дека по издавањето на лиценците, правните лица престанале да ги исполнуваат законските услови врз основа на кои се издадени. За ова, денеска (21 март) информираше министерот за транспорт Александар Николоски.

На денешната прес конференција тој рече дека ќе бидат донесени решенија за одземање на овие лиценци. Додаде и дека до вторник ке бидат проверени сите издадени лиценци.

„На 13 правни лица одземена им е лиценца А за изведувач на градби од прва категорија, на 34 правни лица одземена им е лиценца Б за изведувач на градби од втора категорија, на две правни лица одземена им е лиценца А за надзор над изградбата на градби од прва категорија“, рече Николоски.

Тој посочи и дека на шест правни лица одземена им е лиценца Б за надзор над изградбата на градби од втора категорија, на три правни лица одземена им е лиценца А за проектирање на градби од прва категорија, на 20 правни лица одземена им е лиценца Б за проектирање на градби од втора категорија.

Ресорниот министер информираше и дека на две правни лица одземена им е лиценца Б ревизија на проектна документација на градби од втора категорија.

Освен тоа, на едно правно лице одземена му е лиценца за управител за одржување на објекти од прва и втора категорија, а на 16 правни лица одземена им е лиценца за изработка на урбанистички планови.

Целиот извештај, ќе биде доставен до органите на прогонот.

Според Николоски, паралелно е почната постапката за контрола и на сите издадени лиценци и овластувања во делот на патен превоз.

„Министерството во моментов спроведува контрола на сите лиценци издадени согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање. Законите за контрола не се јасни и не се исклучиви и затоа контролата сега се прави врз основа на политичка одлука. По завршувањето на постапките ќе следат законски измени со кои ќе има обврска на секои шест месеци да се врши контрола на сѐ што е издадено од страна на институциите“, рече Николоски.

Ќе се прави ревизија на законите

Тој нагласи дека идејата е да се направи поголема ревизија на постојните законски решенија за да се спречи нивната злоупотреба. Како што кажа, ќе поднесат законски измени со кои ќе побараат веднаш да се одзема лиценцата, а жалбата да не го одлага извршувањето.

Тој истакна дека Министерството за транспорт нема надлежности за објектот на клубот „Пулс“, кој е од Б категорија, зашто после донесувањето на Законот за децентрализација Министерството е надлежно само за објекти од А категорија.

„Објектот е изграден во 1999 година според важечки план во рамки на општина Кочани. Изграден е како лесна незагадувачка индустрија и одреден период се користи како фабрика за текстил, а потоа како магацин. Потоа е дограден еден дел од околу 50-тина квадратни метри кој е легализиран во 2011 година согласно Законот за легализација на бесправно изградени објекти и е приклучен на постојниот објект. Тоа значи дека се е испочитувано од аспект на урбанистичко планирање, рече Николоски одговарајќи на новинарско прашање.

Проблемот, како што кажа, настанува во оној момент кога почнуваат адаптации и реконструкции на објектот во внатрешноста без никакво одобрение од никого и дополнително е ставен печат од лице кое или не видело што се случува таму или видело но го игнорирало.

Тој појасни дека согласно актуелниот закон, Министерството за економија по службена должност требало во рок од три работни дена да ги провери исказите во изјавата на поднесувачот на барањето за лиценца дека објектот ги задоволува сите пропишани одредби.

„Сметам дека ваквиот закон не е добар и мора да се смени. Мора да има многу појасна и многу поголема контрола од ова што е сега напишано. Сега е оставено на широко толкување – некој дава заверена изјава на нотар дека сѐ е во ред, а некој службеник од Министерството за економија после тоа по службена должност прибавува документи и за жал ни се случи ова што ни се случи“, нагласи Николоски

Тој порача дека Државниот пазарен инспекторат нема ни капацитет ни знаење да навлегува во сите аспекти на функционалноста на некој објект и токму затоа дел од законските измени ќе одат во таа насока.



Турција ја прошири забраната за протести поради притворот на Имамоглу

илустрација
илустрација

Гувернерите на турскиот главен град Анкара и третата по големина провинција Измир денеска (21 март) ги забранија демонстрациите до 25 март, додека продолжуваат протестите против притворањето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу. Ова значи дека забраната сега е во сила во најголемите три турски градови, вклучувајќи го и Истанбул.

Гувернерот на Истанбул во средата веќе воведе забрана за демонстрации, собири и покривање вести за таа тема до недела. Потегот доаѓа откако Републиканската народна партија (ЦХП) на Имамоглу повика на протести низ целата земја, пркосејќи на забраната за демонстрации. Доцна во четвртокот избија судири меѓу демонстрантите и полицијата во неколку турски градови.

Имамоглу, клучниот ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган, беше приведен во средата поради обвинувања за корупција и тероризам. ЦХП се подготвуваше да го именува за свој претседателски кандидат во недела и рече дека ќе продолжи со гласањето.

Во задушувањето на протестите поради притворот, турските власти приведоа 54 лица, објави владата во петокот.

„Вкупно 326 профили се под истрага за објави за поттикнување омраза и охрабрување криминални дејствија“, напиша турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на платформата на социјалните мрежи X.

Во четвртокот Јерликаја рече дека се приведени 37 корисници. Одделно, властите поднесоа кривични пријави против 53 демонстранти кои се приклучиле на протестите. Според државната новинска агенција Анадолу, досега се приведени 88 од 105 барани, заедно со Имамоглу.

Обвиненијата за корупција против Имамоглу вклучуваат измама, местење понуди и мито. Притворот на градоначалникот на Истанбул предизвика домашни и меѓународни критики. Уште не се знае дали и кога Имамоглу, кој моментално се наоѓа во седиштето на полицијата во Истанбул, ќе се соочи со судење.

Обвинителите тврдат дека Имамоглу, во координација со прокурдската партија ДЕМ, ангажирал градски функционери поврзани со забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК)- која е наведена како терористичка организација од Турција и нејзините западни сојузници.

Неколку градоначалници на ДЕМ и некои ЦХП неодамна беа разрешени поради слични наводи за врски со ПКК.

Доколку Имамоглу биде осуден за тероризам, турската влада би можела да го замени со функционер поврзан со владата. Во 2019 година, за прв пат во 25 години, исламските конзервативци во Турција ја загубија контролата над главниот град Анкара. Имамоглу беше реизбран за градоначалник на Истанбул на изборите во 2024 година.

Вучиќ вели дека „на Србија и е доста од оние кои ја тероризираат“ и дека „мора да се спротивстави“

Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека „на Србија и е доста од оние кои ја тероризираат четири месеци“, додавајќи дека мора да направат се за да се избегне насилство, но и да се спротивстават на оние кои ја „уништуваат и уриваат“ земјата.

„Врие во Србија, буквално врие, само тие тоа не го гледаат. На Србија и е доста од оние кои ја тероризираат четири месеци. И ние мора да направиме сѐ за да го избегнеме насилството и да се спротивставиме на оние кои ја уриваат и уништуваат нашата земја“, рече Вучиќ во видео-обраќање на својот Инстаграм профил.

Тој додаде дека затоа „во најкраток можен период“ ќе ги повика луѓето на мирен и достоинствен начин да демонстрираат дека сакаат „слободна Србија“.

По смртта на 15 лица при уривање на настрешница во Нови Сад на 1 ноември, следеа низа протести и блокади, предводени од студентите, кои повеќе од три месеци ги блокираат факултетите, инсистирајќи на одговорност за несреќата.

Поддршка во нивните барања добија од просветните работници, земјоделците, адвокатите и голем број граѓани.

Ноќта меѓу четвртокот и петокот (20 и 21 март), студентите го блокираа депото на Градското сообраќајно претпријатие (ГСП) во Нов Белград, поради што, како што наведуваат од ГСП, утрово на градските улици не излегле 150 автобуси и 130 трамваи.

Десетмина од повредените во пожарот во Кочани ќе бидат пуштени на домашно лекување

Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“
Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“

Десет повредедни лица во пожарот во Кочани кои се хоспитализирани во македонските болници денеска (21 март) ќе бидат испишани и пуштени на домашно лекување, објави министерот за здравство, Арбен Таравари на прес-конференција пред Ургентниот центар.

„Еден ќе биде испишан од Клиничката болница во Штип, еден од Детска хирургија, еден од Торакална и пет од приватните клиники „Систина“ и „Жан Митрев“. Во моментот на лекување се 162 пациенти од кои 47 во домашните болници, а 115 во странство“. Освен едно лице во Турција, кое е во многу сериозна состојба и неколку во покритична состојба, сите останати се во стабилна состојба“, изјави Таравари.

Таравари додаде дека веќе нема да има праќање на пациенти на лекување во странство, туку од наредната недела се очекува дел од нив да почнат да се враќаат во Македонија.

Во странство, како што соопшти Таравари се лекуваат 115 лица од кои, во Србија -30, во Бугарија-15, Грција-12, Турција -12, Шпанија-7, во Австрија-5, во Унгарија-6, во Хрватска-5, Словенија-4, Литванија-4, Белгија-4, Италија-4, Шведска-4, Полска-двајца пациенти.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени. Починатите, кои се на возраст од 16 до 48 години, вчера беа погребани во Кочани, Штип, Струмица и Скопје.

Советот за безбедност на ОН ќе одржи седница за израелските напади врз Западниот Брег

илустрација
илустрација

Советот за безбедност на Обединетите Нации ќе одржи седница втор ден по ред за палестинските територии, овојпат фокусирајќи се на повеќемесечните напади на Израел врз окупираниот Западен Брег.

На седницата на Советот што се одржа вчера (20 март) стана збор за ситуацијата во Газа. Заменик-рускиот амбасадор во ОН, Дмитри Полиански ги критикуваше израелските лидери дека не преминале на втората фаза од договорот за прекин на огнот, која предвидува ослободување на сите затвореници и траен прекин на борбите.

Тој рече дека е тешко да се разговара за иднината кога се чини дека израелските воени и политички лидери донеле одлука во корист на војна.

Британскиот заменик - амбасадор Џејмс Кариуки го осуди „предупредувањето на израелскиот министер за одбрана Израел Кац за целосно уништување на Газа“.

„Велика Британија повикува на повторно пружање помош на Газа, истрага за наводите за сексуално и родово насилство врз палестинските затвореници од страна на израелските сили и итно враќање на договорот за прекин на огнот“, рече Кариуки.

Во меѓувреме, најмалку 85 Палестинци биле убиени ширум Газа во текот на ноќта, со што бројот на загинати откако Израел го прекрши примирјето со Хамас се зголемил на речиси 600, соопштија локалните здравствени власти. Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.

Во текот на ноќта, во напад на семејна куќа во близина на градот Кан Јунис загинале најмалку 16 лица, главно жени и деца. Министерството за здравство на Газа соопшти дека најмалку 592 лица биле убиени во израелските напади во изминатите неколку дена.

Отворена истражна постапка против 27 физички и 3 правни лица во врска со пожарот во Кочани

Судот во Кочани
Судот во Кочани

Основното јавно обвинителство Кочани во текот на ноќта донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица во врска со катастрофалниот пожар во Кочани, информираат од Јавното обвинителство на РСМ.

Деталите за истрагата, осомничените и предложените мерки за обезбедување, како што е најавено, ќе бидат соопштени денеска напладне на прес-конференција пред зградата на ОЈО Кочани.

Основниот суд во Кочани, претходно донесе решение со кое се определува 30-дневен притвор за 13 лица меѓу кои и министерот за економија Крешник Бектеши. За уште шест осомничени, на кои претходно исто така им беше определен краткотраен притвор од 48 часа, судот ќе одлучува во текот на денот.

Обвинителството и полицијата синоќа (20 март) спроведоа акција за приведување на лица за кои постои сомнение за инволвираност во пожарот, за што Јавното обвинителство најави дека денеска ќе информира. Со истражните активности до пред приведувањето на тројцата поранешни градоначалници беа опфатени 28 лица.

Веќе е отворена истрага и е определен 30-дневен притвор за седум службени лица, вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани, кои се осомнични дека како соизвршители, изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа. Трајковски.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени. Починатите, кои се на возраст од 16 до 48 години, вчера беа погребани во Кочани, Штип, Струмица и Скопје.

По две години војна, суданската армија повторно ја зазеде претседателската палата

илустрација
илустрација

Суданската армија повторно ја зазеде претседателската палата во Картум од ривалските паравоени Сили за брза поддршка, соопштија воените лидери.

Видеото и фотографиите објавени на социјалните мрежи и потврдени од Би-Би-Си покажуваат радосни војници како мавтаат со пиштоли, навиваат и клекнуваат да се молат.

Се чини дека армијата е подготвена да ја врати контролата врз главниот град две години откако беше исфрлена од нејзините паравоени ривали, познати како РСФ, јави Би-Би-Си.

Паравоената група сè уште не коментирала.

Набил Абдалах, портпаролот на армијата, на државната телевизија изјави дека војската ја презела контролата врз палатата и зградите на министерствата во центарот на Картум.

„Нашите сили целосно ги уништија борците и опремата на непријателот и запленија големо количество опрема и оружје“, додаде Абдала.

Картум е местото каде што почна бруталната граѓанска војна во земјата пред речиси две години и каде се водеа некои од најголемите битки.

РСФ го држеа најголемиот дел од главниот град, како и западниот дел на Судан од почетокот на војната. Враќањето на Картум би било огромна победа за суданските вооружени сили и клучен момент во конфликтот. Армијата, исто така, оствари придобивки во делови од централен Судан во последните недели.

Очевидци вчера (20 март)пријавија експлозии од напади со дронови и воздушни напади во близина на Републиканската палата.

На видео снимка во саботата, командантот на РСФ Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти, вети дека ќе ја брани претседателската палата и околните области кои се под контрола на неговата паравоена група. Тој се закани со дополнителни напади во неколку северни градови.

Неколку мировни напори пропаднаа бидејќи ривалските сили рекоа дека ќе продолжат со борбата за контрола на стратешките области. Војната ја предизвика најголемата хуманитарна криза во светот, според ОН, при што и РСФ и армијата се обвинети за кршење на човековите права.

Голем пожар во трафостаница во близина на Лондон

Пожар во трафостаницата во Хејс, Лондон, 20 март 2025
Пожар во трафостаницата во Хејс, Лондон, 20 март 2025

Десет противпожарни возила и околу 70 пожарникари се борат со пожар во трафостаница во Хејс, кој е дел од Лондон.

Половина од трансформаторите во трафостаницата сè уште горат.

Помошникот командант Пат Гулбурн рече дека ова е многу голем инцидент, а пожарникари неуморно работат во тешки услови за да го стават пожарот под контрола што е можно побрзо.

„Пожарот предизвика прекин на електричната енергија во голем број домови и локални бизниси. Пожарникарите евакуираа 29 лица од соседните имоти и беше воспоставен кордон од 200 метри како мерка на претпазливост, при што беа евакуирани околу 150 луѓе. Поради големиот чад, ги советуваме жителите да ги држат прозорците и вратите затворени. Операторите во контролниот центар примија повеќе од 200 повици и даваат клучни упатства и ја смируваат јавноста. Ова ќе биде долготраен инцидент. Како што влегуваме во утрото, се очекува потешкотиите да се зголемат, па ги повикуваме луѓето да ја избегнуваат областа ако е можно“, додаде тој.

Пожарникарите биле повикани во 23:23 часот, а екипите од Хејс, Хитроу, Хилингдон, Саутхол и околните противпожарни станици биле испратени на местото на настанот.

Макрон најави нов самит за Украина следната недела

Францускиот претседател Емануел Макрон
Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон најави нов самит на земји кои се подготвени да помогнат во гарантирањето на евентуалниот мировен договор меѓу Украина и Русија.

По самитот на лидерите на земјите од Европската унија вчера во Брисел, Макрон најави дека следниот четврток во Париз ќе се одржи нов самит за Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да присуствува, рече Макрон.

„Ќе ја финализираме нашата работа за поддршка на украинската армија и ќе изградиме одржлив и отпорен воен модел за да ги спречиме идните руски инвазии. Ние, исто така, ќе ги дефинираме безбедносните гаранции што можат да ги обезбедат европските сили. Ние сакаме да го заштитиме мирот“, напиша Макрон на X.

Макрон рече дека на Украина и е потребна веродостојна поддршка за да се осигура дека секој можен прекин на огнот ќе се одржи. Тоа би ја зајакнало и нејзината позиција во можните преговори.

Состанокот во Париз има за цел да се надоврзе на напредокот постигнат на разговорите на воено ниво вчера во Лондон. На нив присуствуваа претставници на повеќе од дваесетина европски и неевропски земји.

Макрон и британскиот премиер Кир Стармер ја предводат иницијативата за формирање на таканаречена „коалиција на подготвените“, која би била составена од нации подготвени да понудат војници или поддршка на мировните сили во случај да се постигне мировен договор за запирање на војната меѓу Русија и Украина, која трае повеќе од три години, потсетува ДПА.

Досега во дискусиите беа вклучени не само лидерите на земјите од НАТО и ЕУ, туку и претставници од други земји, вклучувајќи ги Австралија и Нов Зеланд.

Дискусиите вклучуваат прашања и дали и под кои услови европските сили би можеле да придонесат за обезбедување прекин на огнот.

Велика Британија и Франција во принцип ја покажаа својата отвореност за испраќање копнени трупи во Украина. Сепак, тие инсистираат на вклучување на САД во случај на ескалација. Австралискиот премиер Ентони Албанез изјави дека и неговата земја размислува да испрати војници.

Нови приведувања за пожарот во Кочани

Опожарената дискотека „Пулс“ во Кочани, 17.03.2025
Опожарената дискотека „Пулс“ во Кочани, 17.03.2025

Нова акција за приведување инволвирани во истрагата за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани има доцна вечерва, потврдуваат од обвинителството и од МВР за Радио Слободна Европа.

„Во тек е акција на полициски екипи по наредба на Основното јавно обвинителство Кочани, а во врска со постапката за пожарот во клубот "Пулс". Акцијата за приведување лица за кои постои сомнение за инволвираност ќе трае во текот на ноќта, а повеќе информации обвинителството ќе соопшти по завршување на акцијата во текот на утрешниот ден“, велат од двете институции.

Кочани се прости од младите жртви од пожарот
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

No media source currently available

0:00 1:36 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

РСЕ од извори од истрагата дознава дека акцијата за приведување се уште трае, а меѓу уапсените се актуелниот и двајца поранешни градоначалници на Кочани.

Инаку актуелниот градоначалник Љупчо Папазов, веќе беше повикан на информативен разговор, но по тоа беше пуштен. Во исто време тој на социјалните мрежи објави дека си дава неотповиклива оставка.

Полицијата и обвинителството влегоа и во општинската зграда и запленија документација.

Во пожарот загинаа 59 млади, а 173 се на лекување.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG