Достапни линкови

Повисока инфлација-без паника, ама на штрек


Економските аналитичари велат дека во моментот нема потреба од паника за влијанието на инфлацијата врз натамошните поскапувањата на производите. Сепак додаваат дека состојбата треба будно да се следи и ако има потреба да се реагира со соодветни мерки

Растот на цените на енергенсите само ги потврди очекувањата на економските експерти дека стапката на инфлација во земјава најверојатно ќе биде повисока од проектираната стапка од 2,3 отсто. И официјално гувернерката на Народната Банка Анита Бежовска изјави дека со оглед на движењето на цените на храната и на енергенсите, најверојатно ќе биде направена умерена нагорна ревизија на инфлацијата со следните макроекономски проекции, но дека сепак, не станува збор за раст на цени кој е алармантен.

Од НБРМ додаваат дека засега се очекува инфлацијата да остане во умерени рамки, како што предвидува и Меѓународниот монетарен фонд.

Благица Петрески од Институтот за економија „Фајнанс тинк“ вели дека во моментот нема потреба од паника за влијанието на инфлацијата на натамошни поскапувања.

„Во моментот не треба да генерираме било какви други мерки, затоа што во еден дел овие инфлаторни притисоци ќе бидат привремени, а што ќе се случува понатаму со електричната енергија чија цена расте тука треба да се следи будно ситуацијата и соодветно да преземеме мерки. Не треба да преземаме никакви други мерки затоа што на тој начин повторно ги креираме тие инфлаторни очекувања, а од друга страна секогаш зборуваме дека порастот на платите треба да ја следи продуктивноста така што во моментот сметам дека треба да ги следиме факторите кој влијаат и соодветно на нив да преземаме мерки,“ вели Петрески.

Поскапувањата на производите се резултат на зголемените цени на енергенсите, особено на цената на струјата и затоа според неа на краток рок државата треба да интервенира само во однос на домашното производство на електрична енергија.

„Ние веќе долго време каскаме со таа зелена агенда и досега не сме направиле никакви чекори за инстантно да го зголемиме производството на струјата од обновливи извори. Значи ние треба на среден рок такви структурни прашања да решаваме и да го зголемиме и производството и од таков тип на електрична енергија, но на краток рок е да се обидеме оние потенцијали кои постојат во земјата како РЕК Битола на пример да ги искористиме максимално за да ги зголемиме понудата на електрична енергија и домашното производство“, вели Петрески.

Професорот Алаудин Зекири од Тетовскиот Универзитет вели дека во моментот имаме умерена инфлација, која НБ со помош на монетарните инструменти ја држи под контрола.

„Најголемиот двигател на зголемувањето на инфлацијата се глобалните цени. Ако продолжи да расте цената на струјата и во последниот квартал на 2021 година, тогаш веќе ќе имаме пореметување на енергетските биланси во земјата и во регионот. Кога ќе покапи електричната енергија која што е основниот инпут во производството, тогаш се пореметуваат и понатамошните текови на макроекономската стабилност. Во исто време имаме и пораст и на сите репроматеријали во градежништвото и пораст на потрошувачката кошничка“, вели професорот Зекири.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи неодамна изјави дека стапката на инфлација е во рамки на проектираното и стабилна со можни мали поместувања.

„Владата во соработка со приватниот сектор будно ќе ги следи состојбите и ќе интервенира онаму каде што е најнеопходно за да нема драстични поскапувања на прехранбените производи“, рече Битиќи.

Според некои аналитичари пак индексот на цените на мало е сериозен сигнал дека тука треба внимателно да се дизајнираат политиките, затоа што тоа удира директно на потрошувачката кошничка, која доминантно е од прехранбени производи, што не е нешто нестандардно кај земјите во развој.

Обично прехранбените производи во таа кошничка учествуваат до 40 отсто, а растот на цените на основните прехранбени производи почнувајќи од жито, леб, млеко, масло и другите прехранбени производи, ќе биде особено тежок удар за семејствата кои се социјално загрозени.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика во септември годинава во одноос на истиот месец лани, трошоците на живот пораснале за 3,7 отсто, што всушност покажува колку изнесува годишната стапка на инфлација. Кај цените на мало годишниот раст е дури 5,6 проценти.

Најголемиот пораст кај храната и безалкохолните пијалоци всушност го прават маслата и мастите, односно малсото за јадење, каде поскапувањето е за дури 26,7 отсто, како и она кај зеленчукот, каде што зголемувањето е за 17,6 проценти во однос на истиот месец лани. Позначаен пораст од 3,9 отсто има кај шеќерот, медот, џемот, чоколадата и кондиторските производи. Кај лебот и житата растот е за 1,2 отсто, кај млекото, сирењето и јајцата растот е за 1,1 отсто, додека кај месото поскапувањето е за 1 процент. Огромен пораст од 15,7 отсто е забележан кај трошоците за транспорт.

И на зелените пазари сè е покачено, а во споредба со лани, цените на некои земјоделски производи се двојно зголемени.Па така компирот и зелката се продаваат по 40 денари за килограм, доматите од 60 до 80 денари, пиперот од 50 до 70 денари, кромидот 30 денари за килограм. Продавачите на пазарот велат дека поради зголемените цени се забележува и намалена побарувачка на производите.

Во меѓувреме инфлацијата расте и во европските земји. Во еврозоната се искачи на највисоко ниво во последните 13 години. Германија забележува највисока стапка на инфлација од 1993 навака. Упатените велат дека глобалната финансиска криза и последиците кои таа ги носи се прелеваат и кај нас затоа што ние сме многу зависни од Европа и од аспект на извозната компонента, но уште повеќе од увозната компонента.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG